Стопанството во фокусот на кампањите за претстојните избори
Големите наративи какви што се членството во ЕУ и во НАТО и прашањата за името се затворени, па тие во иднина нема да доминираат како теми во битката за
гласови. Партиите на овие избори ќе бијат битка на реални политики поврзани
со економијата, но и со здравствените предизвици поради коронавирусот
Со какви теми и со кoи ветувањата партиите ќе втрчаат во изборната кампања за изборите, кои се закажани на 15 јули, под несекојдневни околности и во ек на пандемијата на коронавирусот.
Партијата на власт во јавноста веќе најави, со својата кампања именувана „На прав пат“, дека главно ќе се фокусира на европските вредности и членството на земјава во НАТО, но и на економијата.
Како што истакнаа социјалдемократите, на овие избори главниот фокус ќе биде врз реалните проблеми на граѓаните.
Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ најави кампања под слоганот „Обнова за Македонија“, при што акцент ќе биде ставен на економските политики. Тоа можеше да се препознае и по првичните најави за зголемување на пензиите дадени од страна на лидерот Христијан Мицковски уште истиот ден кога беше утврден 15 јули како ден за изборите.
Натаму, ДУИ, иако најавуваше дека ќе се фокусира врз реалните проблеми на граѓаните, и пред сѐ на младите, се чини дека и овој пат не успеа да ја напушти својата етноцентристичка реторика, па на овие избори реши да оди со барање за премиер Албанец.
Политичките аналитичари оценуваат дека содржината на кампањата на партиите на овие избори по многу нешта ќе се разликува од претходните. Според нив, партиите на овие избори ќе бијат битка за освојување гласови на реални политики поврзани со економијата наспроти претходните практики каде што се говореше за отворените државни прашања, кои сега се дел од минатото.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, споредувајќи ги содржините на кампањите на минатите парламентарни избори и актуелните, смета дека големите наративи какви што се членството во ЕУ и во НАТО и прашањата за промената на името се затворени, па тие во иднина нема да доминираат како теми во битката за гласовите.
Според Арсовски, примарните прашања околу кои се очекува да се бие битката за победник на овие избори ќе бидат долгорочните економски и прагматични политики, а секундарните ќе се поврзани со менаџментот на здравствената состојба со пандемијата и можеби брзината со која земјата ќе се обидува да стане членка на Европската Унија.
Според аналитичарот, кај албанскиот табор партии и натаму ќе недостига прагматичност и кампањите ќе бидат национално ориентирани, а тоа може да се препознае во причината зошто ДУИ, на пример, се залага за отварање една нова и голема политичка приказна како Албанец премиер.
Слично размислува и политикологот Синиша Пекевски, кој смета дека овие избори за разлика од минатите ќе се разликуваат по содржините на кампањите на партиите бидејќи сега веќе нема да се говори за членството во НАТО и за Преспанскиот договор со Грција.
– Овие прашања се затворени и тие нема да се искористат како поле преку кое ќе се кршат копјата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пекевски.
Тој смета дека на претстојните избори од СДСМ ќе ги користат адутите во нивна полза поврзани со процесот за зачленување во НАТО и финансиските економски придобивки добиени од страна на Европската Унија.
Од друга страна, според Пекевски, ВМРО-ДПМНЕ ќе се концентрира на економијата и на враќање на економското дејствување на земјата од периодот кога партијата беше на власт, односно ќе тежнеат на зголемување на платите и пензиите во јавниот сектор, на рамниот данок, субвенциите за различни области и слично.
– Албанските партии де факто на овие избори повторно ќе играат на карта поврзана со национализам. Тоа е така бидејќи, очигледно, тие се безидејни за прашања поврзани со економијата или со некоја друга општествена сфера. Па затоа очекувам и преостанатите албански партии донекаде да го следат примерот на ДУИ во барањата за прв Албанец премиер во државата – вели Пекевски.
Кои беа ветувањата во 2016-та
На претходните парламентарни избори во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ својата програма ја наслови „Реално“, при што политичките пораки беа фокусирани на намалување на стапката на невработеност до 17 проценти, отворање нови 70 илјади работни места, зголемување на платите во јавниот сектор и пензиите.
Од друга страна, од СДСМ имаа кампања насловена „План за живот“ и програма во пет точки со чие исполнување преку членството во ЕУ и во НАТО граѓаните ќе имаат подобар живот. Во програмата на СДСМ и тогаш голем дел заземаа економските теми, пораст на платите, даночната политика, повратот на ДДВ кај граѓаните и слично.
Кај албанскиот табор партии, ДПА во 2016-та ја предводеше кампањата под мотото „Чекориме право“, а тогаш главен фокус на ветувањата им беше т.н. ослободување на сите Албанци од долговите кон државата и целосна рамноправност во распределбата на буџетот помеѓу албанските и македонските области.
Од друга страна, Демократската унија за интеграција (ДУИ) на изборите во 2016 година борбата за гласачи ја водеше под мотото „Заедно одлучуваме“. Главните пораки што оваа партија ги испрати преку кампањата на минатите избори се поврзуваа со официјалната употреба на албанскиот јазик.