Предвидената помош, всушност, се финансиски средства на граѓаните! Токму граѓаните чувствуваат силна потреба за идентификување на целите на заедницата, за истакнување на јавното мислење и интерес, како и за решавање на појавите што ги уназадуваат заедницата и општеството, а сето тоа треба да се отвори и придвижи од страна на медиумите. Граѓаните очекуваат со алоцирање на средствата од буџетот, всушност, да ги поддржат медиумите што треба да го искристализираат гласот на јавноста, при што медиумите ќе бидат веродостоен граѓански опсерватор и коректор на јавните политики. Затоа, секоја влада што има мандат добиен од граѓаните, истовремено има мандат во името на граѓаните да ја поттикне седмата сила (медиумите) и да создаде услови токму медиумите да бидат уште еден многу силен фактор за општествен просперитет. Затоа, обвинувањата кон Владата дека дава „свои“ средства за да може да влијае на уредувачката политика во медиумите се обичен злонамерен спин, кој им прави штета на професионалните медиуми, јавното мислење и на јавниот интерес
Медиумските работници ја поздравуваат политиката на Владата за создавање услови за подобрување на статусот и условите во секторот
Што може да очекува медиумската публика од медиумите во наредниот период во смисла на тоа на граѓаните (читателите, гледачите, слушателите) да им се обезбедат точни, вистинити и веродостојни информации, кои им се потребни за да можат да функционираат во слободно функционално општество? Што може да направи новата влада за создавање услови за подигнување на степенот на професионалното функционирање на седмата сила и објективен приод кон општествените појави и проблеми, без да биде обвинета дека се меша во уредувачките политики на медиумите?
Владината програма, солидна основа за развивање на професионалноста и автономијата во медиумскиот простор
Како можат државните институции да ги поттикнат медиумите да ги развијат самостојно основните принципи за остварување на својата медиумска мисија, односно одговорност кон граѓаните и заедницата во смисла на јавен интерес?
Експертите од оваа област, но и медиумските работници се согласуваат дека и досега се направени клучни чекори во насока на создавање услови за практикување на стандардите и принципите за професионална работа на новинарите и медиумите. Секако има уште доста да се работи на тој план, вклучувајќи и на полето на медиумска писменост.
Во секој случај, во програмата за работа на Владата за период од 2020 до 2024, која неодамна беше објавена во парламентот пред формалното гласање за новиот владин кабинет, политиките поврзани со медиумите и медиумската сфера се солидно застапени. Во документот на Владата, кој во најголем дел се базира на изборната кампања на коалицијата „Можеме“, се навестува реформа на Македонската радио-телевизија (МРТ), продолжување на субвенциите за весниците, воведување нова мерка за помош на локалните телевизии, борба против лажните вести, подобра регулатива за медиумската сопственост и концентрација и други политики насочени кон медиумскиот простор.
Какви се ставовите на медиумските работници и на медиумските здруженија во врска со ова прашање
Во сублимиран заклучок, преставници на новинарските организации со кои се консултиравме велат дека секоја владина политика што има цел да ја подобри медиумската сфера во земјата е за поздравување, но додаваат дека новинарите секогаш со доза на претпазливост гледаат на сите владини политики за регулација на медиумската сфера.
Лирим Дулови, претседателот на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, вели дека во денешното општество треба да се очекува дека секоја влада ќе продолжи со истиот курс за поддршка на медиумите.
– Минатата, но и новата влада очигледно имаат сосема поинаков пристап од претходните по прашањата за медиумскиот сектор, особено кон печатените медиуми, кои можеби и најмногу се погодени од случувањата со ковид-кризата и отежнато им е работењето. Пријатно сум изненаден од фактот што Владата ги има опфатено и печатените медиуми во својата програма и се надевам дека на овој начин ќе изградиме подобро општество и подобра иднина за сите нас – вели Дулови.
Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека новинарите секогаш се внимателни кога се говори дека медиумите се дел од владините политики насочени кон седмата сила.
Првиот човек на новинарското здружение во земјата вели дека и досега имаше многу мерки од Владата напишани на хартија за помош на медиумите, па дури и закони за подобра регулација на медиумската сфера, но од нејасни докрај причини тие доследно или не се почитуваа или никогаш доследно не беа спроведени.
