Од одлуката за прераспределба на рамковно вработените, покрај во Државниот пазарен инспекторат, постои незадоволство и во повеќе други институции, како МВР, антикорупциската комисија итн. Сите тие реагираат дека им се праќа неквалификуван кадар. Прашањето што си го поставува јавноста е како Македонија ќе ги спроведува реформите на кои инсистира ЕУ, кога институциите што се директно задолжени за реформите постојано се полнат со неквалификуван кадар. Дали на овој начин, покрај блокадата од страна на Бугарија, земјава си прави и внатрешна институционална блокада што уште повеќе ќе го отежне почетокот на пристапните преговори
Државата сама ги демонтира институциите
Наложените вработувања во државни институции на лицата што со години земаа плата без да одат на работа дополнително ќе го отежнат европскиот пат на Македонија, бидејќи поради лошата распределба институциите се полнат со нестручни кадри, кои во иднина нема да можат да одговорат на спроведувањето на реформите што Европската Унија ги бара од земјава.
При прераспределбата целосно е занемарен мерит-системот на што всушност постојано инсистира Европа, што не може да се протолкува никако поинаку освен како уривање на државните институции одвнатре.
Токму на тоа предупредија неколку институции, со забелешка дека им се испраќаат кадри што воопшто не им се потребни или, пак, не се стручни за работата што треба да ја извршуваат.
Прва истапи претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, која се пожали дека наместо виши советници, им биле испратени помлади соработници.
– Политичките одлуки, не само оваа туку одлуките во континуитет поврзани со тоа прашање, само го дерогираат системот. На почетокот, Владата во 2006 или 2007 година има формирано Комитет на министри што треба да соберат податоци за тоа какви се потребите на институциите и тогашниот вицепремиер да добие податоци од самите институции. Тие тоа воопшто не го земаат предвид и започнуваат со вработување. Значи, ни тогаш ни денес не се тргнува од потребите, нема анализа, не е земена предвид – предупреди Ивановска.
Забелешки имаше и за вработувањата во Министерството за внатрешни работи, бидејќи не беше испочитувана безбедносната проверка на лицата што се вработуваат во онаа мера како што налагаат правилата за работа во оваа институција, па, така, не се за изненадување последните незаконски дејства во кои беа инволвирани и припадници на МВР.
Но додека другите институции, и покрај првичните негодувања и реакции, ги прифатија „рамковните“ вработувања, првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, деновиве, по цена на својата функција, најави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 лица, бидејќи некои од нив, како што рече, не соодветствуваат на барањата.
Во една ваква ситуација прашањето што си го поставува јавноста е како Македонија ќе ги спроведува реформите на кои инсистира ЕУ, кога институциите што се директно задолжени за реформите, всушност, продолжуваат да се полнат со неквалификуван партиски кадар.
Несомнено дека покрај блокадата од страна на Бугарија, земјава си прави и внатрешна институционална блокада што уште повеќе ќе го отежне почетокот на пристапните преговори, бидејќи токму оние што врз своите плеќи ќе треба да го понесат товарот на реформите, немаат капацитет за такво нешто.
– Европската Унија нема никогаш да нè прими, затоа што ние не сакаме да влеземе во неа. Не може цело време да ни е полна устата со Европа и со европските вредности, а постојано да работиме спротивно токму на тие европски вредности – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, институциите на државата со години ги поткопуваат токму политичките партии.
– Политичките партии не се заинтересирани за владеење на правото и владеење на европските вредности, бидејќи ги интересира само ситен интерес. Ниту една партија не размислува проевропски, туку гледаат само како да имаат бенефиција од нешто. Само тоа ги интересира – нагласува Пекевски.
Тој додава дека ако навистина некој сакал да го реши проблемот со рамковно вработените, тоа можело да се направи на едноставен начин.
– Прво, да сакаше некој да ги среди рамковните, немаше цело време да објавува нови конкурси за други вработувања, туку ќе ги примеше нив. Од една страна сакаат да го решат проблемот со тие што седеа дома и примаа плата, од друга страна знаат дека тие луѓе не се компетитивни. Втора работа, треба да се направи анализа на кое претпријатие какви луѓе му требаат и требаше тие кадри да ги однесат таму каде што требаат, а за тие што ќе останат, да видат со какви квалификации се и да размислат каде би можеле да ги сместат. Не можеш никому да му наметнуваш дека мора да земе некого само поради тоа што Владата така кажала. Тоа не е демократски, ниту, пак, е во насока на развивање на капацитетите на државата – истакнува Пекевски.
Вината за ваквите вработувања со кои продолжува партизацијата на институциите, директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, исто така ја гледа само кај политичките партии.
– Државата сама си ги поткопува институциите одвнатре и дополнително си го отежнува европскиот пат со вработувањето партиски и нестручни луѓе. На тоа се сведува. Се потфрли уште по изборите, кога се полнеа пониските ешалони со луѓе преку нетранспарентен процес – вели Трошановски.
Тој додава дека пред изборите во процедура бил закон за висока раководна служба со кој се заоструваа критериумите кој треба да биде избран на висока функција во согласност со компетенциите и квалификациите, но не бил изгласан.
– Во суштина, реформата на јавната администрација е клучната реформа од сите реформи што ги правиме во насока на консолидација на политичкиот систем кај нас и евроинтегративниот процес. Ако се потфрли тука, а забележливо е дека главен проблем се партизацијата и кабестата и неефикасна администрација, тогаш со уште повеќе луѓе што се префрлаат сега во институциите, проблемот уште повеќе се зголемува. Државата не е виновна, туку виновни се политичките партии и принципите по кои се водат во именувањето државни службеници – заклучува Трошановски.
И професорката Мирјана Најчевска смета дека независноста и департизацијата на институциите мора да бидат светост во една демократска држава.
– Кога станува збор, пак, за државната администрација, нејзината независност и департизираност мора да бидат светиња во една правна држава. Секој облик на задирање во оваа област од страна на политичарите треба да им се скрши од глава на политичарите.
Тоа што еден директор на јавно претпријатие мора да излезе на Фејсбук за да може да ја заштити независноста на институцијата со која раководи и да се спротивстави на прекршувањето на правото, само зборува за нивото на извртеност на вредностите во нашата држава… И оние 236 директори што прифатиле да спроведат противзаконска одлука треба сите да бидат разрешени од функциите. Тие не се директори туку партиски војници – порачува Најчевска.