Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин.
На средбата двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави во сферите од заемен интерес.
Претседателот Пендаровски и амбасадорот Баздникин размениле информации за состојбите во двете земји во контекст на пандемијата од ковид-19, како и за справувањето со последиците на здравстен, економски и на социјален план.
Амбасадорот Баздникин, во пресрет на Денот на независноста 8-ми Септември на претседателот Пендаровски му предал честитка од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Во продолжение го проследуваме интегралниот текст на честитката од рускиот претседател:
„Почитуван господине Претседател,
Примете честитки по повод националниот празник на вашата земја – Денот на независноста.
Уверен сум дека унапредување на конструктивна билатерална соработка меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија би им одговарало на интересите на нашите народи, би придонесувало за зацврстување на безбедноста и стабилноста на Балканот.
Искрено Ви посакувам добро здравје и успеси, а на сите Ваши сограѓани мир и добробит.
Со почит,
В. Путин“