Илустрација: Игор Калц

Проблемот не е само да сфатиме што ни се случува туку наедно и да имаме моќ да го поминеме она што ни се случува. Би ме изненадило да се случи нешто нормално, тогаш навистина би бил изненаден… Ова е само дел од едно лудило и јас не гледам брзо излегување од оваа ситуација. Ниту оптимизмот можам да го црпам од тоа дека народот или граѓаните се освестуваат и дека ќе се освестат, бидејќи проблемот не е само во тоа. Проблемот е да сфатиме што ни се случува и да имаме моќ да го решиме. Проблемот не е дали оние или овие ќе бидат променети, симнати од власт, туку вистинскиот проблем е што потоа, вели професорот Цуцуловски

По француската блокада за добивање датум за преговори со ЕУ, чувството на песимизам и разочараност како да стана доминантно во јавноста и меѓу граѓаните. Истовремено со интензивирањето на предизборната кампања, која иако официјално сѐ уште не е почната, но сепак е во полн ек, се добива впечаток на тенденцијата и кај политичките субјекти за ширење песимизам или оптимизам, во зависност кој од кој агол ги гледа работите и кон која политичка провениенција е повеќе наклонет. Се чини дека она што можеби недостига во моментов е чувството за реализам и поимање на случувањата со вистински и незамаглени очила, без дневна политика, односно далекугледо, визионерско размислување и способност здраво да се сработи за иднината на нацијата и на државата.
Во таа насока, еве како размислуваат гласно македонските интелектуалци за сегашното колективно расположение во државава. Многумина од нив и преку медиумите искажуваат дека сѐ уште постојат надежи, иако постои и едно големо „но“.

– За да го промените она што ви се случува, потребна ви е јака политичка екипа. Мое лично мислење, со кое не мора да се согласите, е дека нема политички сили во Република Македонија, така што нас допрва ќе нѐ следат проблемите. По малку наивно, во добра смисла на зборот наивно, веруваме дека сѐ се решава со тоа што ќе се дојде на власт. Тоа е најмалиот проблем. Што потоа – е вистинскиот проблем, што откога ќе се дојде на власт. Дека тоа е така барем мене ми кажува она што се случува сега. Голем број од тие луѓе можеби наивно, спонтано излегуваа во т.н. Шарена револуција, која не можам да ја оправдам на начинот на кој беше манифестирана, се покажа дека навистина ја променија власта, дојдоа други на власт, но промената отиде на лошо, а не на добро. Значи, проблемот не е дали оние или овие ќе бидат променети, симнати од власт, туку вистинскиот проблем е што потоа, а тоа не го покажува само последниов настан, 27 април, кога власта фактички беше преземена, туку тоа го покажува и светската историја – смета професорот Љубомир Цуцуловски.
Тој посочува и примери од историјата, нагласувајќи дека не било толку проблем да се освои Бастилја во 1789-та, говорејќи за Француската буржоаска револуција, туку проблем било што потоа.

– Самите револуционери се испоклаа меѓу себе. Сетете се на 1917 година, на Октомвриската револуција… И тие се изедоа меѓу себе. Лажна и погрешна е тезата дека револуцијата ги јаде своите деца. Револуцијата без своите деца, без луѓето е ништо. Револуционерите се јадат меѓу себе! А јас мислам дека во Македонија сѐ е толку раздвоено, спротивставено, што не ми дава основа за некој реален оптимизам барем во скоро време. Тргнете само, да речеме, во ваква ситуација колку партии имаме, а молчат. Или околу таа растргнатост колку партии со предзнакот ВМРО имаме во Македонија. Сето тоа говори дека ја немаме онаа елементарна компактност што треба да ја имаат еден народ и партиите – нагласува Цуцуловски.

Од друга страна, се наметнува и дилемата колкаво е влијанието на надворешниот фактор и има ли вина „меѓународната“ за кај нас колективно да преовладуваат песимизам и разочараност?

Според професорот Звонимир Јанкуловски, на оние што не ја познаваат надворешната политика и не го познаваат меѓународниот систем, треба да им биде јасно дека во меѓународниот систем се работи за анархичен систем, каде што доминираат односите на сила, на моќ.

