Ситуацијата со бугарското вето, за жал, нѐ спречува да започнеме пристапни преговори, иако земјата веќе ги има исполнето сите предуслови, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот весник „То Вима“, во пресрет на неговата посета на Грција на 5 и 6 октомври, паралелно изразувајќи надеж дека разговорите ќе продолжат со новата бугарска влада. Тој порачува и дека решението треба да биде усогласено со Договорот за пријателство и соработка.
– Ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со официјална Софија. Решението на приговорите на Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка на двете земји и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, како и националниот идентитет и македонскиот јазик. Се надеваме дека по бугарските избори ќе ги продолжиме разговорите со новоизбраниот претседател и со политичка влада со целосна власт што ќе има мнозинство во парламентот – истакна меѓудругото Пендаровски, во интервјуто насловено „Спроведувањето на Преспа е меѓународна и наша внатрешна обврска“.
Пендаровски во интервјуто се осврна и на Преспанскиот договорот со Грција посочувајќи дека претставувал пресвртница за подобрување на економската соработка, преземање иницијативи во повеќе области како што се безбедноста, одбраната, образованието, науката и културата.