Фото: Маја Јаневска-Илиева

Властите во Косово речиси секоја година, без некаква посебна причина, на своја рака, го блокираат увозот на стоки и продукти од Македонија. Според економските експерти, со овој чин Косово ги прекршува правилата за трговија што се наложени од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), а истовремено никој од меѓународната заедница не ја санкционира Приштина во намерите

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД КОСОВСКИТЕ БЛОКАДИ НА МАКЕДОНСКИОТ ИЗВОЗ

Последната трговска блокада со враќањето на македонското брашно од границите кон Косово е само продолжение на серијалот неразбирливи економски сопки и опструкции што Косово изминативе години ги прави кон Македонија, нанесувајќи ѝ голема штета на нашата држава. Која е заднината на ваквите случувања и зошто се атакува и урива македонската економија од страна на соседот? Последната блокада на извозот на македонски мелничарски производи во Косово е под изговор дека нивото на железо и фолна киселина во нашето брашно е под пропишаниот правилник. Претходно вакво несакано случување имаше во 2018 година, кога соседот воведе дополнителни царини врз македонските производи, од чии мерки тогаш најмногу беа оштетени домашните земјоделски производители. Пред неколку години Приштина воведе целосно ембарго за сите македонски производи, по што како контраодговор од македонска страна беше воведување давачки за секој патник и автомобил што од Косово влегува во Македонија.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите на Државниот завод за статистика за периодот јануари – март 2021 година, според кои вкупниот обем на надворешнотрговската размена Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина, и тоа без некаков застој и пречки од страна на светските и регионалните економски сили. Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во овој периодот изнесува 1.661.216 илјади евра и бележи пораст од 18,0 проценти во однос на истиот период од претходната година.
Според информациите на Стопанската комора, лани извозот на македонско брашно на Косово на годишно ниво изнесувал 4.400 тони, а во 2019 година изнесувал 8.400 тони. Извозот на македонско брашно на Косово е минимум 600 тони месечно, а изминативе денови биле вратени најмалку 300 тони брашно.

Во меѓувреме, професорите и познавачите на состојбите со кои се консултиравме велат дека оваа последна трговска блокада на Косово е производ на локални косовски економски интереси, а сето тоа е несериозен чин од нашиот сосед, со кој им се нанесува штета на севкупните економски релации меѓу двете земји.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека ова последно случување со Косово, во кое без некаква сериозна причина се блокира извозот на македонски продукти е крајно несериозен чин и истовремено, за жал, е форма на една лоша традиција што ние ја имаме со оваа соседна земја.
– Властите во Косово си имаат навика, без некаква особено издржана причина, на своја рака, да го блокираат увозот на економските добра и продукти од нивното соседство. Така е со Македонија речиси секоја година, а слично искуство имаат и другите косовски соседи, особено Србија – вели професорот.
Според Узунов, со овој чин Косово ги прекршува правилата за трговија што се наложени од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), а истовремено и никој од меѓународната заедница не ја санкционира Приштина во намерите.
– Косово ги прекршува правилата на ЦЕФТА секоја година, па тоа го стори дури и во времето кога оваа земја беше претседавач со организацијата – вели Узунов.
Според професорот, заднината на овие случувања лежи во (не)сериозноста на нашиот сосед да го коригира ова свое однесување, кое најчесто и нема длабоки економски заднини, туку е моментален чин.
Според Узунов, во конкретниот случај со нашите мелничарски производи, увозот не смее нагло да се забрани дури и во момент кога има сомнение за присуство на одредени материи во производите.

– Според правилата, ако Косово навистина регистрира нешто во производите што пристигнуваат од Македонија, треба да ги информира нашите власти, па да се поведе истрага, па да има сознанија, па дури тогаш евентуално може да се разговара за привремено стопирање на некој производ. Но во никој случај тоа не може да се направи на начинот на кој Косово го прави тоа сега и на начинот на кој оваа земја во минатото ги нарушувала релациите со Македонија – вели Узунов.
Професорот предлага оние што раководат со нашата држава да почнат сериозно да ги дисциплинираат дејствувањата на економските власти во Косово и да воведат реципроцитет на сѐ што стигнува од нашиот сосед во Македонија.
Горан Малишиќ, претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, вели дека за ваквиот проблем веднаш биле известени Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Тој истакнува дека мелничарите дури побарале и итна средба со надлежните.
– Сакаме да ги известиме јавноста, земјоделците и Владата дека како извозници на брашно се соочуваме со измислена, вештачка блокада од страна на Косово повеќе од 25 дена. Веќе 15 и повеќе години извезуваме брашно во Косово по нивните критериуми без проблеми. Како извозници правиме анализи на брашното во нашите акредитирани лаборатории, за да провериме дали ги исполнуваме условите, како и од официјални причини за извоз, односно за да добиеме сертификат за потекло и квалитет за извоз на брашното. Во последните денови, Косово ни ги враќа камионите под изговор дека нивото на железо и фолна киселина е под пропишаниот правилник, иако и пред испораката и по враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималното утврдено количество на железо и фолна киселина – нагласува Малишиќ.

Мелничката индустрија апелира до Владата одговорните министерства и државни агенции веднаш да го решат проблемот со извозот, како и неконкурентниот и неконтролиран увоз на брашно со околните држави што се потписнички на ЦЕФТА и со соседите што се членки на ЕУ.
– Ако не можат, тогаш нека спроведат соодветен реципроцитет. Изгледа дека само ние ги почитуваме протоколите на ЦЕФТА, а домашното преработувачко производство во изминатите 15 години се намали за најмалку 60 отсто. Апелираме дека е крајно време да се преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство и преработка. Во спротивно, ќе се соочиме со енормно зголемување на цените на брашното и лебот како основни суровини од пченицата, која, пак, е заштитена со закон како стратегиска култура, кој закон ниту еден државник не го почитува од 2000 година наваму – предупредуваат мелничарите.

Според Малишиќ, сите членки на ЦЕФТА на најразлични начини го блокираат увозот на брашно како стратегиски државен производ.
– Албанија ги има зголемено критериумите на протеин во брашното, со што е невозможно да го произведеш во балкански услови освен ако користиш најквалитетна пченица, која, пак, пченица во наши услови е поскапа од брашното кај нас или кај нив. Косово, пак, со правилник за дополнителни количества железо и фолна киселина. Во Србија производителите и преработувачите на пченица се поддржани со најразлични субвенции, со што цената на брашното е речиси иста како цената на пченицата, иако во ЦЕФТА-комитетот постои оддел за антидампинг-цени – вели претседателот на групацијата.

[email protected]