Полицијата вечерва употреби солазавец и шок бомби за да ги растера демонстрантите кои вечерва протестираа пред Собранието поради потпишаниот договор со Грција за конечно решавање на спорот за името.
Околу 2.000 демонстранти го изразуваа својот револт пред Собранието, а во еден момент една група почна да упатува навреди и да фрла со камења и факли кон полицијата.
Во моментот кога истата група насилни демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон и да влезе во Собранието, полицијата фрли шок бомби и солзавец и со примена на сила ги разби протестите.
При полициската акција, неофицијално, има повредени.
Пред Собранието на Македонија и вечерва се одржуваше протест против Договорот за решавање на името. Протестот е организиран преку социјални мрежи од навивачката група „Комити“.
Учесниците во протестот извикуваа пароли „Македонија, не го даваме името“ и пеат патриотски песни и велат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас а на церемонијата присуствуваа и високи претставници на ЕУ и на ОН.