Македонија ќе биде важен фактор во решавањето на источното прашање во целиот негов обем и затоа нема никаква основа однапред и дефинитивно да ја решиме нејзината судбина, напишал рускиот советник И.А. Зиновјев во својот извештај од 19 март 1898 година

ШТО ОТКРИВААТ ДОКУМЕНТИТЕ ОД 1869 ГОДИНА И ПОТОА

Македонското прашање во руската политика зависело од тоа колку тоа се вклопувало во нејзината политика, а својот однос кон македонското прашање го базирала врз темелите на таканаречениот Лондонски протокол од 1871 година, со кој се предвидувало „територијалните промени во Европа да не можат легално да се реализираат без согласност на сите големи сили“, односно секоја акција за менување без нивна согласност би значела „свесно влегување во ризик со несогледливи последици по сопствената безбедност“. Факт е дека руската политика кон Македонија по Лондонскиот договор секогаш била на штета на Македонците и на македонските национални интереси, иако две години пред тоа, пред овој договор, во 1869 година, на пример, руската дипломатија на македонското прашање гледала како на посебно прашање, чие решение е „автономно македонско кнежество“ во проектираната руска сфера на влијание на Балканот. Во овој период, таканаречената нова руска политика на премиерот на руската влада Горчаков предвидувала решавање на прашањето на поробените балкански православни народи, а покрај проширувањето на двете кнежества, српското и црногорското, се планирало и формирање на две самостојни држави, држава на македонскиот и држава на бугарскиот народ. Но и тоа траело сосема кратко. По Берлинскиот конгрес, одржан девет години подоцна, односно седум години по потпишувањето на таканаречениот Лондонски протокол, Македонија останала и понатаму во границите на Османлиската Империја, со оправдување од страна на Русија дека во иднина Македонија ќе ја „има грижата на словенската заштитничка Русија“. Според еден од многу ретките документи во врска со Берлинскиот конгрес, според извештајот на грофот Петар Андреевич Шувалов, кој бил официјален претставник на руската влада во Берлин, оваа руска „грижа“ за Македонија се состоела во залагањето да се преземат сите потребни мерки за смирување на ситуацијата во Македонија, со тоа што „би било пожелно таму да се испратат опитни агенти и да им се објави на Македонците од името на владетелот император дека неговото величество се грижи за нивните судбини, еднакво како и за другите Словени, и дека ќе им биде дадена таква слобода како и на Бугарите, сега веќе ослободени…“

Статус кво ориентација на руската дипломатија

Во руската политика отсекогаш егзистирала веќе подготвена идеја еден ден делови од Македонија да им се доделат како награда на соседите за да може Русија да ги задоволи своите планови и очекувања во овој дел од Европа. Според истражувањето на проф. д-р Силвана Сидоровска-Чуповска од Институтот за национална историја во Скопје, во руската политичка игра со македонското прашање, всушност, постојано преовладувало „братското“ намигнување на Србија и на Бугарија за поделба на Македонија. И во 1885 година, на пример, иако биле созреани условите за поведување иницијатива за автономна македонска држава, Русија тврдоглаво инсистирала на статус кво на Балканот, па тоа станало основна ориентација на руската дипломатија, практикувана во наредните години, и клаузула во сите извештаи на руските дипломатски претставници. Во таа насока, рускиот советник И.А. Зиновјев во својот извештај од 19 март 1898 година пишува: „Ако водиме сметка за нашите сопствени интереси, сметам дека трудејќи се со средства што зависат од нас да ја смируваме наумесната ревност и на српските и на бугарските пропагандисти во Македонија, ние треба кон двете страни да се однесуваме со полна непристрасност. Македонија ќе биде важен фактор во решавањето на источното прашање во целиот негов обем и затоа нема никаква основа однапред и дефинитивно да ја решиме нејзината судбина. Ако во поблиска или подалечна иднина би се појавиле околности што би можеле да повлечат промени на сегашните услови во Македонија, во тој случај нашите напори би требало да бидат, изгледа, насочени кон формирање автономна област од неа, еднакво независна и од Србија и од Бугарија.“

