Фото: Архива

Редица настани од последната собраниска седница фрлија темна дамка за капацитетите на парламентарната демократија во Македонија. Наедно, доведени се во прашање и кредибилитетот и интегритетот на законодавниот дом и на пратениците. Во продолжение и најеклатантните примери што ги доведуват до апсурд политичкиот систем, Уставот и законите

Куриозитети а ла македонски парламент

Сашо Таневски
Последните случувања во македонското собрание уште еднаш покажаа дека законодавниот дом е и место каде што се случуваат чудни појави што немаат никакви допирни точки со парламентарната демократија.
Куриозитетите од типот обраќање на пратеници преку Фејсбук наместо од собраниска говорница, бесконечни паузи, бегање на пратеници од седница, исчезнување на пратеник, вмешување на меѓународната заедница во внатрешните работи на државата се случувале и порано, но се чини дека завчера испливаа на површина сета нефункционалност на македонското собрание и неговиот разнишан кредибилитет како дом на демократијата. Во целата оваа ситуација најмалку е важно дали интерпелацијата успеала или не, дали некој некого политички изиграл или надмудрил, дали победиле „прогресивците“ или оние што влечат „назад“, туку дека сите се соочивме со поразувачкиот факт на нарушен дигнитет, интегритет на институциите при што македонските граѓани во Собранието сѐ помалку гледаат како на највисока државна институција што треба да ги заштитува интересите на државата и граѓаните, и сѐ повеќе се сомневаат дека тоа се претвора во еден голем „театар на парадокси и апсурди“. Притоа сите овие куриозитети што се случија во и околу собранискиот дом и се поврзани со седницата што беше на дневен ред, немаат никакви допирни точки со нашите заложби за евроинтеграција и се на штета на државата и граѓаните.


Мистериозно исчезнување на пратеник

Посебна мистерија предизвика во јавноста исчезнувањето на пратеникот Кастриот Реџепи, но уште повеќе загрижува тоа што неговото исчезнување мораше да го пријави во полиција неговата матична партија, откако освен со пратеникот, не можеле да стапат во контакт ниту со неговото семејство. Кога еден пратеник ќе го снема во државата, кој патем ужива пратенички имунитет, тоа е индикатор дека можеби е загрозена неговата безбедност. Истовремено, неговото исчезнување може да се толкува и како директна повреда на неколку илјади гласа на луѓето што го избрале. Ова е загрижувачки куриозитет што може во иднина да стане практика кога ќе се носат клучни одлуки, односно самите пратеници ќе станат нечии заложници плашејќи се слободно да ја изразат својата волја, но и волјата на гласачите што ги поддржале. По исчезнувањето на Кастриот Реџепи во четвртокот, се наметнува и дилемата дали отсега натаму пред домовите на секој пратеник пред носењето клучни одлуки ќе мора да стражари полиција за да не се отвораат сомнежи за можни исчезнувања, киднапирања или притисоци за промена на мислењето.
– Веруваме и убедени сме дека ова видео е направено под присила бидејќи е направено во моментот кога јас одам во полиција да пријавам. Ако пратеникот бил слободен доброволно на некоја позиција требало да ги информираат органите на редот, а не мене да ми кажуваат од полиција дека „да, знаеме каде е пратеникот“ – изјави Билал Касами, лидер на Беса од чии редови е исчезнатиот пратеник.
Политикологот Владимир Божиновски не исклучува можност во исчезнувањето на Кастриот Реџепи да има некој друг вмешано прсти, додавајќи дека работите можеби ќе се разјаснат во следните денови.


Фејсбук-парламентарци

Еден од куриозитетите што во четвртокот посебно дојде до израз, тоа е објавата на исчезнатиот пратеник Кастриот Реџепи преку Фејсбук, кој одбра да комуницира со јавноста преку социјални платформи наместо преку собраниската говорница, за што е избран. Тоа самото по себе е парадокс. Имено, пратеник изгласан од неколку илјади граѓани има обврска да ги застапува нивните интереси и своите ставови да ги соопштува од собраниската говорница или во собранискиот прес-центар, каде што тие изјави имаат посебна тежина. На овој начин неговата објава на Фејсбук нема тежина бидејќи социјалната мрежа не е местото каде што се води парламентарна дебата. Втор момент при ваквите изјави и обраќања преку социјалните мрежи е тоа што никој не може да утврди дали некоја изјава е дадена доброволно и под присила, односно дали и утре не може да се случи други пратеници мистериозно да ги снема и подоцна да даваат изјави за клучни случувања во државата преку Фејсбук.
Политикологот Владимир Божиновски смета дека пратениците треба своите одлуки да ги соопштуваат во Собранието.
– Ако пратеникот Кастриот Реџепи се премислил, ќе беше многу поедноставно да дојде во Собранието и да каже дека се премислил или дека мисли оти не е во ред да падне Владата, но да го направи тоа во Собранието. Со ваквиот чин, тој дополнително ја девалвира самата институција пратеник, како и самото Собрание – вели Божиновски.
Политичкиот аналитичар Сашо Клековски се согласува дека пратениците треба да излезат пред јавноста и да го образложат својот став за некоја одлука.
– Сметам дека е ред пратеникот да излезе во јавност и да го брани личниот став. Кастриот Реџепи го познавам над 20 години и непријатно сум изненаден дека тој постапи вака бидејќи остава простор да се сомневаме во доблесноста и искреноста на овој став – додава Клековски.


