Во македонската јавност има различни размислувања, од такви дека преговорите треба да продолжат како и досега, па преку прекинување на разговорите, до тоа дека Македонија треба да изнајде начин најпрво да се постави во позиција на рамноправен преговарач, па потоа да се продолжи понатаму. Во контекст на последнава опција, универзитетската професорка Мирјана Најчевска го образложува спроведувањето на т.н. принцип на реципроцитет во односите со Бугарија. Реципроцитетот мора да се примени во билатералното договарање. Во спротивно не е веќе договарање, туку облик на ултиматум…
Што понатаму, кога нема дијалог на рамноправни страни
Кој е најисправниот пат по кој Македонија треба да продолжи во разговорите со Бугарија, откако пред една недела го доби и второто вето од Софија за почеток на пристапните преговори со ЕУ? Има ли државата државничка стратегија како да се постави во следниот период? Овие дилеми во јавноста се сѐ погласни, особено два дена по самитот на ЕУ, на кој Бугарија не даде зелено светло, а бугарското министерство за надворешни работи испрати пет точки за кои бара Македонија да ги исполни за да почне преговори со ЕУ.
Во македонската јавност има различни размислувања, од такви дека преговорите треба да продолжат како и досега, па преку прекинување на разговорите, до тоа дека Македонија најпрвин треба да најде начин „да се ресетира“ и да се постави во позиција на рамноправен преговарач. Таква идеја дава универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која се заложува Македонија многу легитимно да го спроведе принципот на реципроцитет.
– За секоја точка со барања од страна на Република Бугарија треба да има реципрочно барање од страна на Република Македонија. Тоа се вика реципроцитет. Реципроцитетот мора да се примени во билатералното договарање. Во спротивно не е веќе договарање, туку облик на ултиматум – посочува таа.
Петте точки за реципроцитет во контекст на наметнатиот билатерален проблем од Софија
Најчевска ги предложи следните пет точки:
1. Република Бугарија ќе го препознае делот од географскиот регион Македонија што се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија како посебен регион со неговото изворно име „Пиринска Македонија“;
2. Република Бугарија ќе гарантира спроведување на ратификуваните договори за заштита на националните малцинства на својата територија во однос на сите оние што себеси се перципираат како Македонци и извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права;
3. Република Бугарија да започне процес на рехабилитација на жртвите на сите досегашни режими што се репресирани на нејзината територија заради нивната македонска самосвест. Во исто време да започне процес на препознавање на македонскиот јазик и негово изучување во рамките на образовниот систем. Овој историски гест од страна на Република Бугарија би требало да ги одрази вредностите што ги има прифатено како членка на ЕУ. Во оваа смисла, ќе се врати ситуацијата од 1946 година кога е признаено постоењето на македонското малцинство;
4. Република Бугарија да пристапи кон сериозно преиспитување на содржините на наставните програми на сите нивоа од образованието, со цел објективно рефлектирање на историските факти и исфрлање на содржините што го негираат постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонското малцинство на територијата на Република Бугарија;
5. Република Бугарија ќе ѝ се извини на Република Северна Македонија за окупацијата во текот на Втората светска војна, жртвите на таа окупација и штетите нанесени во текот на окупацијата. Посебно извинување ќе ѝ се упати на еврејската заедница во Република Северна Македонија, чии припадници се депортирани од страна на бугарските окупациски власти во текот на Втората светска војна од територијата на денешна Република Северна Македонија, предлага Најчевска.
Да има реципроцитет е правично, но…
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, употреба на принципот на реципроцитет може да го забави целиот процес на преговори со Бугарија.
– Спорот со Бугарија е асиметричен. Таа е членка на Европската Унија, а ние не сме. Затоа нивната позиција во овој случај е посилна. Да има реципроцитет е правично, но само ќе го забави целиот процес – посочува Арсовски.
Смета дека Македонија треба да донесе своја рамковна позиција како што има Бугарија.
– Треба да се исцртаат нашите црвени линии, па потоа да видиме што може да се преземе – додава аналитичарот.
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека кога сте во рамноправна положба, како два субјекта, разбирливо е дека тој принцип на реципроцитет се применува насекаде.
– Во нашиот случај принципот на реципроцитет барем во оваа фаза сѐ уште не е најсоодветната алатка да се реши овој проблем, бидејќи сите оние што настојуваат да се реши прашањето, настојуваат да газат внимателно по овие теми. Една држава членка на ЕУ и Македонија што се бори за членство не се во рамноправна положба, за да се наметнуваме на тој начин на реципроцитет.
Принципот на реципроцитет може да го уништи добрососедството – посочува Ружин. Според него, од една страна принципот на реципроцитет е исправен, но во исто време мора да имате принцип на реал политик.
– Што ќе постигнете со принципот на реципроцитет? Би отвориле една долгорочна дипломатска војна. На пример, со Атина не функционираше тој принцип. Реал политик состојбата беше поинаква со Грција. Слична е состојбата сега со Бугарија. И таа дејствува од позиција на политика на сила. Иако вели дека се за членство на Македонија во ЕУ, и после имате едно 20 ирационални услови – објаснува професорот. Според него, решението е искусна дипломатија, која секогаш ги проценува условите, а суштината на дипломатијата е да најде излез.
– Принципот на реципроцитет можеме да го употребиме со држави во соседството, кои не се членки на ЕУ, со кои до некаде сме рамноправни – заклучува Ружин. Сепак, смета дека дијалогот со Бугарија треба да продолжи, зашто мораме да го решиме ова прашање што побргу.
– Ако не се реши за време на претседателството на Словенија, убеден сум дека Франција ќе го реши – посочи тој.
Петте точки од бугарското МНР
Бугарското министерство за надворешни работи излезе со соопштение, во кое таксативно ги набројува точките од договорот што бил направен со државниот врв на Софија на 17 јуни за време на посетата на премиерот Заев и министерот Османи.
Според МНР на Бугарија, македонската страна изразила подготвеност во најкратки рокови Скопје да потврди пред ОН дека името РСМ не го означува географскиот регион Северна Македонија, кој се наоѓа во Бугарија. По испорачувањето на оваа вербална нота, Бугарија веднаш ќе запре да настојува да се употребува долгото име Република Северна Македонија.
Втората точка е дека Македонија ќе запре со малцинските претензии кон Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички и други основи да бара малцински статус на која било група на луѓе.
Трето, Македонија да почне процес на рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунизам репресирани на нејзина територија поради бугарските чувства.
Во четвртата точка преземена била обврска Македонија со Бугарија да ја адаптира содржината на наставните програми, со цел објективно да се прикаже заедничката историја, како централен елемент во преамбулата на договорот за добрососедство.
И петто, заедничко идентификување и отстранување на таблите и натписите на територијата на Македонија, кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, се наведува во објавата на МНР на Бугарија. Оттаму велат и дека министерот за надворешни Светлан Стоев веќе испратил и писмо до министерот Бујар Османи, во кое тој навел дека очекува да бидат исполнети преземените обврски спрема Бугарија.