ИСИС КОРИСТИ НОВИ АЛАТКИ ЗА ПЕНЕТРАЦИЈА И ШИРЕЊЕ НА ВЛИЈАНИЕТО НА ИНТЕРНЕТ
Опасностите што ги носи тероризмот не стивнуваат дури ни за време на пандемијата на коронавирусот. Терористите во овој период развиваат нови начини како да го зголемат своето влијание и да регрутираат евентуално нови членови.
Деновиве, германското федерално обвинителство информира дека припадници на ИСИС, користејќи видеа со игри на Јутјуб, но и интернет-игри, изминатиов период се обиделе да радикализираат муслимани и да регрутираат нови припадници во нивните редови.
Германското обвинителство соопшти дека пет осомничени што потекнуваат од Таџикистан се во притвор и биле членови на терористичка ќелија во германската држава Северна Рајна-Вестфалија.
Но ова не е единствен случај каде што играњето на интернет се користи за радикализација и регрутација на нови терористички членови. Имено, американскиот весник „Тексан“ информира дека видеоигрите што имаат во себе вградена опција за комуникација меѓу играчите по пишан и звучен пат се теоретска можност каде што терористите на ИСИС без контрола можат да комуницираат со млади лица и да ги радикализираат за свои намени.
Медиумот додава дека социјалните мрежи во голема мера соработуваат со владите од светот во овој дел, но сивата зона на огромниот број видеоигри наменети за паметните мобилни телефони станува главен проблем од безбедносен карактер во кој може да дејствуваат терористите.
Натаму, слични констатации публикуваше и Институтот за обуки и истражувања на Обединетите нации, кој забележа дека во периодот на пандемијата на ковид-19, насилните екстремисти и терористичките групи користат секакви јавни простори за привлекување нови следбеници и регрутирање активни членови.
– Поради ограничувањето на физичките јавни собири, патувања и движења, може да се очекува промена во активностите за регрутирање, како и значително зголемување на активностите на интернет, особено на социјалните мрежи – информираат од ОН.
Во меѓувреме, Македонија е земја што многу активно се бори на полето на превенција и справување со опасностите од глобалниот тероризам. За време на пандемијата, во нашата земја беше разбиена терористичка група што планирала напади во државата, пронајдени беа оружје и експлозивни појаси на бомбаши самоубијци, а регистриран беше и пример на сајбер-криминал поврзан со овие активности.
Универзитетската професорка Тања Милошевска во своја публикација на оваа тема истакнува дека во последните години огромен број криминални, но и терористички активности се одвиваат на интернет, особено во делот на т.н. зона Дарк веб.
– Дарк веб се претвори во една од најдискутираните теми во круговите за сајбер-безбедност – истакнува професорката.
Според неа, неодамнешните академски анализи и написи за медиуми имаат тенденција да се фокусираат на тоа како се користи анонимната природа на Дарк веб, заради превенирања на секакви криминални активности.
Калтрина Селими и Филип Стојановски истражувачите на безбедносни прашања во организацијата „Аналитика“, во своја анализа забележуваат дека поголемиот дел од регрутацијата направена од групи како ИСИС и Ал каеда не се изведува преку централизирано тело, туку таа се врши на најниско можно ниво што е случај и со Македонија.
Според нив, заканата од радикализација најмасовно е распространета преку интернет бидејќи таа може да се постигне од секоја точка во светот, па и во нашата земја.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски потсетува дека нашата држава има своја стратегија за справување со тероризмот, која го опфаќа интернетот, социјалните мрежи, па дури и видеоигрите.
– Како што тероризмот се развива во време на пандемијата така се развиваат и институционалните механизми за негово превенирање – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека ние имаме големо искуство со превенирање на опасностите од тероризмот, па оттука лесно е да се заклучи дека секој нов тренд во земјата за дејствување на овие групи се зема со огромна доза сериозност од страна на нашите безбедносни служби.
– Во тој правец, ние соработуваме и со НАТО, но и со државите на ЕУ, па верувам дека и во овие тешки времиња кога Македонија се бори со здравствената криза, не се остава ништо на случајност ни во превенирањето на оваа исто така опасна закана за државата и граѓаните што е од поинаква природа – резимира Стефаноски.