Вмешување на меѓународната заедница

Настаните од четвртокот и изјавите што ги даваа одредени политичари истакнаа уште еден куриозитет што може да биде исклучително опасен. Имено, во фејсбук-статусот на Кастриот Реџепи тој наведува дека главна причина за тој да се повлече од иницијативата за гласање недоверба на Владата биле сугестиите што ги добил од високи дипломатски претставници.
На ова се надоврза и првиот вицепремиер Артан Груби, кој рече дека срцето на пратеникот Кастриот Реџепи спие во Вашингтон и во Брисел.
Но наводите дека токму Реџепи наводно добил „силни сигнали“ од САД и од ЕУ испраќаат една друга лоша порака за кредибилитетот и капацитетот на домашните институции. Со други зборови, тоа говори и дека Македонија всушност не е суверена држава, односно е окупирана и во неа одлуките ги носат меѓународните претставници преку диктат и притисок врз овдешните пратеници. Тоа значи дека земјава ја управуваат странски центри, кои носат одлуки за нејзината иднина, а не народот.
Политичкиот аналитичар Сашо Клековски се сомнева дека некој од меѓународните фактори воопшто му се јавил на Реџепи.
– Апсолутно се сомневам дека кој било дипломат му се јавувал на Кастриот Реџепи. Исклучувам каква било можност на такво високо ниво да си дозволат мешање во внатрешни работи во Македонија – вели Клековски.
Неговото мислење го дели и поранешниот амбасадор Драган Јањатов, според кого, странците не би се спуштиле на толку ниско ниво.
– Тоа е чиста злоупотреба на моментот и мислам дека дипломатите не можат да се симнат на тоа ниво и да се занимаваат со такви интриги и манипулации. Изјавата е измислица за да се оправда случајот – појаснува Јањатов.


Колку трае собраниската пауза?

Завчерашните случувања во Собранието посебно истакнаа еден куриозитет што долги години се користи како главна алатка за тактичка промена на стратегијата на партиите, а тоа е паузата. Додека траеше надмудрувањето како да се обезбеди фамозниот 61. пратеник, се изредија неколку паузи, најпрво од 10 минути, па од еден час, па пауза на неодредено… Барањето пауза е предвидено со собранискиот Деловник, како и кој може и за што да ја побара, но заедничко за сите е што оваа алатка се злоупотребува и се користи само да се купи време. Тоа го доведува Собранието во позиција наместо ефективно да работи и да носи закони важни за граѓаните, всушност неговото работно време се претвора во бесконечна пауза без оглед што пратениците земаат дебели дневници. Во согласност со Законот за работни односи, работниците имаат право на една пауза од половина час во текот на работното време, додека пратениците паузираат неограничено. Токму последната седница покажа дека паузата траеше десетина и повеќе часови, наспроти кусите обраќања од дваесетина минути. Тоа, пак, е катастрофално лош показател за ефикасноста и продуктивноста на законодавниот дом, од кој се очекува многу поголема одговорност, особено во вакви кризни ситуации
За поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, намерите на паузите се добри, но реализацијата е злонамерна.
– Паузите се предлагаат од многу практични причини доколку има експозе на премиер, на некој министер или кој било друг настап, па пратениците треба да бидат подетално информирани и им се дава време да ги проучат обраќањата, да можат подоцна во јавниот настап во Собрание да ги бранат своите политички ставови. Тоа е смислата и суштината на паузите, но кај нас апсолутно тоа не се почитува и се користи само за опструкција на работата на Собранието – вели Петковски.
Според него, зад честото барање паузи се крие намерата да се измести суштината на точката што е на дневниот ред.
– Затоа се прават тие рестрикции во Деловникот. Таму стои дека пауза може да побараат само координаторите на пратеничките групи или нивните заменици, а не секој пратеник поединечно. Паузата има функционална смисла да се подготват пратениците за поквалитетна дебата, а не да се користи за политичко надмудрување и опструкција во работата на Собранието. Свикувањето пауза, па нова пауза и така во недоглед, се претвори во пародија на парламентарна демократија. Тоа нема врска со парламентарна демократија. Намерите со паузите се добри, но реализацијата е лоша – додава Петковски.


Невообичаен меѓународен молк

Турбулентниот четврток, но и изминатите неколку дена, поминаа во исклучително чудна ситуација во која не се огласи меѓународната заедница, околу сите овие случувања, истата таа што во минатото знаеше постојано да реагира дури и за најбанални работи.
Ако во меѓувреме странците разбирливо не сакаа да се мешаат во внатрешните политички превирања последните десетина дена, сепак, настаните во четвртокот сериозно претставуваа загрозување на европските вредности и поимањето на демократијата, нешто што се нивни определби на кои постојано инсистираат. Од тие причини молкот за исчезнат пратеник е зачудувачки, ако се има предвид дека имаше нивни превентивни реакции меѓу двата изборни круга за време на локалните избори за советници и градоначалници.
Молкот истовремено го наметнува и прашањето дали меѓународната заедница одобрува вакви процеси, особено ако се има предвид дека токму високи дипломати беа споменати дека се вмешале во целата работа.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека зад молкот на странците всушност се крие нивната блиска врска со албанските партии во земјава.
– Овој циркус што се случи во четвртокот во Собранието всушност е пресметка меѓу албанските партии во земјава. Странците спрема Албанците имаат слабост и некои работи толерираат. Мислам дека не се замешани во тоа, ова е само наш специјалитет и како што се заплеткувавме, така ќе се отплеткуваме. Дегутантно и жално е ова што ни се случува – заклучува Јањатов.