Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа мерка функционира само еден час во текот на работниот ден, при што се јавуваат и над сто пациенти дневно. Дополнителен проблем е што во тој еден час на едно место се групираат лица што го прележале вирусот, но и лица што во моментов се позитивни

МОЖНОСТА ЗА БЕСПЛАТЕН ТЕСТ НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА КОВИД-ПАЦИЕНТИТЕ

Огромен интерес предизвика можноста за проверка на ЦРП и Д-димери на товар на фондот за здравствено осигурување за позитивни и за пациенти што го прележале вирусот, но сепак реализацијата на мерката на терен предизвикува сериозни проблеми.
Трите лаборатории на јавниот здравствен дом во Драчево, „Јане Сандански“ и „Бит-пазар“ се преблокирани од пациенти што со упат од матичен лекар сакаат да ја проверат состојбата на својата крв.
Многумина од нив и по два дена шетање од една до друга лабораторија не успеваат да дојдат на ред, бидејќи оваа мерка функционира само еден час во текот на работниот ден. Од 11 до 12 часот, а пациенти за да фатат ред доаѓаат и два часа порано.
Најмногу метежи има во поликлиниката „Јане Сандански“ и „Бит-пазар“, но слична е состојбата и во Драчево.
Од друга страна, дополнителен проблем претставува тоа што во овој еден час на едно место се групираат лица што го прележале вирусот, но и лица што во моментов се позитивни, без притоа некој да води контрола за дистанца или каков било ред.
Државата од неодамна донесе одлука овие две услуги во проверките на крвните слики да бидат на товар на ФЗО, со што практично требаше да им се овозможи на пациентите пристап до овие услуги, кои на приватно чинат и до 2.000 денари.
Сепак, иако одлуката е во сила веќе еден месец, таа реално не функционираше, бидејќи приватните лаборатории, иако имаат договори со ФЗО, овие услуги ги наплаќаат приватно.
Од оваа недела почна да функционира мерката во три лаборатории на јавниот здравствен дом – Скопје, но само еден час.

Вработените во лабораториите практично од наутро до 11 часот земаат крв за редовни крвни слики на сите пациенти, а од 11 до 12 часот земаат примероци од крв за Д-димери и ЦРП. Во тој еден час реално можат да услужат околу 30 пациенти, а пред вратите на лабораториите со уредни упати од матичен дневно има и над стотина лица.
Во согласност со воведувањето на новиот образец на Лабораториски упат 1- ковид-19 од избраниот лекар, Лу1 – ковид-19 од страна на ФЗОМ, во рамките на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, односно во поликлиниките „Бит-пазар“, „Јане Сандански“ и Драчево ќе се утврдуваат вредностите на биохемиско лабораториски здравствени услуги Д-димер и ЦРП.
Овие три поликлиники се подготвени и со биохемиски апарати и реагенси за изработка на бараната здравствена услуга.
Партиципацијата за оваа лабораториска услуга ќе се пресметува по ценовникот за здравствени услуги на ФЗОМ.

Од Здравствениот дом – Скопје велат дека интересот е огромен, дневно се вршат околу 60 анализи во секоја од поликлиниките и за да нема многу чекање термините за пациентите од страна на службата за биохемиско-лабораториска дејност се закажуваат, бидејќи упатите им се со важност од 30 дена.
– По завршувањето на тековнава недела од почетокот на реализација на овие анализи, во согласност со бројот на извршени услуги ќе се разгледа можноста за зголемување на капацитетите доколку е потребно – додаваат од оваа здравствена установа.

[email protected]