Според вицепремиерот Османи, постигнат е консензус меѓу власта и опозицијата за донесување на пакетот реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците
По расправата и гласањето за интерпелацијата на Владата, Собранието се посветува на исполнување на условите за добивање позитивна оцена во извештајот на Европската комисија, кој треба да биде објавен на 17 април. Ветеното исполнување на условите всушност значи изгласување на реформските закони од планот 3-6-9, за кои е потребно двотретинско мнозинство. Таквата обврска што ја има преземено Владата, понатаму логично го повлекува и условот за учество на опозицијата во донесувањето на овие закони, со оглед на тоа што владејачката коалиција во парламентот има тесно мнозинство.
Според изјавите и на премиерот и на лидерот на опозицијата, наводно е договорена поддршка за донесување на таквите реформски закони, кои претходно биле усогласени на работни комисии и покрај претходниот бојкот на работата на Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Главниот акцент во планот 3-6-9 е ставен на реформите во правосудниот систем, кои, според препораките на Рајнхард Прибе, се приоритетни и би требало да ја придвижат Македонија на патот кон ЕУ. Станува збор за дополнувања на Законот за судовите, за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, како и измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоци.
Измените на Законот за судовите се однесуваат на одговорноста на судиите и за санкции за нив доколку не си ја вршат работата, а со кои треба да се постигне независно судство. Дел од реформскиот пакет е и Законот за заштита на сведоци, на кој долго инсистира СЈО. Со овој закон ќе ѝ се овозможи на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да може сама да одлучува за вклучување луѓе во програмата за заштита на сведоци, за предмети што се во надлежност на СЈО. За вчера (четврток, 12 април) беа закажани дури четири собраниски седници, од кои на три требаше да се гласа за двотретинските закони од планот 3-6-9. На 34-та седница на дневен ред е реформскиот закон за судовите, на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање, а беше закажана и 22-та седница со една заостаната точка, измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка.
Некои од законите за кои треба да се гласа на пленарна седница треба да го минат и последниот комисиски филтер. Инаку, пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаат за реформските закони. Законот за заштита на сведоци, кој е дел од пакетот реформски закони, беше прв изгласан вчера во Собранието, со 86 гласа „за“. При гласањето за овој закон немаше ниту гласови „против“, ниту „воздржани“. Тоа значи дека за законот, кој беше предложен од Владата, гласаа и пратеници од опозицијата. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, ја образложи оваа постапка на пратеничката група.
– Во согласност со предлозите што ги дадовме, вкупно 11 на број од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се направи интервенција во постојниот закон и можеме да кажеме дека правдата е задоволена. Ваквиот закон можеби не е идеален, но е подобар од оној што беше предложен на почетокот од страна на СДСМ – рече Стаменковска. Иако клучните реформски закони сѐ уште се во фаза на собраниско усвојување, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на средбата во Брисел со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на ЕК, Федерика Могерини, вчера настапил со оптимизам дека доаѓа со добри вести од Македонија. – Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за извештајот на комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок – истакнал Османи на средбата.
Тој го презентирал напредокот што земјата го направила во имплементацијата на планот 3-6-9, како и на другите политички пречки на евроинтегративниот пат.
– И во овој момент, во овие последни денови, додека го одржуваме овој состанок, во Собранието на Република Македонија се носат и последните реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците и за кои во последен момент се обезбеди консензус за нивно изгласување со опозицијата – рекол Османи. Во периодот што претстои, како што истакнал Османи, се очекува решение и за спорот за името со Грција, со што ќе се отстранат сите пречки на евроинтегративниот пат на Македонија.