В.д. амбасадорката на Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во руското МНР, каде ѝ била врачена нота, со која вработен во aмбасадата на Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“, информираа преку социјалните мрежи од амбасадата на Русија во земјава.
– Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година – појаснуваат од руското дипломатско претставништво.
Случајот од август беше втор годинава, кога руски дипломат беше протеран од државата. Министерот Бујар Османи во таа пригода рече дека информацијата е од доверлив карактер и не може да даде детали за причината за протерувањето. Претходно, на 18 мај годинава, Македонија прогласи друг руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи. Тогаш, Русија возврати на 10 јуни, соопштувајќи дека дипломат вработен во амбасадата на Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.
Министерството за надворешни работи, како неоснован потег, го оцени протерувањето на дипломатот во македонската амбасада во Руската Федерација.
– Одлуката на руското министерство за надворешни работи, за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји – наведе МНР во реакцијата.
Оттука додаваат дека во амбасадата во Москва останува да ги извршува обавува обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги поминал сите чекори за упатување.