Еден вработен во амбасадата на Македонија во Москва е прогласен за персона нон грата од страна на Русија како одговор за протерувањето на руски дипломат од државава, соопшти руското Министерство за надворешни работи, а пренесоа тамошните медиуми.

Вршителката на должноста амбасадорка на Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во руското МНР каде што ѝ била врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата. Ваквата мерка е одговор на немотивираната одлука на Македонија да прогласи руски дипломат за персона нон грата, како што се објаснува во соопштението.

Рускиот дипломат беше протеран од Македонија на 14 мај кога амбасадорот на Русија во Скопје, Сергеј Баздикин, беше повикан во МНР за да му се соопшти одлуката. Како причина за протерувањето на дипломатот беа посочени активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.


МНР: Протерувањето на македонскиот дипломат од Русија е политичка одмазда

Министерството за надворешни работи смета дека протерувањето на македонски дипломат од Москва е неоснован потег и дека станува збор за политичка одмазда која негативно ќе влијае на односите меѓу двете земји.

– Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји – велат од МНР.