Премиерот Зоран Заев на прес-конференција истакна дека е постигнат историски договор со Грција и е постигнато решение на 25-годишниот спор со Грција. Република Северна Македонија е решението, новото име за севкупна употреба кое ќе се прецизира со амандман во Уставот
-Доаѓа подобро време за Р. Македонија. Шансата е тука и мора да се искористи, храбро и смело. Се осмеливме затоа што не сакаме порази. Се определивме за иднина. Имаме историско, вековно решение. Решавајќи го спорот со Грција, градиме пријателство кое никогаш не било поголемо. Градиме европска перспектива, решаваме две ипол децениски спор за да ја извадиме земјата од изолација- истакна Заев.
Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во ОН – македонски, macedonian, без фуснота. Нациоанлноста е македонска/граѓани на Република Северна Македонија и соодветно на англиски јазик.
Со договорот, рече Заев, еднаш засекогаш се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, македонскиот јазик, македонмската националност. Со него се гарантира и безбедноста на земјата и се овозможува сигурна иднина на граѓаните на Р.Македонија, истакна премиерот.
Договорот, како што рече ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти во државата, потпишан од претставниците на двете влади, по што следува ратификацијата во Собранието.
Ќе биде разгледан на владина седница в четврток и како што напомена можеби викендов или следните денови треба да биде организирана средба меѓу него и Ципрас. Напомена дека средбата како што беше најавувано можно да се случи во Мала Преспа, но оти се уште оваа информација не е официјална.
По ратификацијата Грција ќе испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го извести дека меѓу двете земји немаат спор и пречки Македонија да добие покана за членство.
Предвидено е Грција да испрати писмо и до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и се препорачува да добиеме датум за почеток на преговорите за членство.
– Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија. Силно веруваме дека на самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30. членка на Алијансата – рече Заев.
Нагласи дека ова е вистинското решение, а гласот на граѓаните е конечен. На есен граѓаните треба се изјаснат на референдум.
– Откако нашите граѓани ќе го потврдат овој историски договор Грција кон крајот на годината ќе го ратификува во Собранието, како и протоколот за нашето членство во НАТО- додаде Заев.