Фото: Игор Бансколиев

Дали целта на посетите е побрза интеграција и добивање датум за преговори за Македонија или можеби се подготвува терен за нови отстапки по големиот број изневерени ветувања досега од страна на ЕУ кон Македонија

ЗАЧЕСТЕНИ ПОСЕТИ НА ЕВРОПСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ

Згуснатиот распоред на посети на Македонија на високи претставници од земји-членки на ЕУ, во период кога нашата земја е во состојба на политичко-парламентарна криза, наведува на низа различни претпоставки за нивната цел.
Дали можеби целта на посетите е во контекст на заложби од страна на ЕУ за пробив на бугарското вето за македонските евроинтеграции. Дали истите тие може да се толкуваат како сигнал дека одредени сугестии или притисок за отстапки во процесот на преговори од страна на ЕУ се врши повеќе врз Македонија отколку врз Бугарија. Или можеби странските посети имаат на некој начин влијание врз внатрешнополитичките случувања во интерес на задржување на евроинтегративниот курс. Речиси доаѓањето во ист ден на сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Република Австрија, Михаел Линхарт, и на претседателот на Полска, Анджеј Дуда, во Скопје, потсетува на истата раздвиженост од европски лидери во главниот град на Македонија, во периодот пред референдумот за Преспанскиот договор со Грција. Се чини дека сите овие посети се со цел за повторно подгревање на надежите за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата, пред самитот на Советот на ЕУ во средината на декември.

Но со секое ново вето и редицата изневерени очекувања, се зголемуваат сомнежите во македонската јавност за искреноста и чесноста на намерите на европските емисари пред самитите на ЕУ. Дури и анкетите покажуваат растечки евроскептицизам во Македонија и во регионот на Западен Балкан по изневерените ветувања од ЕУ.
Инаку, австрискиот министер Линхарт вчера ја потврди поддршката на неговата земја за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија, нагласувајќи дека интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство е повеќе од потребна бидејќи, всушност, овој регион ѝ припаѓа на Европа. Во тој дух, порача дека Австрија се заложува за европска перспектива на земјите од Западен Балкан и за итен почеток на преговорите на Македонија со ЕУ во декември.
– Тоа е прозорец на можности и за Албанија и за Македонија, и за ЕУ и партнерите. Се надеваме дека почетокот на преговорите ќе биде означен во декември – порача австрискиот министер на прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Посетата на полскиот претседател Дуда, веројатно, би требало да ги амортизира падот на расположението и довербата во ЕУ на македонската јавност.

– Како дипломатски некоректно би можеле да се оценат посетите на Македонија, на европските лидери и претставници на владите на земји-членки од ЕУ, во момент кога земјава е во политичка и парламентарна криза. Особено, посета еден ден пред одлучувачко гласање за доверба на Владата во Собранието… Доколку се искрени нивните заложби за отстранување на ветото од Бугарија за нашите евроинтеграции, барем проформа би требало да ја посетат и Софија, иако и таму е нагласен моментот на политичка неизвесност по скорешните избори. Но политичката неизвесност воопшто не е помала и во Македонија. Имајќи го искуството од лидерските посети на земјава пред референдумот за Преспанскиот договор со Грција, се создава резервираност кај македонската јавност. Како да веруваме во добрите намери од овие европски посети, кога притискаат за нешто што ни самите не го исполнија, а го ветија – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.