Од досегашната 27-годишна традиција на повеќепартиски плурализам во Република Македонија, не е забележано дека некоја влада (или министер) биле сменети со интерпелација. Во таа насока интерпелациите иако треба да бидат силен демократски инструмент за надзор, контрола и подобрување на функционирањето на власта во интерес на граѓаните, досега се покажа дека тие повеќе се средство за политичко- партиско надмудрувањево Парламентот, отколку за некаква суштинска промена на подобро
Демократскиот инструмент интерпелација вчера се врати на политичката сцена во државата преку барањето поднесено од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за изгласување недоверба по десетмесечната работа на Владата, предводена од СДСМ. Каков епилог ќе има оваа интерпелација ќе се знае по чинот на гласање до полноќ на 11 април, но досегашните искуства покажуваат дека владите во Македонија или министрите не паѓаат со интерпелација. Во таа насока, досега интерпелациите повеќе биле средство за политичка пропаганда и себепромовирање на партиите отколку за некаква суштинска дебата и промена во интерес на граѓаните.
Од друга страна, за евентуалното изгласување недоверба на Владата е потребно општо мнозинство од 61 глас од присутните пратеници, а според резултатите од изборите од 2016 година, опозициската коалиција „За подобра Македонија“ има 51 мандат. Во меѓувреме, тројца пратеници од таа коалиција преминаа во редовите на мнозинството, а и барањето до Собранието за отворање прашање за доверба на Владата го потпишале 41 пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во искуството од досегашната 27-годишна традиција на повеќепартиски плурализам во Република Македонија не е забележано дека некоја влада (или министер) биле сменети со интерпелација. Најблиску до пресврт во обидот за создавање ново парламентарно мнозинство од страна на опозицијата имало во времето на мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски (1998-2002).
Имено, тогашната опозиција на партијата СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски, имаше сериозна можност да создаде нова ситуација во парламентот, со создавање коалиција со пратениците од Демократска алтернатива, дотогашниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, кажано со фудбалски речник, ниту таа најсериозна шанса за соборување на некоја македонска влада со интерпелација не беше реализирана. Инаку, интерпелацијата како демократска форма или алатка од обичните пратенички прашања се разликува по тоа што по повод интерпелацијата се отвора расправа во парламентарниот пленум и се спроведува гласање. Додека кај пратеничките прашања основна цел е добивање информација, кај интерпелацијата се работи за претресување и оценување на политиката на владата. Со интерпелацијата се напаѓа политиките на владата со намера да се покаже дека е погрешна и штетна за интересите на граѓаните, односно на државата.
Во некои политички околности, расправата по повод интерпелација може да значи и најава за заминување на владата. Но, според теоријата, интерпелацијата не е опасна само за владата туку и за опозицијата, особено ако зад владата стои јасно парламентарно мнозинство. Со една таква јалова интерпелација опозицијата се девалвира и себеси и своите политики. Затоа, пратениците не би требало да поднесуваат интерпелација ако не се сигурни дека со својата критика и аргументи барем ќе го „растресат“ угледот на владата во редовите на владините поддржувачи или во пошироката јавност, сметаат експертите. Последната интерпелација на опозицијата во македонскиот парламент, доаѓа во необични околности, кога премиерот Заев веќе подолго време изјавува дека води преговори за окрупнување на владејачкото мнозинство во парламентот.
Од друга страна, владејачкото мнозинство ѝ забележува на опозицијата за неконструктивност, бидејќи со интерпелацијата ја забавува собраниската процедура за донесување на реформските закони, предвидени со владината програма 3-6-9, неопходни за добивање позитивен извештај за Македонија од Европската комисија, кој треба да биде објавен на 17 април. На почетокот на седницата на која се расправаше за интерпелацијата на Владата, која се одржуваше до истекот на датумот 11 април, опозицијата, односно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, во воведното излагање кажа дека премиерот Зоран Заев ја води најнеспособната, најнеработлива и најкриминална влада во македонската историја. -Оваа влада покажа и докажа дека нема капацитет за водење институции и, наместо да решава проблеми на граѓаните, работи исклучиво за своите партиски и лични интереси и за задржување на лабавата коалиција со ДУИ.
За да останете на власт, ги поткопавте националните и државните интереси. Повеќе нема демократија во Македонија, премиерот и министрите во исто време се политичари, судии, обвинители и бизнисмени. Ги партизирате сите институции, се бркаат од работа и се деградираат неистомисленици и професионалци. Судството е заробено, се кршат Уставот и законите, што се покажа со носењето на Законот за јазици. Дојде живот само за владините и партиските функционери на СДСМ – рече Данев. Координаторот Данев ја праша Владата дали фирми блиски до власта се вмешани во сериозни корупциски скандали. Претставниците до власта ги отфрлија ваквите тврдења, нагласувајќи дека токму ВМРО-ДПМНЕ додека била на власт го правела тоа за што сега зборува, односно ги партизирала институциите, ги заробила судството и државата и во тој период биле извршени тешки криминални и корупциски дела. Гласањето за довербата на Владата требаше да заврши до полноќ, на 11 април.