Фото: Архива

Четири години по насилниот упад во Собранието на 27 април, јавноста, политичките партии и аналитичарите гледаат со различна диоптрија и со спротивставени мислења и за овој настан, но и за начинот на кој потоа продолжија да функционираат државата и институциите. Што научивме од 27 април, се смени ли нешто на подобро, колку денес се функционални институциите и се на врвот на својата задача, колку се почитуваат Уставот и законите, се залечија ли раните на длабоките поделби во општеството… се само некои од прашањата на кои побаравме одговори од политичките партии, аналитичарите и невладиниот сектор

ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПО НЕМИЛИТЕ НАСТАНИ И УПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО

Четири години по насилниот упад во Собранието на 27 април, јавноста, политичките партии и аналитичарите гледаат со различна диоптрија и со спротивставени мислења и за овој настан, но и за начинот на кој потоа продолжија да функционираат државата и институциите. Што научивме од 27 април, се смени ли нешто на подобро, колку денес се функционални институциите и се на врвот на својата задача, колку се почитуваат Уставот и законите, се залечија ли раните на длабоките поделби во општеството… се само некои од прашањата на кои побаравме одговори од политичките партии, аналитичарите и невладиниот сектор.
Четиригодишнината од овој, на некој начин, пресвртен политички чин е повод за анализата на „Нова Македонија“ да се дадат одговори за тоа каде беше Македонија тогаш и каде е сега, дали денес сме поблиску до Европа во практикување на демократијата и воопшто што се смени на домашен план во поимањето и практикувањето на политиката.

Политичките партии со спротивставени гледишта

Од владејачката СДСМ велат дека сѐ уште се свежи сеќавањата на тој најмрачен ден за македонската демократија и упадот во Собранието, кога на конец висеше целата држава.
– Иако веќе има пресуди за 27 април, сепак за целосно затворање на ова мрачно поглавје треба да добие епилог и процесот за оние што го организираа упадот во Собранието. Нашето општество научи многу и напредна многу од тој 27 април 2017. Тогаш бевме држава на раб на граѓанска војна, заглавена во последните стеги на режимот, меѓународно изолирана со неизвесна иднина. Денес, четири години подоцна ние сме членка на НАТО, сојузник и партнер на западниот демократски свет, држава во која човековите права и слободи секојдневно се унапредуваат – велат од СДСМ.
Од партијата информираат дека денес во Македонија правото и законите важат за сите еднакво, нема веќе заштитени поединци и групи, има неселективна и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
– И тоа се огромни, суштински разлики меѓу режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното државничко управување со институциите од страна на СДСМ. Таа разлика граѓаните ја препознаваат и чувствуваат и затоа поддршката за СДСМ постојано расте, затоа СДСМ постојано победува – заклучуваат оттаму.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие го осудуваат секое насилство што се случи во овие настани и додаваат дека токму овој чин во четирите години што следуваат по случувањата е искористен од власта за да се извршат политички притисок, злоупотреби и реваншизам.

– Токму затоа четири години подоцна во јавноста сега се гледа вистината за случувањата за кои константно говори ВМРО-ДПМНЕ – велат од партијата.
Оттаму подвлекуваат дека она што е главна работа, а сѐ уште не е решена за 27 април, е дека вистинските виновници сѐ уште ги нема и дополнително сѐ уште нема вистински одговор за тоа што се случи на 27 април. Во народот тлее незадоволство дека нема ниту правда ниту, правна држава, ниту право, а наспроти тоа сведоци сме дека има лов на вештерки, кој власта го употребува и злоупотребува сето во име на 27 април – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од најголемата опозициска партија уште додаваат дека со настаните што следуваа по 27 април, и само врз основа на тој ден, беше силуван Уставот на Македонија, беше променето уставното име на државата, направени се многу зафати во менувањето на ДНК-то на структурата на Македонија и низ сите тие процеси нашата земја тоне во криминал и корупција без да има исчекор во демократизацијата на системот.
– Во контекст на случувањата, мораме да напоменеме дека Македонија е единствената земја што стои на половина пат кон ЕУ, и тоа со политички затвореници во име на 27 април, додека криминалци вработени во системот се апсат од страна на странски полициски агенции. Токму затоа на 25. во Македонија ќе се одржи и протест за ослободување на уставобранителите – велат од најголемата опозициска партија.
Од партијата Левица, пак, велат дека oд тој фамозен 27 април 2017 година, денот кога власта беше узурпирана од страна на СДСМ, до денес, се случија безброј прекршувања на Уставот, безобѕирно погазување на утврдените протоколи и деловници за работа на највисоките институции на државата, како што е Собранието, и сериозно загрозување на државниот поредок.

