Стотици граѓани, меѓу кои и свештени лица и префектот на грчката област централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, вчера се собраа на плоштадот во Вергина да протестираат против Договорот од Преспа.
Со грчки знамиња и извици „Македонија е грчка“, „Овој договор е предавство“, „Тргнете ги рацете од Македонија“, „Грција, Грција, Македонија“, „Не отстапуваме“, „Ние не ја распродаваме Македонија“, граѓаните ја испратија нивната порака дека не го прифаќаат договорот.
На присутните им се обрати и митрополитот од Верија, Науса и Кабаниа, Пантелејмон кој рече дека Договорот од Преспа е против интересите на грчкиот народ и дека другата страна земал сѐ, а Грција не добила ништо.
-Ако нашите соседи се Македонци, тогаш ние што сме?-се запраша грчкиот митрополит.
Кусо пред закажаниот термин за собирот, организаторите објавија дека протестот, поради лошите временски услови се одложува, но подоцна се премислија и собирот сепак се одржа, јави дописничката на МИА од Атина.