Речиси пет и пол часа траеше расправата на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот парламент за нацрт закон според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа. Кусо пред 23 часот по локално време дискусијата беше прекината и ќе продолжи утре наутро, јави дописничката на МИА од Атина.
Збор зедоа пратениците, кои ги повторија позициите на нивните партии, оние кои што се „за“, говореа за позитивните аспекти на Договорот, додека пак оние што се „против“ со свои аргументи го поддржаа овој нивни став, објаснувајќи зошто нема да гласаат за ратификација на договорот меѓу двете земји.
Говорите на пратениците од владејачката СИРИЗА беа во насока дека Договорот од Преспа е како основа ја има националната линија од 2008 година.
Нивните колеги од Нова демократија говореа за договор штетен за националните интереси. Надлежниот за надворешна политика во опозициската партија, Јоргос Кумуцакос рече дека историјата ќе ги запише оние кои ќе го кажат штетното „да“ и оние кои ќе го кажат патриотското „не“ на гласањето за договорот.
Според Кумуцакос, договорот за Скопје обезбедува: признавање од страна на Грција дека граѓаните ќе се нарекуваат „Македонци/ граѓани на Северна Македонија“; употреба на терминот „nationality“ наместо терминот „citizenship“; признавање од Грција и слободна употреба на кратенките МК и МКД; признавање на македонски идентите, почеток на процесот за членство во НАТО; можност за почеток на пристапни преговори со ЕУ, обврзување од Грција дека нема да блокира, дискусија за употреба на трговските имиња и ознаки.
Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, одлучи наместо пратеникот Кацикис, лично тој, да присуствува на комисијата.
-Денес е ден на жалост за Грција бидејќи веќе започнува расправата во Парламентот за отстапување на историјата на Македонија, прекршувајќи ја националната позиција која беше формирана во 1992 година на лидерската средба под Константинос Караманлис, рече Каменос на почетокот од неговото обраќање и ја повтори неговата позиција дека е против Договорот од Преспа, рече дека ако стапи на сила „ќе го поништи Договорот од Јалта и ќе доведе до крвопролевање на Балканот“. Воедно, упати критики и до актуелната влада иако до неодамна беше дел од неа.
Пратеникот од Река, Јоргос Мавротас рече дека погрешна е перцепцијата дека тие што го поддржуваат договорот се предавници, а тие што се против се патриоти.
Пратеникот од Сојуз на централисти, Јанис Саридис повтори дека тие ќе гласаат против, а наместо Договорот од Преспа ја користеше фразата „Договорот од езерото“
Комисијата започна со високи тонови, со обвинувања за изборот на новите членови поради тоа што неколку пратеници ги напуштија нивните пратенички групи, со жестоки реакции од пратеникот од Златна Зора, Илијас Касидиарис.
Поради жестоката дискусија, претседателот на комисијата направи пауза од пет минути за да се смират страстите.
На почетокот од седницата, пратеникот од Нова демократија, Никос Дендиас излезе со три барања: да биде доставен целиот текст од македонскиот Устав за да се спореди кои амандмани се вметнати, да се објави писмото со оставката од Коѕијас до Ципрас и поранешниот шеф на грчката дипломатија со оглед на тоа дека ги водеше преговорите, да дојде на комисијата и да ја извести.
Претседателот на Комисијата, Костас Дузинас рече дека овие барања ќе ги пренесе до владата.
Претставникот на Демократска алијанса, Андреас Ловердос, рече дека до комисијата треба да се достават уставните закони за спроведување на Уставот на нашата земја и праша зошто заедно со договорот за гласање не е донесен и протоколот за членство во НАТО, на што алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос одговори „многу едноставно бидејќи не постои, затоа што прво треба да биде ратификуван договорот.
Во првите речиси два часа од почетокот на дискусијата фокусот во главно беше ставен на составот на комисијата и на начинот на кој денес беа избрани новите членови – независните пратеници.
Комисијата за национална одбрана и надворешни работи ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека пак учествуваат и двајца независни пратеници.