Никој не сака да види еден НАТО-сојузник и НАТО-партнер да му се заканува на друг, нагласи деновиве заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, порачувајќи итно да се одржи меѓувладината конференција за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија

МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА СО ЈАСНИ ПОРАКИ И СИГНАЛИ ДО БУГАРИЈА ДА ГО ОДБЛОКИРА ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ

Може ли американската т.н. булдожер-дипломатија да изврши притисок врз Бугарија и да помогне во надминување на нејзината блокадата за македонско членство во ЕУ? Оваа дилема повторно се актуализира во јавноста, откако неодамна заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, изјави дека Соединетите Американски Држави очекуваат итно да се одржи меѓувладината конференција за почеток на преговори со Европската Унија, апелирајќи уште еднаш спорот со Бугарија да се решава на билатерален начин.
Палмер за „Гласот на Америка“ рече: „Она што сакаме да го видиме е Македонија и Бугарија преку дијалог да ги решат прашањата во билатералните односи, да ги држат тие проблеми надвор од мултилатерални формати, вклучувајќи го НАТО, и конкретно сега Европската Унија“.
– Сигурно никој не сака да види еден НАТО сојузник и НАТО партнер да му се заканува на друг – нагласи Палмер.
Ова не е прва ваква реакција на американски политичари во однос на политиките и сопките од Бугарија. Имено, пред неколку месеци се огласи и Стејт департмент, кој изрази нескриена поддршка за кандидатурата на Македонија и истакна дека инсистира на јасна порака билатералните прашања да се тргнат надвор од пристапниот процес кон ЕУ.

– Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година. Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот – беше пораката од Стејт департментот. Притоа се нагласува и дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.
Во меѓувреме, политичките аналитичари и универзитетски професори со кои се консултиравме велат дека американската дипломатија ќе ја притисне Софија по изборите во Бугарија, за да се најде решение со кое ќе се одблокира патот на Македонија кон ЕУ.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека ангажманот на САД за европските геополитички прашања е евидентен на Балканот, по примерот на релациите Приштина – Белград, иако тој во суштина многу се разликува од македонско-бугарската проблематика.
– Сепак, добро е познато дека американската булдожер-дипломатија е можеби една од најсофистицираните политички организации во светот, која доколку реши да најде решение за одреден проблем таа тоа и го чини – вели Пекевски.
Според него, механизмите што им стојат на располагање на САД во овој случај можат да бидат слични како во минатото кога во свои мисии во земјата и во соседството пристигнуваше Хојт Ји, кој презентираше булдожер-решение, кое на крајот на денот го прифаќаа балканските држави без разлика дали тоа ним им се допаѓа или не.
Пекевски прогнозира дека изјавите на Палмер и сличните на неа, кои пристигнуваат од врвот на Вашингтон, се навестување дека Софија по изборите ќе треба да ја намали својата националистичка реторика кон Македонија и таа ќе треба да ѝ докаже на Америка дека не го нарушува единството на НАТО во спорот што го има со нашата земја.

Во однос на ова, м-р Филип Ивановски потсетува дека практиката во меѓународната политика покажува дека САД под водство на демократски претседател се склони кон користење на т.н. американска булдожер-дипломатија во служба на остварување на нивните национални интереси.
– Добро е познато дека национален интерес на САД е Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ, став што беше потврден пред скоро време од страна на американскиот Стејт департмент, кој експлицитно ја повика официјална Софија да го реши спорот со Македонија надвор од пристапниот процес на ЕУ. Просто кажано, правете што ќе правите, но не блокирајте ја Македонија. Понатаму, во април во Бугарија ќе се одржат парламентарни избори. Општо е познато дека националистичката реторика е во пораст пред и за време на изборен процес. Откако ќе заврши изборната кампања и ќе се соопштат изборните резултати, за очекување е да стивне и национализмот директно поттикнат од бугарските власти и да почнат поразумно да преговараат со Македонија во рамките на воспоставените меѓународни норми и правила. Опстојувањето на нашите позиции и бранењето на македонските црвени линии од страна на Стево Пендаровски, Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров во наредните месеци ќе покаже дека Македонија не е подготвена да преговара за идентитетските прашања. Овој чекор за возврат и ќе ни ги зголеми шансите да извадиме подобар резултат во овој меѓународен спор – поентира Ивановски.

Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, во свое излагање за темата како администрацијата на Бајден ќе дејствува на Балканот, вели дека притисок врз Бугарија може да се очекува.
Тој истакнува дека американскиот претседател Бајден и Демократската партија се заинтересирани за побрз развој на земјите од Западен Балкан и нивно приклучување кон Западна Европа, па затоа може да се очекува притисок од Вашингтон за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.

[email protected]