Фото: Игор Бансколиев

Од Исламската верска заедница велат дека сѐ уште ги немаат сите прецизни упатства како ќе се одвива аџилакот оваа година, а не се сигурни ниту дали ќе има верници од Македонија што ќе патуваат за Мека и Медина

ВО ПРЕСРЕТ НА ВЕРСКИТЕ ПРАЗНИЦИ

Колку претстојните верски празници, но и традиционалното одење на аџилак во Мека и Медина, ќе претставуваат ризик од дополнително ширење на вирусот во земјава, но и од разни мутации на ковид-19 се прашањата што деновиве, по заострувањето на мерките за заштита на јавното здравје, дополнително ја интригираат јавноста.
Аџилакот во Саудиска Арабија се смета за најголемиот собир на луѓе во светот, на кој присуствуваат повеќе милиони верници. За време на Рамазан во Мека обично има голем број верници од Саудиска Арабија и други муслимански земји низ светот. Тоа дополнително може да го загрози ширењето на вирусот во матичните земји откако ќе се вратат од аџилакот.
Од Исламската верска заедница велат дека сѐ уште ги немаат сите прецизни упатства како ќе се одвива аџилакот оваа година, а не се сигурни ниту дали ќе има верници од Македонија што ќе патуваат за Мека и Медина.
– Рамазанските пости почнуваат на 13 април годинава. Потоа го славиме Рамазан-бајрам. Еден месец подоцна се прославува Курбан-бајрам. Во тој период традиционално се оди на аџилак. Засега немаме никакви прецизни информации. Сѐ ќе зависи од состојбата на ширење на вирусот во земјава, како и на бројот на вакцинирани лица – посочуваат од ИВЗ.
Оттаму велат дека, како верски работници, сѐ уште не било контактирано со нив за приоритетна вакцинација во земјава.

Својата одлука дека услов за учество на аџилакот ќе биде потврда за примена вакцина против ковид-19 или за прележана болест, Министерството за здравство на Кралството Саудиска Арабија ја потврди преку соопштение пред два дена.
– Тие луѓе спаѓаат во три категории, оние што примиле две дози вакцина, оние што примиле само една доза 14 дена порано и оние што биле излекувани од коронавирусот – соопштија тамошните власти.
Саудиското министерство за здравство засега не појаснува дали годинешниот аџилак ќе биде отворен за странците или ќе се сведе само на жителите на Саудиска Арабија. Лани аџилакот се случи само со илјада аџии, сите домашни.
Оваа година аџилакот треба да се случи од 17 до 22 јули. Малиот аџилак беше прекинат во март 2020 година поради пандемијата, а на почетокот на октомври полека почна да се враќа со мерки на претпазливост.
Мал аџилак, или омра, може да се изведува во текот на целата година за разлика од аџилакот што е еднаш годишно.

Саудиска Арабија ја почнала вакцинацијата на 17 декември, а досега во Кралството се регистрирани 377.700 заразени, а 6.500 лица починале како последица од вирусот.
Секој муслиман има обврска еднаш во животот да го направи аџилакот во Мека, наречен хаџ. Може да го направи и повеќепати, но еднаш е задолжително. Аџилакот трае пет дена преку серија ритуали што се изведуваат во Мека, а околу два милиона аџии го преплавуваат градот, кој се смета за престолнина на исламот.
Секоја година повеќе од 800 муслимански верници од земјава ја посетуваат Саудиска Арабија, за да ја добијат титулата хаџи. Најчесто таму муслиманите го слават и празникот Курбан-бајрам.
Според Законот за верски заедници, ИВЗ е единствената легитимна верска заедница што може да испраќа лица на аџилак, а државата може да обезбеди визи за Саудиска Арабија, но само во согласност со верската заедница.


И свештениците на МПЦ чекаат вакцини

Изминатите два дена започна вакцинацијата меѓу вработените во ризичните професии, како армијата, Министерството за внатрешни работи, вработените во градинките и во училиштата.
Во ризичните групи се и верските претставници, кои поради извршување на верските обреди често имаат контакт со поголема група луѓе.
Од Македонска православна црква-Охридска архиепископија велат дека црквата во моментов се фокусирани на тоа да им посочат на верниците дека вакцинацијата е корисна и не е спротивна на теологијата.
– За таа цел, според нашите анализи, голем дел од свештениците и вработените во црквата би се вакцинирал кога ќе пристигнат вакцините во земјава. Сѐ уште не контактирале со нас за да нѐ стават во процедура за вакцинација, но се надеваме дека ќе бидеме во приоритетните категории граѓани со ризични професии – велат од МПЦ-ОА.
Оттаму додаваат и дека засега свештенството ги почитувало мерките на здравствените власти за време на сите поголеми верски празници во текот на изминатата година.

[email protected]