Според мерењата на Евростат за 2019 година, жените држеле 32 отсто од местата во националните парламенти во ЕУ во текот на изминатата година. Но врз основа на резултатите од истражувањето на Интерпарламентарната унија (ИПУ), Македонија во 2019 година била на 20-то место во светот, со застапеност од 38,3 отсто жени во Собранието со 120 народни избраници
Истражување на Евростат за родова застапеност, Македонија минатата година шампион во регионот
Иако во време на глобална закана и борба со пандемијата на коронавирусот се чини дека некои вредности на демократијата, како и граѓански права, треба да бидат редуцирани, во интерес на општата здравствена безбедност, сепак вонредните услови што налагаат масовна изолација на населението дополнително истакнуваат некои веќе присутни слабости на општествата. Еден од параметрите на демократијата е родовата еднаквост, за која во политичката практика главно се зборува како за процентуална застапеност на жените во политичките процеси и институциите, но условите на светска пандемија актуализираат некои базични аспекти на третманот и правата на жените.
Дури и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди за „застрашувачко глобално зголемување“ на семејното насилство во кризата со коронавирусот и ги повика владите да направат поголеми напори за да спречат насилство врз жените.
– Знаеме дека изолацијата и карантинот се неопходни за борба против ковид-19. Но тие може да бидат стапица за жени со насилни партнери. Многу жени и девојчиња се изложени на најголем ризик каде што треба да бидат најбезбедни – во нивните домови. Во некои земји двојно е зголемен бројот на жени што повикуваат служби за поддршка, здравствените работници и полицијата се преоптоварени и не се доволни, а локалните групи за поддршка се „парализирани“ од недостиг од средства – нагласи првиот човек на ОН.
Во својот апел, Гутереш ги повика владите низ светот да воспостават континуирано гонење на насилниците, како и да воспостават кризни системи во аптеките и во продавниците и да ги прогласат засолништата за основна услуга.
Може да се каже дека одржувањето на критериумите за родова еднаквост во вонредни услови на светско ниво е предизвик што бара големо внимание и ангажман и не смее да се запостави, и покрај главната насоченост кон здравствениот предизвик на коронавирусот.
А во ЕУ и, воопшто, во современиот свет се инсистира на мерливост, односно на статистичко докажување на родовата еднаквост, навистина повеќе преку согледување на политичките параметри. Пред почнувањето на светската корона-криза, всушност во времето на самиот нејзин почеток, европската статистичка институција Евростат направи одредени истражувања за состојбата со родовата еднаквост, преку споредба на состојбата со застапеноста на жените во европската политика од 2003 до 2019 година. Според мерењата на Евростат за 2019 година, жените држеле 32 отсто од местата во националните парламенти во ЕУ во текот на изминатата година. Овој удел е значително зголемување од 2003 година, кога жените учествуваа со околу една петтина (21 отсто) од членовите во националните парламенти. Најголем удел на жени парламентарци има во Шведска, додека учеството на местата што ги имаат жените во националните парламенти значително варира меѓу земјите на ЕУ. Но ниту една земја-членка на ЕУ немала повеќе жени отколку мажи во парламентот.
Во 2019 година, најголем удел на жени членови во националните парламенти е забележан во Шведска (48 отсто) и во Финска (47отсто), пред Белгија и Шпанија (и двете со 42 отсто).
На спротивниот крај на скалата се жените што учествуваат со помалку од една петтина од членовите на националниот парламент во: Унгарија (12 отсто), Малта (15 отсто), Кипар (18 отсто), Хрватска и Романија (и малку под 20 отсто).
Во мерењето на Евростат е констатирано дека во Финска и во Шведска повеќе од половина од членовите на владите се жени. Учеството на жени членови на Владата (министри и заменик-министри) во ЕУ се зголеми од 23 отсто во 2003 година на 31 отсто во 2019 година. Во 2019 година, Финска има најголем удел на жени членови во својата влада (58 отсто). По Финска, следуваат Шведска (52 отсто), Шпанија и Австрија (и 50 отсто) и Франција (49 отсто). На долниот крај на скалата, жените учествуваа со помалку од една петтина од членовите на Владата во Малта (9 отсто), во Грција (10 отсто), Естонија (13 отсто), Унгарија (14 отсто), Полска (15 отсто) , Кипар (17 отсто), Романија (18 отсто) и во Хрватска (19 отсто).
Бројот на жени претседатели и премиери во земјите на ЕУ исто така се зголеми во периодот 2003 – 2019 година. Во 2019 година имаше четири жени шефови на влади (15 отсто), додека во 2003 година немаше ниту една. Сепак, во овој 15-годишен период, бројот на жени шефови на влади во ЕУ никогаш не го надмина овој удел, значи никогаш немаше повеќе од четири жени на оваа позиција во исто време.
Истражувањето на Евростат е правено врз основа на застапеноста на жените во националните парламенти на земјите-членки на ЕУ (и во горниот и во долниот дом, во дводомно структурираните национални парламенти), но и на застапеноста во Европскиот парламент. Исто така, во истражувањето е земена предвид и застапеноста на жените во владите на европските држави.
Македонија во 2019-та имала најмногу жени пратеници во регионот
Македонија минатата година била родово најрамноправна во регионот кога станува збор за процентуалната застапеност на жени пратеници во парламентот.
Врз основа на резултатите од истражувањето на Интерпарламентарната унија (ИПУ), Македонија била на 20-то место во светот, според бројот на жените во пратеничките клупи, односно со 38,3 отсто жени во Собранието со 120 народни избраници. Истражувањето покажало дека просекот во светот е 24,3 проценти.
Истражувањето било спроведено врз основа на информациите што властите на 193 земји ѝ ги дале на меѓународната парламентарна организација со седиште во Женева на 1 јануари годинава.
На првото место на оваа листа е Руанда, во која мнозинството во Долниот дом се жени (61,3 отсто). Врвот потоа го сочинуваат Скандинавците – Данска, Шведска, Норвешка, Финска и Исланд, кои често се пофалени за нивните политики за родова рамноправност.
Во регионот, зад Македонија најблиску е Србија, каде што во Националното собрание 37,7 отсто од местата се исполнети со жени.
Албанија е на 53-то место (29,3 отсто), додека Словенија (24,4 отсто) е на 74-та позиција. Босна и Херцеговина е на 92-то место, со 21,4 отсто жени, а Хрватска на 98-то стои најслабо, со 20,5 отсто. САД го делат 78-то место со Црна Гора според бројот на жени во Претставничкиот дом.
Од друга страна, на дното на листата се Микронезија, Папуа Нова Гвинеја и Вануату, бидејќи во нивните парламенти нема пратенички.