Хрватска ја воведува новата вакцина на „Санофи“, која сѐ уште се тестира
Хрватска донесе одлука за увоз на 336.000 дози на вакцината „видпревтин“, која доаѓа од производителот „Санофи Пастер“. Ова пред две недели го најави Крунослав Чапак, директор на Хрватскиот институт за јавно здравје и член на Националниот штаб за цивилна заштита. Инаку, оваа вакцина сè уште ги нема поминато сите клинички испитувања; Европската агенција за лекови кон средината на јули започна со нејзина постепена евалуација, како што беше случајот и со другите вакцини против ковид-19.
Како што може да се најде на веб-страницата на ХАЛМЕД (Хрватска агенција за лекови и медицински производи), се работи за протеинска вакцина, која содржи лабораториски верзии на клинестиот протеин, присутен на површината на вирусот САРС-КоВ-2. Вакцината исто така содржи и адјуванс, супстанција што помага во зајакнувањето на имунолошкиот одговор на вакцината.
– Станува збор за сабјунит-вакцина, односно вакцина што носи еден дел од вирусот – во овој случај неговиот С-протеин – со кој луѓето се имунизираат. (subunit – една од идентичните или неидентични протеински молекули што го сочинуваат мултимерскиот протеин). Тој предизвикува силно производство на антитела против С-протеинот. Овие вакцини обично послабо дејствуваат врз клеточната, т.е. Т-лимфоцитната имуност – изјави имунологот Златко Тробоњача.
Тој објаснува дека очекува оваа вакцина на „Санофи“ да индуцира силен хуморален имунитет – значи ќе произведе антитела, а послаб имунитет на Т-лимфоцити.
– Со други зборови, како и во случајот со „Фајзер“ и „Модерна“, и овде ќе имаме високо производство на антитела. Таквата висока концентрација на антитела потоа нè штити од вирусот, односно доведува до стерилизиран имунитет, кој ги неутрализира вирусите, па така вирусот нема ни шанса да дојде до нашите клетки, бидејќи антителата целиот го облепуваат, спречувајќи го да се поврзе со нашата клетка и не дозволувајќи да дојде до инфекција – додаде Тробоњача.
Имунологот истакнува дека ваквите протеински вакцини обично се даваат со адјуванти (супстанци што го зајакнуваат имунолошкиот одговор на антигени).
Тие се засилувачи на имунитетот, затоа што тој без нив не би се развил добро. Во другите вакцини што денес се користат нема вакви засилувачи. Колкава е ефикасноста на вакцината на „Санофи“ ќе дознаеме откако ќе се спроведат клиничките испитувања, кои ќе покажат колкав е процентот на заштита од инфекција и асимптоматска инфекција, во споредба со другите вакцини против ковид-19 – објаснува имунологот Тробоњача.
Една вакцина со слична технологија веќе е позната – се работи за вакцината „нуваксовид-5808“, производ на американската компанија „Новавакс“, која исто така е во фаза на постепено одобрување. „Санофи“ пред некој ден објави дека се откажува од развој на сопствената вакцина што е заснована на мРНА-технологија, зашто „Бионтек/Фајзер“ и „Модерна“ се доминантни кога станува збор за оваа технологија. Досега во светот се дистрибуирани околу милијарда и пол дози од вакцината „комирнати“, развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“, со што тие станаа најголем западен производител на вакцини против ковид-19. Од тие причини, „Санофи“ се фокусира на развој на протеинска вакцина.
Инаку, развојот на настаните беше доста интересен, зашто „Санофи“ – заради развој на својата мРНА-вакцина – ја купи компанијата „Транслејт био“. Клиничките испитувања во првата и втората фаза покажаа ветувачки резултати – вест што беше објавена спроти објавата за прекин на развој на мРНА-вакцината против коронавирусот. Меѓутоа, овие резултати претставуваат и охрабрување за развој на вакцини против грип и други болести, базирани на истата технологија.