Кон крајот на мај годинава, се одржа прославата на Македонската православна црква-ОА во Охрид, која беше еден од највеличествените настани во животот на црквата. Чествување на овој јубилеј имаше и во Софија од страна на Бугарската православна црква
Јован Вранишковски, расчинетиот владика од Македонската православна црква – Охридска архиепископија и неговата Православна охридска архиепископија доживеаја дебакл на прославата за 1.000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија. Долгонајавуваниот настан, на кој се очекуваше присуство од сите помесни православни цркви, се случил во неделата на 30 септември годинава, но без ниту еден поглавар, но и без претставници на најголемиот број православни цркви.
Во Нижеполе не дојде ниту српскиот патријарх Иринеј, за кого Вранишковски тврдеше дека ќе присуствува. Не дојде ниту еден владика од Руската православна црка, Вселенската патријаршија, Романската црква и од Бугарската црква. Ги немаше ниту владиците од Грчката православна црква, од Ерусалимската, Александриската, Антиохиската православна црква, ниту пак од Албанската православна црква.
Вранишковски одбележа 1.000 години од основањето на ОА само со по еден владика од Полската и од Православната црква на Чешка и на Словачка, како и со неколку владици на Српската православна црква. Меѓу владиците од СПЦ беа митрополитот црногорско приморски Амфилохие, врањскиот Пахомиј и уште четворица други владици.
На прославата присуствувал и претставникот на Канцеларијата за односи со верските заедници при Владата на Србија, Марко Николиќ.
Вранишковски најавуваше масовна прослава, но според фотографиите објавени на интернет-страницата на ПОА се гледа дека мало присуство на верници и на негови блиски соработници.
Инаку, кон крајот на мај, годинава, се одржа прославата на Македонската православна црква-ОА во Охрид, кое беше еден од највеличествените настани во животот на црквата. Преполните храмови со домашни, но и со голем број странски гости, присуството на највисоки државни и црковни претставници беше многу повеќе од достоинствено одбележување и вистинско оправдување на историското наследство, кое МПЦ-ОА го има врз Охридската архиепископија.
Чествување на овој јубилеј имаше и во Софија од страна на Бугарската православна црква.
Мора да се истакне дека и покрај тоа што МПЦ-ОА оваа година одбележува 1.000 години од ОА, сепак таа никогаш не се откажала од континуитетот на црковниот живот уште од апостол Павле. Според македонските владици, прославата на 1.000-годишниот јубилеј е чествување на црковна организираност на ОА, а не е откажување од црковното наследство, кое има длабоки корени во Македонија. Во македонската историографија се учи дека ОА влече корени од времето на свети Климент Охридски, па преку Самуиловото Царство, до 1767 година кога била укината од турскиот султан.
Криза во православието
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека не е реално во сегашната ситуација кај Вранишковски да дојдат значајни гости, особено не вселенскиот патријарх.
– Оваа прослава се случи во ситуација во која односите меѓу православните цркви се многу затегнати, на раб на прекините во општењето, по најавите на ВП дека ќе ги признае УПЦ-КП и МПЦ-ОА. Православните цркви, Српската и Вселенската патријаршија имаат други грижи. Видовме дека во Солун се сретнаа српскиот патријарх Иринеј и вселенскиот патријарх и тие сигурно си зборувале за нивните намери во иднина, а што не исклучува натамошно затегнување доколку ВП тргне и во признавање на МПЦ-ОА. Така, не можеше да се очекува на прославата на ПОА да има позначајни гости иако СПЦ со праќањето на Амфилохие покажаа сепак високо ниво – нагласува аналитичарот Ѓорѓевски.
Вранишковски со порака до Вартоломеј
Вранишковски во својот говор на прославата пратил индиректна порaка до Вселенската патријаршија со нов ракурс и диоптрија на феноменот на поделбите во православието и меѓу народот. Од контекстот на неговото излагање произлегува никулец на компромис и ставови што драстично се разликуваат од досегашните ригидни.
– Шизмата е проблем за целата црква, таа не е проблем само на тие што се одвоиле, таа е проблем и за оние од кои се одвоиле. Затоа разбирлива е грижата на првотроната црква за залечување на сите расколи што постојат во православието, но никој не би можел да оправда исцелување на некој раскол преку правење друг. Затоа треба да се свика нов свет и голем синод, кој би ги исправил слабостите на претходниот – посочил Вранишковски.
Според него, јубилејот што го славиме треба да нѐ направи одговорни сите што живееме во оваа држава и сериозно да пристапуваме кон историјата и историските факти.
– За жал, непочитувањето токму на тие историски факти ги правеа државните власти од оваа земја за потсмев во светот. Со историската вистина не може да се манипулира, особено не во времето на нашата современост. Едноставно, тоа толку брзо тече што не остава непополнети празнини за фалсификати и невистини. Ова е прослава на целата црква божја што живее како едно тело, како еден организам. Охридската архиепископија функционирала како помесна црква, но секогаш во единство на едната, света, соборна и апостолска црква. Во ниту еден момент на историјата не била во раскол, затоа посакуваме ова да биде повод, расколот во кој се наоѓаат нашите браќа во оваа држава, да биде надминат, но секако врз еклисиолошките и канонски начела, кои ги чува православната црква – изјавил Вранишковски.