Во врска со Преспанскиот договор, го објавуваме и дописот на професорот Јанев, кој во континуитет исклучително прецизно од правен аспект ги анализира формата, содржината, последиците од договорот, но нуди и решенија што драстично се разликуваат од оние што досега се практикуваат. Овој пат, тој излегува од правните рамки, толкувајќи низ политички ракурс низа евентуални потенцијални последици, предупредувајќи на штетите што за Македонците би биле непоправливи
Ако го анализираме Преспанскиот договор, можеме да го направиме тоа од повеќе агли. Овој пат ќе се задржам само на еден аспект на договорот. Погледнато од политичка гледна точка се гледа дека:
1. Грција сфати дека самото име на народот, низ времето (по одреден период) од сите надвор од државата, ќе биде „признаено“ како „северномакедонци“, бидејќи друг алтернативен термин не постои, при што во овој процес прво ќе се создаде практика кај интелектуалци, новинари и политичари, а потоа и кај сите други субјекти и фактори.
2. Во процесот ќе влезе и Бугарија, која со текот на времето ќе ги изедначи термините „северномакедонци“ со БУГАРИ, па така сите надвор од Македонија за нашиот народ ќе го користат и терминот Бугари, особено ако успее акцијата од македонскиот јазик да се направи БУГАРСКИ ЈАЗИК, односно од македонската национална историја да се направи „бугарска историја“.
3. На овој начин, со текот на времето, терминот „северномакедонци“ би станал прифатлив и за домашната популација, имајќи предвид дека алтернативно решение би било „бугарскиот народ“.
Накратко кажано, со Преспанскиот договор веќе е извршена фактичка трансформација од Македонци во „северномакедонци“, при што одредницата за државјанство, според овој договор, се користи само за потребите на „лични документи“. Поентата е дека целата домашна јавност, па ни правната јавност и струка, не го разбира едноставниот факт: ние со договорот и со новото име РСМ веќе сме „северномакедонци“.