Во извештајот има ред пофалби, но и ред забелешки за достигнувањата во различни области, при што најупотребуван израз е умерен напредок.
Забележан е напредок во мнозинството области, но има делови каде што е потребен дополнителен напор, како што се медиумите и законодавството за спречување дискриминација. Како слаби точки во овој извештај се споменуваат и реформата на јавната администрација, борбата со корупцијата, феноменот на неказнивост во полицијата и сл.
Извештај на ЕК за Македонија
Добрата меѓупартиска соработка во делот на евроатлантските интеграции на земјата, спроведувањето на изборите, обидите за зајакнување на меѓуетничката состојба, трансформацијата на УБК, како и работата на Државната комисија за спречување корупција позитивно се оценети во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата објавен вчера, но и натаму остануваат забелешките за недостигот од реформа на јавната администрација, за судството, немањето закон за антидискриминација, лошата состојба во затворите, како и умерениот напредок во делот на слободата на медиумите.
Како што наведува комисијата во извештајот, забележан е напредок во мнозинството области, но има делови каде што е потребен дополнителен напор, како што се медиумите и законодавството за спречување дискриминација.
– Тоа ќе биде нашата политика по однос на спроведување на реформите преку конкретен список на постигнувања, кои произлегуваат како резултат на таа нова клима создадена, но и на тие нови закони – изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пред објавувањето на извештајот, изразувајќи очекување ЕУ да го вреднува постигнатото во сите области.
Во делот на политичките критериуми, ЕК изразува задоволство што опозициските партии останаа ангажирани во политичкиот процес, давајќи поддршка за прашањата од национален интерес, како што се ЕУ-реформите и членството во НАТО. Се поздравува меѓупартискиот договор за одржување предвремени парламентарни избори и формирање техничка влада, како и одложувањето на изборите поради пандемијата на ковид-19. Во согласност со заклучоците на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите, комисијата ги оценува како добро организирани, во вистински конкурентен дух, но нагласува дека правната стабилност била поткопана поради „суштински ревизии на законската рамка и последователното владеење преку владини декрети“, односно одлуките со законска сила, кои произлегоа од вонредната состојба поради ковид-19. Комисијата истакнува дека „значајното зголемување на брзи постапки предизвикува загриженост и треба да биде ограничено“. Се поздравуваат обидите за зајакнување на меѓуетничката состојба и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.
Во делот на реформата на разузнавачките служби од септември 2019 г., се поздравува напредокот во согласност со препораките на експертските групи за етаблирање на Агенција за национална безбедност како независно тело без полициски овластувања, за разлика од претходната УБК. Сепак, како што се нагласува во извештајот, потребни се дополнителни напори за агенцијата да има пристап до сите потребни алатки за да може да си ги исполни мандатот и задачите. Покрај тоа, ЕК посочува дека е потребно и зајакнување на парламентарниот надзор врз разузнавачките служби.
Слаба точка и во овој извештај останува реформата на јавната администрација. Во овој дел земјава се оценува како „умерено подготвена“.
– Принципите на транспарентност, заслуга и еднаква застапеност остануваат суштински – порачува ЕК.
Поздравена е работата на комисијата за спречување на корупцијата и се очекува соодветен исход од извештаите и препораките на оваа комисија.
Правосудството, како темелен дел од евроинтегративниот процес, треба да продолжи да се подобрува, но се забележува „добар прогрес“ во имплементирањето на реформската стратегија за судството. ЕК бара дополнителен напор за да се обезбеди систематско спроведување на ревидираниот акциски план на судската стратегија. Се поздравува работата на Судскиот совет, кој задачите ги врши на проактивен начин, додека механизмите за обезбедување независност на судството, отчетност, дисциплинските процедури и спречувањето на конфликтите на интереси се подобрени. Не се заобиколуваат ниту Јавното обвинителство (ЈО) и последиците од дебаклот на специјалното јавно обвинителство и пресудата против Катица Јанева. Законот за ЈО има, меѓу другото, задача да осигури одржливо решавање на предметите што произлегуваат од нелегалните прислушувања.
Борбата против корупцијата, исто така темелен дел од процесот на интеграција во ЕУ, бележи добар напредок во делот на истрага, гонење и судење на високопрофилните корупциски предмети, а особено се поздравува работата на Комисијата за спречување на корупцијата и нејзината проактивна улога во оваа област.
– Корупцијата е сеприсутна во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители инволвирани во спречувањето и борбата против корупцијата – се наведува во извештајот.
Иако Македонија располага со законска рамка во согласност со ЕУ-стандардите во делот на заштитата на фундаменталните права, голема слабост во овој момент е што земјата нема сеопфатен закон за антидискриминација, откако овој закон беше поништен од страна на Уставниот суд врз основа на процедурални грешки. ЕК смета дека ова претставува „сериозен недостаток“, кој мора да биде коригиран од страна на новиот состав.
Слабост на земјава е и спроведувањето на законодавството во сегментот на спречување говор на омраза, а се критикува и фактот што нема вистински независни истражители за вршење ефикасен надзор врз работата на полицијата, кој ќе овозможи ефикасно справување со феноменот на неказнивост во полицијата.
Побарани се и итни мерки за подобрување на состојбата во затворите и наоѓање алтернативни решенија за притвор и затвор.
Европската комисија бележи умерен напредок во делот на слободата на медиумите, но истакнува дека се зголемени тензиите за време на кризата со ковид-19 и за време на изборната кампања.
– Напорите за саморегулација треба да бидат интензивирани за да се унапредат професионалните стандарди и квалитетот на новинарството – се наведува во извештајот. Поголема транспарентност е потребна во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите, а се очекува одржливо решение за независноста, професионалните стандарди и финансиската одржливост на Македонската радио-телевизија. Суштински е да се продолжи да се поддржува медиумскиот плурализам, промовирање на професионализмот, објективното известување, истражувачкото новинарство, како и градењето отпорност за борба против дезинформациите – пишува во најновиот извештај на ЕК. Комисијата нагласува дека земјата треба да продолжи да ги негува добрососедските односи со Грција и со Бугарија и да ги спроведува билатералните договори.
Во однос на економските критериуми, Македонија е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но постигнала ограничен напредок за време на извештајниот период.