-Така што, вакви ветувања дадени во рамките на тој систем повеќе ви кажуваат за наивноста на лидерите на малите држави во поглед на прифаќање, дури и премиерот имаше една изјава во која е разочаран зашто му било ветено. Ништо не е ветено во рамките на меѓународната заедница, односно меѓународниот систем, затоа што сепак државите се раководат со сопствените интереси. Некој да го анализираше говорот на Макрон во Сорбона минатата година ќе видеше дека има 50 препораки како да се реформира унијата. Тој вика прво Унијата да ја направиме цврста, па дури потоа ќе размислуваме. Она што го добивме сега дури оди чекор понатаму во разочарувањето. Макрон дури ја исклучува и можноста да пристапиме во Унијата, да почнеме какви било преговори и со текот на времето да станеме членка на Унијата. Не знам како никој не го анализира концептот на две Европи. Европската Унија е со две брзини. Мислам, јасно е во сите тие концепти замислени на Макрон дека за Македонија нема место – вели Јанкуловски.

Пратеникот Ферид Мухиќ се согласува со констатацијата дека ние сме измамената страна, за што нема сомнение.

– Не е добро да бидеш измамен, тоа е јасно. Таа гранична ситуација сакам да ја анализирам малку посериозно. Таа влијае врз менталитетот, врз расположението, врз силата, врз ставовите на животните ориентации на граѓаните. Сѐ беше ставено на тоа дека ќе се влезе. Се направи жртва. Тие велат дека тоа не е доволно. Тоа што сте го потпишале Преспанскиот договор, тоа што сте склучиле договор со Бугарија, тоа не е доволно, треба да ги завршите и овие работи. Тие, секако, треба да се завршат. Зашто се потребни. Ако тоа не е доволно, тогаш да видиме која држава од европските членки направи толку многу, жртвувала толку многу како што жртвуваше Македонија. Гневот на граѓаните на Македонија и на сите што очекуваа е сосема оправдан. Како што вели Виктор Иго: „Гневот е доказ дека сте во право“. Кога се буди гневот во вас, тоа е еден внатрешен глас што вели дека ви е нанесена неправда. Во овој контекст има и нешто добро во тоа. Иако, како што реков, доведува до драматична промена и на ставовите и на животната ориентација, сепак под влијание на тоа, вие се ослободувате од таа опсесивност, од онаа целосна дефетистичка посветеност само на тоа „мораме таму, мораме таму наеднаш“, се враќа животната енергија, наеднаш се враќа една самосвест. Откако постои Македонија како самостојна држава и пред тоа, ние никогаш не бевме членка на ЕУ, па живееме. И конечно да се разбере она што го имаме генерално, а што не го цениме – тоа неспоредливо повеќе вреди од сето она што го немаме и по кое копнееме. На што мислам? Која од сите тие членки на ЕУ, Атлантски пакт, кој било сојуз направил што било од она што го имаме? Кој направил една планина, еден цвет, една тревка, една река, езера, ливада? Имено, што направија? Без нив сме можеле досега, можеме и треба да продолжиме. Треба да се ослободи сопствениот потенцијал. Сосема е легитимно да се биде разочаран, да се размисли и да се каже добро дека можеме без нив – смета Мухиќ.

Според професорот Цуцуловски, поголемиот дел од македонскиот народ и од македонските граѓани е „разбуден“ и точно знае што му се случува, бидејќи секојдневно го доживува тоа врз своите плеќи, без разлика на својата етничка припадност.

– Будењето, свеста или самосвеста на она што ни се случува автоматски не доведува до промена. Тоа е неопходен но недоволен услов за да се променат нештата. На пример, тоа што јас знам дека сум во затвор неправедно, не значи дека автоматски ќе излезам од затворот. Македонскиот народ, македонските граѓани сфаќаат што им прават и едните и другите, и албанските и македонските политичари, всушност и политичарите не знаат за нација или народ, тие знаат само за интереси, само како пара за поткусурување. Проблемот не е дали ќе се разбудиме. Ние сме разбудени во смисла – знаеме што ни се случува, можеби не знаеме зошто ни се случува, но велам дека тоа е нужен но недоволен услов да се случи вистинска промена, бидејќи, по вторпат кажано, суштината или проблемот не е да се дојде на власт. Јас не гледам сериозни политички сили во Република Македонија што би можеле да ги извлечат државата и граѓаните, бидејќи државата постои за граѓаните. Од оваа ситуација барем не гледам излез наскоро, бидејќи целото општество е канцерозно, не само канцерозно туку преминува во фаза на гангрена. Немам голем оптимизам. Не ја очекувам пролетта наскоро – констатира Цуцуловски. Во секој случај, надежта постои или, како што вели нашиот народ, таа секогаш последна умира.
Н.М.

Фото: Дарко Андоновски