– Сето ова беше направено токму од власта предводена од СДСМ и од денешен аспект јасно можат да се оценат мотивите на власта во нејзината улога како главен диригент на политичкиот прогон, кој се случи врз осудените од тој немил настан. Имено, само заради приграбување на власта, СДСМ ги погази националните и државни интереси, што беше основна провокација за револтот на народот што подоцна го предизвика и упадот во Собранието на 27 април. Впрочем, и самиот тогашен избор на Талат Џафери за спикер на Собранието беше нетранспарентен и во спротивност со Деловникот – велат од Левица.
Оттаму додаваат дека е доволно да се издвојат две работи од периодот на владеењето на СДСМ, а тоа се нелегалното и нелегитимно спроведување на Преспанскиот договор, кое кулминира со промена на Уставот и името на државата, како и етапното спроведување на т.н. Тиранска платформа, како серија политики што дополнително ја нарушија унитарноста на државата.
– Токму во оваа насока беа и конструираните обвиненијата за учесниците од 27 април, кои беа квалификувани и осудени како „терористи“, а потоа пресудите беа селективно спроведени и искористени за политички пазар, кој СДСМ го направи за спроведување на сите подоцнежни антидржавни политики. Впрочем, јасен доказ за ова се амнестиите на Крсто Мукоски, кој практично ги отвори вратите на Собранието за толпата да може непречено да влезе, како и на Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, сите тројца пратеници од коалицијата предводена од ДПМНЕ, кои гласаа ЗА уставните измени – резимираат од Левица.
Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, навраќајќи се на настаните четири години подоцна, вели „сѐ е исто само него го нема“.
Тој објаснува дека, за жал, по овие настани продолжува истата приказна како претходно.

– Имаме политизирано судство, партиска и неспособна администрација, деморализирано здравство, крајно политизирано и дегенерирано образование, а за корупцијата во државата зборуваат и меѓународните релевантни институции, како „Транспаренси интернешнел“ и дополнително имаме и натаму монтирани судски случаи – вели претставникот на Алијансата.
Според него, очекувањата беа огромни во 2017 година меѓутоа сега сѐ повеќе се убедуваме сите дека не се смени ништо битно.
– Разликата е во нијанси меѓу минатиот режи и сегашниот хибриден режим по наводите во „Економист“ – резимира Таравари.

Темна дамка од која не научивме ништо

Во меѓувреме, познавачите на домашната политика и универзитетските професори со кои се консултиравме сметаат дека четири години подоцна од настаните тие и натаму се резервоар на поделби и политички пресметки и настан врз кој од различна перспектива се гради или се урива идејата за иднината на Македонија.
Александар Кржаловски, аналитичар и прв извршен директор на невладината МЦМС, вели дека настаните во Собранието од 27 април 2017 година останаа темна дамка во нашата историја и не требаше воопшто да се случат.
– За жал, се чини малку или ништо не сме научиле од нив. Сличниот начин на „надмудрувања“ продолжува во Собранието и сега и наместо да се работи на развивање на политичката култура, зголемување на напорите за усогласување на ставовите и постигнување консензус, гледаме и натаму случувања на крајно меѓусебно непочитување на пратениците, навреди и напади (за среќа, овој пат вербални, а не и физички како тогаш) и тотално отсуство на одговорност да се работи тоа за што се избрани сите тие таму – вели Кржаловски.

Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски за случувањата на 27 април 2017 тврди дека организатор на настаните е тој што најмногу добил од тие настани.
Како што истакна Цуцуловски, правното насилство што е направено при гласањето на Талат Џафери на 27 април е пострашно од физичкото насилство, затоа што пред да влезат луѓето во парламентот бил ставен во прашање опстанокот на една држава со тоа што се случуваше внатре, односно тоа неуставно гласање за претседател на парламентот.
Професорот вели дека за него е пострашно прекршувањето на законите што го прави државата отколку тоа што го прават граѓаните.
Професорот смета дека луѓето што на 27 април влегле во парламентот не требало да бидат осудени за тероризам.


Што се случи на 27 април

Упадот во македонското собрание познат во јавноста и како „Крвавиот четврток“ е насилен инцидент што се случил на 27 април 2017 година кога околу 300 лица од здружението „За заедничка Македонија“ насилно навлегоа во парламентот за да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Македонија. Настанот се случи вечерта околу 19 часот кога маскирани лица биле пропуштени од собраниското обезбедување и упаднале во салата за новинари каде што конференција за печат држел новоизбраниот претседател Џафери. Насилниците физички ги нападнале пратениците и новинарите, а телесни повреди добиле Зоран Заев и Зијадин Села, предводници на СДСМ и Алијанса за Албанците. Ова случување беше кулминацијата на двегодишната политичка криза, која заврши со формирање на новата тогашна влада предводена од премиерот Зоран Заев.


„Македонски манифест“: Се прогонуваат само политички неистомисленици

Македонија по многу нешта е уникатна, па и по поимањето на тероризмот. Дефиницијата на тероризмот секаде во светот е единствена, но само кај нас голораките граѓани се прогласуваат и судат како терористи – велат од здружението „Македонски манифест“.
Според организацијата, криминалци, наркодилери, убијци, па и терористи слободно се шетаат, некои и заседнати во парламентот, а македонските патриоти, кои на 27 април влегоа со голи раце да го одбранат достоинството на парламентот и бруталното газење по Уставот и законите, за само едно тегнење за коса, раскрвавен нос и неколку гребнатинки, гнијат по затворите осудени на брутални казни од 15 и 18 год. затвор, за наводен тероризам.
„Македонски манифест“ истакнува дека оние што им требаа за изгласување на уставните измени на името (пратеници), беа ослободени од одговорност.
– Со овој чин му покажавме на светот дека законите не важат еднакво за сите и дека се прогонуваат само политичките неистомисленици. Покажавме дека уставно загарантираното право на протест и одбраната на демократските придобивки се загрозени. Едноставно кажано, во предвечерјето на Преспанскиот договор и уставните измени на името, на изродите им беше потребно да влеат страв кај народот да не излегува на протести. Светот го препозна тоа, знае дека со голи раце не се врши тероризам – тврдат од „Македонски манифест“.

[email protected]