Вчерашната изјава на македонскиот премиер пред новите 125 професионални војници на АРМ кога говореше за македонски војници и македонска армија, предизвика реакции во Грција, како кај медиумите, така и кај политичарите.
Извори од грчкото МНР за грчката новинска агенција АНА–МПА коментирале дека конкретниот случај ја истакнува важноста, Договорот од Преспа да стапи во сила.
-Во однос на изјавата на Заев за „македонска“ армија, извори од Mинистерството за надворешни работи истакнаa дека оваа изјава ја потенцира важноста од стапување во сила на Договорот од Преспа. И тоа е бидејќи, како што наведоа истите извори, во договорот јасно се наведува дека придавката за државата, нејзините официјални органи и други јавни субјекти ќе се усогласат со новото име на земјата, односно во конкретниот случај „Армија на Северна Македонија“ – објави грчката новинска агенција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, за конкретната изјава на македонскиот премиер, реагираше преку неговиот официјален Твитер профил и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.
-По фамозниот Договор од Преспа, Заев наведува „македонска армија“. Со само една изјава, Заев: ја провоцира Грција, ги урива аргументите од пропагандата на Ципрас-Коѕијас, дополнително го исмејува Каменос и ја потврдува правилноста на одбивањето од Нова демократија, напиша Кумуцакос на Твитер.
Онлајн изданијата на грчките медиуми, го пренесоа ставот на изворот од Министерството за надворешни работи на Грција за АНА-МПА, но и вчерашната изјава на македонскиот премиер.
„Провокација од Заев за македонска армија, што одговара грчкото МНР“; „Заев говореше за македонска армија“; „Одговор од грчкото МНР за македонската армија на Заев“; „Со Преспа одговараат извори од МНР на изјавата на Заев за македонска армија“; „Наводите на Заев за македонска армија го разбудија грчкото МНР“, се само дел од насловите на текстовите во грчките медиуми за вчерашната изјава на македонскиот премиер и реакцијата од грчкото МНР.