Обвинителството во Хаг ја објави редактираната верзија на обвинението против албанските паравоени формации
Стручната јавност со големо внимание ги следи хашките процеси за судски прогон на лицата поранешни припадници на ОВК осомничени за воени злосторства и убиства на цивили.
Редактираната верзија на обвинението содржи мноштво тешки криминални дела
Хашкото обвинителство веќе ја објави редактираната верзија на одлуката со која се потврдува обвинението. За потсетување, таа се однесува на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни високи команданти на ОВК. Тие се товарат за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени во војната во Косово, 1998 – 1999.
Според редактираната верзија на обвинението, која има повеќе од 238 страници, четворицата обвинети се гонат за злосторства за човештвото и меѓународното право по членовите 13 и 16, како и за воени злосторства против меѓународното право казниво со членовите 14 и 16 од законот.
Во опширното излагање во обвинението се објаснуваат условите што придонеле да избувне воен конфликт во Косово, но се напоменуваат видовите на одговорност што им се ставаат на товар на обвинетите. На пример, во документот се наведува дека осомничените имале увид во воените состојби на целата територија на Косово и одредени делови на соседна Албанија, односно точно за местата и содржините во кои се извршени планирањата и спроведувањата на злосторствата за кои се товарат поранешните припадници на ОВК.
Со документот се потврдува дека обвинетите биле дел од „заеднички злосторнички потфат“, кој стоел зад воените злосторства и злосторствата против човештвото и дека „биле одговорни за стотина убиства“.
За најтешките дела за извршени злосторства се предвидени сериозни казни
Настаните во соседството се следат со голема заинтересираност од експертската јавност и во нашата држава, бидејќи и ние имаме случаи со идентична природа и карактер од 2001 година за припадници на ОНА (ОВК) за кои има основано сомнение дека извршиле мачење и убиства на цивилно население. Предметите од тие обвиненија, за жал, не го доживеаја светлото на денот да бидат процесирани и завршени во судница.
Она што е интересно од македонска перспектива на настаните, а е поврзано со делата за кои се гонат преставниците поранешни припадници на ОВК, која е „сестринска“ организација на ОНА, го истакнуваат видни правници и кривичари.
Поранешниот претседател на врховниот суд Дане Илиев во своето размислувања за актуелниот процес вели дека максимална казна што може да се додели во меѓународните судови за вакви злосторства е доживотен затвор.
Тој потсетува дека во минатото имало практика и за изрекување смртна пресуда, но по судењата во Нирнберг, каде што им се судеше на воените злосторници од Втората светска војна, оваа практика е прекината, бидејќи била оценета за нехумана.
– Оттогаш досега, најлошото на кое можат да се надеваат обвинетите во просецот е живот зад решетки додека се живи. Но сето тоа е само во случај ако ним им се докаже вината за овие дела, кое во практика се покажа дека е многу тешко, ако се споредат сличните случаи водени од Трибуналот за војните во поранешна Југославија – резимира Илиев.
Злосторничко здружување, мачење и нехумано постапување со заробени лица имаше и во 2001-та
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, во својата изјава поврзана со измените во обвинението за хашките процеси против лидерите на ОВК оценува дека во моментов е многу тешко да се прогнозира колкава би била крајната затворска максимална казна. Судијката Цаца најпрвин издвојува дека овие случаи се водат во косовските судови, но од страна на хашките обвинители, а бидејќи станува збор за компликувана материја, во овој момент е неблагодарно да се коментира крајниот исход од процесот.
– Она што е сепак извесно е дека откога ќе биде комплетиран предметот, иако лицата во моментов се сместени во Хаг, според утврдените надлежности во договорот на Трибуналот и Косово, така и во иднина ќе се постапува со нив по ревидираното обвинение, а сето тоа ќе се суди стриктно според кривичен закон што ја третира проблематиката – резимира Цаца Николовска.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е специјалист по кривично, право во својот осврт на случувањата подвлекува дека воените злосторства и кривичните дела против човештвото се такви што никогаш не застаруваат во меѓународното право, меѓутоа многу е тешко да се одгатне колкава затворска казна ги очекува обвинетите лица од ОВК во актуелниот процес.
Тој вели дека ако се изврши споредба со други хашки процеси што се водеа во сите држави од поранешна Југославија, ќе може да се констатира дека крајните казни за исти дела се разликуваат максимално.
– Некои лица во овие процеси за воени злосторства беа осудени десет години затвор, некои 12, некои доживотно, а некои добија и ослободителна пресуда. Разликата во казните се должи на обвиненијата и на тоа што сѐ содржи постапката. Имено, во судските процеси, кои најчесто траат со години, се утврдува дали имало во воените злосторства на пример геноцид, дали имало злосторничко здружување, дали имало мачење и нехумано постапување со заробени лица…, па бидејќи и листата на фактори е обемна, затоа и се разликуваат судските пресуди за овие специфични и многу комплицирани предмети – објаснува Давидовиќ.
Тој потсетува дека она што е заедничко во овој тип предмети е дека истрагите за воените злосторства никогаш не застаруваат и тие може да бидат отворени во секое време во специјализираните меѓународни обвинителства и судови. Тој потсетува дека своја приказна со воени злосторства на оваа тема имаше и Македонија со т.н. четирите хашки предмети и со апсењето поранешни високи функционери и лица од безбедносните структури на земјата од тоа време.
Голема е веројатноста дека со постепено проширување на истрагата ќе биде проширено и обвинението, кое ќе се однесува на расчистување на четирите македонски хашки предмети.