Сепак, според Чадиковски, во периодот што следува треба да се заклучи дека се очекува одредено раздвижување на толку потребните промени во Македонската радио-телевизија (МРТ), но останува и натаму предизвик како ќе се спроведе истото тоа, бидејќи за овој чин е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
– Во делот на помошта на медиумите конкретно на локалните телевизиски станици, мислим дека таа не треба да биде финансиска кон компаниите бидејќи во тој контекст ќе се создаде одредена зависност на куќите кон Владата, со што се остава простор за влијание. Сметаме дека сето треба да се спроведе на начин, на кој ќе се доделува финансиска помош за збогатување на новинарските содржини на локалните телевизии. На начин каде што преку соодветно тело составено од преставници на повеќе редакции ќе се стимулира финансиски производство на подобар новинарски производ, а со тоа и ќе се збогати содржинската платформа на локалните телевизии – вели Чадиковски.
Во делот на печатените медиуми, претседателот на ЗНМ препознава солиден тренд на продолжување на поддршката за овој медиумски сектор во земјава.
– Ние очекуваме во делот на печатените медиуми да се зголеми поддршката на новинските куќи со што ќе се создаде клима во која ќе видиме и зголемување на кадрите во овие медиуми, но и подигнување на нивниот квалитет. Особен акцент за овој процес гледаме во можноста за нови вработувања во дописната мрежа на овие медиуми, кои во последно време беа најмногу засегнати од последните случувања – резимира Чадиковски.
И организацијата во самите медиуми е исклучително битен фактор
Дарко Дуридански од Независниот синдикат на новинари (ССНМ), во својот осврт на случувањата, вели дека планираните мерки за медиумите во програмата на Владата се силен фактор за подобрување на статусот на новинарите и медиумските работници.
Но во истиот контекст Дуридански го отвора и прашањето за потребата од зголемување на капацитетот на апсорпција и квалитетна продукција на медиумскиот производ од страна на самите новинари, односно медиуми.
– Најважниот фактор во тој процес, сепак, се самите медиумски професионалци, односно како тие ќе се организираат, здружат, испланираат кои се најважните области во кои треба да се направи напредок за да се подобри нивниот статус. Програмата на Владата предвидува зајакнување на јавниот сервис, кое ако се случи само по себе би придонело за подобрување на конкуренцијата, а со тоа и на статусот на новинарите – вели Дуридански.
Дуридански смета дека само со поддршка врз основа на критериуми што ќе важат за сите ќе се подобри статусот на новинарите и медиумските работници.
– Сите мерки, програми и планови треба да се прават во консултација и соработка со медиумските организации, бидејќи тие најдобро ја знаат состојбата. Пример за ова е најавата во програмата дека ќе се поддржи создавање истражувачка медиумска лабораторија за студенти, во време кога на сите факултети за новинарство во земјава запишаните студенти се бројат на прсти – објаснува Дуридански.
Поддршката на медиумите генерира квалитетен исчекор за демократија и функционално општество
Во секој случај, поддршката што ја предвидува Владата за професионализација и стриктно почитување на стандардите и принципите на новинарството е всушност поддршка од страна на граѓаните. Постојат мислења дека таа поддршка ја дава Владата и со тоа се меша или влијае на уредувачките политики на медиумите. Но всушност токму таквото тврдење е политички спин што треба да се демистификува. Токму тоа е улога на професионалното новинарство. Имено, споменатата и предвидена помош се финансиски средства на граѓаните, кои чувствуваат силна потреба за идентификување на целите на заедницата, за истакнување на јавното мислење и решавање на појавите што ја уназадуваат заедницата и општеството, а сето тоа треба да се отвори и придвижи од страна на медиумите.
Тие очекуваат со поддршката на медиумите да го искристализираат гласот на јавноста, својот глас, гласот на граѓаните, при што медиумите ќе бидат храбар граѓански опсерватор и коректор на јавните политики. Затоа, секоја влада што има мандат добиен од граѓаните, истовремено има мандат во името на граѓаните да ги поттикне седмата сила (медиумите) и да создаде услови токму медиумите да бидат уште еден многу силен фактор за општествен просперитет, дијагностицирање на појавите или проблемите, нивно истакнување и евентуално учество во нивно решавање. Таквиот вид инклузивно новинарство е и новиот тренд на седмата сила што допрва се очекува и во домашната медиумска сфера.