Во годините што следувале, руската политика сѐ почесто била насочена кон политиките на „големите сили“, па нејзиниот однос кон Македонија зависел од односот на големите сили кон неа. За ова говори информацијата на руската влада од 4 септември 1903 година, значи од времето кога Македонија гори, односно османлиската окупаторска власт спроведува невиден масакр по задушувањето на Илинденското востание, во која, меѓу другото, се вели: „По наредба од највисоко место на нашите претставници во Берлин, Лондон, Париз и во Рим им е препорачано, заедно со австриските колеги, да им предадат на владите при кои се акредитирани, изјави за немешање во случувањата во Македонија…“ А во Македонија се случил и случувал пекол. Во Битолскиот вилает се воделе 150 борби со 19.152 востаници против 292.735 противници. Убиени или ранети се 746 востаници, а 3.087 убиени или ранети Турци. Биле запалени 122 села со 8.646 куќи. Без покрив останале 51.606 жители, а бројот на убиени или заклани е 1.779 души. Во Солунскиот вилает, од втори август до осми септември 1903 години, дошло до 32 борби во кои паднале 109 востаници, додека во Скопскиот во неколку борби од 14 август до 14 ноември паднале 93 четника. Во сите три вилаети во текот на востанието паднале 949 востаници во 197 борби. Во текот на целото востание во Македонија во 1903 година настрадале 16 околии со 201 населено место. Биле изгорени 12.400 куќи, а без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца, 30.000 луѓе ги напуштиле своите родни места. Знаејќи го сето ова, „братска“ Русија единствено што „успеала да направи“ е да издејствува лажни реформи на окупаторскиот режим во Македонија. Со реформите во администрацијата и судството, според Мирцштетските спогодби, при реформирањето на османлиската жандармерија, Македонија била поделена на повеќе сектори во кои реорганизирањето го спроведувале жандармериски сили на „големите сили“. На Русија ѝ припаднал Солунскиот вилает, со што всушност биле остварени нејзините претензии кон овој дел на Македонија. И тоа е сѐ што направила Русија за Македонија, односно за себе. По „реформите“, заземањето под контрола на Солунскиот вилает, главниот интерес на Русија целосно се свртил на исток, па според еден извештај од тоа време, еден од клучните генерали на руската армија отпатувал за Манџурија, затоа што „за Русија, Манџурија ја претставува иднината, а Македонија минатото…!“ Според истиот извештај, „Русија секогаш ќе има пансловенско чувство, меѓутоа руската дипломатија ќе се труди сѐ повеќе да ја сврти руската империја кон патот што води кон морињата на Кина“.

Русија е „надлежна“ за уништување на сите револуционерни појави во Македонија!

Дека Русија никогаш искрено не ја поддржувала Македонија може да се види и од примерот со „грижата на словенската заштитничка“ кон „словенските народи на Балканот“, односно нејзиниот став и однос за време на Илинденското востание, но и по неговото крваво задушување. Според тогашниот германски заменик-државен секретар за надворешни работи, Фон Рихтховен, Отоманската Империја добила дозвола да преземе брза акција за задушување на востанието и уништување на револуционерните сили за да не им се дозволи на големите сили да се вмешаат. Затоа пред големиот везир и османлискиот министер за надворешни работи истакнал дека „брзото воспоставување на мирот во Македонија би го повратил престижот на султанот и на централната власт“. Великиот везир и османлискиот министер за надворешни работи од своја страна истакнале дека доколку власта не успее да ги смири вилаетите преку задушување на востанието, европската јавност ќе остане со убедување дека султанот не е во состојба да го одржи редот во империјата, а дека тоа криело големи опасности за Турција. Германската влада ја охрабрувала Турција да преземе сурови мерки при задушувањето на востанието, иако подоцна германскиот канцелар Фон Билов го негирал тоа со изговор дека македонското прашање е од второстепено значење за Германија, односно тоа прашање го остава за решавање на Русија и Австро-Унгарија. А што направи Русија во врска со тоа? Во 1904 година, во рамките на предвидените реформи, и „опасноста од избивање нова војна“, била постигната согласност токму меѓу Русија и Австро-Унгарија за одржување на статус квото во Македонија. Спогодбата предвидувала најостри мерки против сите револуционерни акции предизвикани од ВМРО и дека тие ќе се задушат со крајна немилосрдност. Во тој контекст, Русија била „надлежна“ да ги уништи сите револуционерни појави во источниот дел на Македонија, а од друга страна тајно ги храбрела и ги поттикнувала владите на Србија и на Бугарија кон постигнување спогодба за поделба на Македонија. Затоа, во 1904 година бил склучен српско-бугарскиот таен „Сојузен договор“ за поделба на сферите на влијание и на територијата на Македонија, а во член седум од тој договор стои дека е постигната со „знаење на руската влада“. Со овој таен договор била предвидена арбитража на рускиот цар за „сите спорови помеѓу Србите и Бугарите кои самите не би можеле да ги решат“. Сличен договор бил направен и пред започнувањето на Првата балканска војна, на 29 февруари 1912 година, по што дефинитивно, со „знаење на руската влада“, Македонија е поделена, а македонското прашање „решено“ како што било предвидено со тајниот договор, а со оправдување дека од страна на Москва во иднина Македонија ќе ја „има грижата на словенската заштитничка Русија“.

Пишува: Блаже Миневски