Без патишта, болници, училишта, фабрики едноставно е невозможно да се функционира, а децениите неинвестирање во помалите места и градови во Македонија доведоа до нерамномерен развој, што се одрази врз опустошување на селата и помалите градови и населени места. Од друга страна, најави за рамномерен регионален развој даваше секој нов министер за локална самоуправа
Нерамномерниот развој на државата во голема мера влијаеше и влијае врз миграцијата на населението од остатокот на државата во Скопје, што од една страна е погубно за просперитетот на преостанатите делови на земјата, а од друга страна доведува до пренаселеност во главниот град, чија постојна инфраструктура не може да го издржи зголемениот притисок на ново население.
Според развојниот индекс, Скопје во однос на другите плански региони предничи двојно, додека расходите по жител во другите плански региони се пониски само една третина во однос на скопскиот регион.
Нерамномерниот развој придонесува и за негативната стапка на прираст на населението во преостанатите делови од земјата, како и за помалиот број реализирани проекти важни за животот на граѓаните.
Најави за рамномерен регионален развој даваше секој нов министер за локална самоуправа, но по стапувањето на функцијата работите застануваа и продолжуваше процесот на миграција, оставајќи цели градови без население.
Без патишта, болници, училишта, фабрики едноставно е невозможно да се функционира надвор од Скопје и уште во два-три града во земјава, а децениите неинвестирање во преостанатите делови од Македонија доведоа до нерамномерен развој, што се одрази врз опустошување на селата и помалите градови и населени места.
Со оптимистичка најава за еднаков регионален развој излезе и новиот министер за локална самоуправа Горан Милевски, кој како свој приоритет во новиот мандат го најави токму еднаквиот развој на сите плански региони во земјата, а не само на скопскиот.
– Квалитетот на живеење ќе го менуваме со воедначување на стандардот на јавните услови на сите делови на државата. Училиштата, детските градинки, патиштата, комуналната инфраструктура треба да бидат еднакво функционални за сите граѓани – рече министерот.
Граѓаните од помалите места се категорични дека државата малку инвестира за да им овозможи нормален живот, што од друга страна, според нив, ги тера младите да ги напуштаат родните места и да се селат во Скопје.
– Имате места и во околината на Скопје што немаат добар асфалтен пат, немаат водовод, канализација, стабилен напон… Ако е тука така, тогаш може да замислите каква е состојбата во преостанатите делови од земјата. Македонија не е голема, ако имавме добра инфраструктура и нормални услови за живот, зошто да не се живее на 100 километри од Скопје – вели Симо Кимовски, електротехничар.
Тој го посочува примерот со Словенија, каде што имал можност да работи десетина години.
– Словенија може да биде добар пример за Македонија. Словенците не ја натрупаа Љубљана, туку изградија добра инфраструктура низ целата земја и не дозволија да им изумрат помалите градови и села. Секаде има болници, компании, училишта, така што за еден обичен преглед никој не се упатува во болниците во Љубљана. Сега ситуацијата со пандемијата покажа дека пренаселените градови не се функционални и дека е потребно и населението и бизнисите буквално да се раштркаат низ целата земја и да се овозможи економски просперитет секаде – смета Кимовски.
Според Младен Протиќ, раководителот на Центарот за развој на североисточниот плански регион, кој важи за еден од најслабо развиените, за да се постигне рамномерен развој на сите региони во земјава потребно е државата само да го почитува законот.
– Државата треба само да го почитува Законот за рамномерен регионален развој. Во рамките на таа законска обврска е предвидено еден отсто од БДП да се одвојува за рамномерен регионален развој, а рамномерен регионален развој значи да се почитува методологијата за развиеност, односно неразвиеност – вели Протиќ.
Од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа велат дека на рамномерниот регионален развој треба да му се посвети особено внимание и повеќе да се работи на негово препознавање од другите институции или, доколку е можно, предвидените еден отсто од буџетот да се распределуваат преку Бирото и Министерството за локална самоуправа.
– Само распределувањето на средствата во согласност со степенот на развиеност на планските региони ќе резултира со намалување на диспаритетите помеѓу регионите и внатре во регионите, што, всушност, е примарна цел на политиката за рамномерен регионален развој – нагласуваат од Бирото.
Дополнително, Бирото се залага за трансформација во агенција за рамномерен регионален развој, со што ќе може да се акредитира и да црпи средства директно од европските фондови.
– На овој начин ќе бидат ставени на располагање повеќе средства и не само оние од националниот буџет, а повеќе средства значат повеќе проекти, намалување на диспаритетите и поквалитетен живот на граѓаните на целата територија на Република Северна Македонија – истакнуваат од Бирото за регионален развој.
Тие уште додаваат дека последните години има тенденција на зголемување на буџетот наменет за ваквите политики.