Веќе и формално Републичкото јавно обвинителство ги презеде предметите на СЈО, иако тоа не значи дека предметите и физички се префрлени во ЈО. Според претседателот на ЈО, Љубомир Јовески, предметите остануваат во објектот на СЈО, додека јавниот обвинител не одлучи кој обвинител ќе постапува по нив. Тој вчера нагласи дека со преземањето на предметите, само започнал процесот на предавање на надлежноста од СЈО на Републичкото јавно обвинителство. Веќе наредната недела ќе се утврдува за секој предмет поединечно кој обвинител ќе го застапува.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јовески кажа дека планираат да ги користат бомбите како докази, бидејќи во предметите што се во фаза на судење, судовите веќе ги прифатиле како докази.
– Ги преземаме предметите во фаза на судење, истрага и предистрага. Судовите веќе ги прифатија бомбите како докази и ние ќе ги користиме како докази во натамошните постапки. Разбирам дека одбраната може да има поинакво гледање на нивната валидност, но ќе оставиме на судовите да донесат соодветна одлука во секоја постапка – изјави Јовески за преземените предмети од СЈО.
Преземањето на предметите од СЈО во надлежност на ЈО, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го оценија како „невиден преседан и дополнителен удар врз правниот систем“.
– Насилното преземање предмети од СЈО надвор од закон, по наредба токму на истото лице што е осомничено дека ги злоупотребувало токму тие предмети за политички притисоци и изнуда на пари, ќе креира анархија. Катица Јанева го уценуваше ВМРО да ѝ даде поддршка за криминогеното работење, а за возврат нудеше прекинување на постапките, што говори и за мотивите поради кои тие се отворени – се вели во дописот до медиумите на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
Преземањето на предметите се случува во миг кога сѐ уште не е разрешена од функцијата носителката на овластувањата за специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, која е во притвор за предметот „Рекет“ и на која мандатот ѝ истекува в недела, на 15 септември. Претходно, во текот на изминатата седмица, Собранието со мнозинство гласаше да не се поведе расправа за разрешување на Јанева, но спикерот Талат Џафер, во четвртокот (12 септември) вети дека ќе закаже седница за тоа прашање, пред истекот на мандатот на неразрешената јавна обвинителка. Собраниската седницата за разрешување на Катица Јанева е закажана за денеска (сабота 14 септември). Дополнителна причина што предизвикува сомнежи во јавноста за регуларноста на чекорот со преземањето на предметите од СЈО е и моментот што сѐ уште не е постигнат договор (и е далеку од усвојување во Собранието) за новиот закон за Јавно обвинителство, со кој би требало да му се реши статусот на специјалното, како и професионалната судбина на обвинителите полномошници од СЈО.
Министерката за правда, Рената Дескоска, вели дека нема разлика дали специјалната обвинителка Катица Јанева ќе биде разрешена или ќе ѝ истече мандатот во поглед на постапувањето по предметите на СЈО, кои беа преземени од Јавното обвинителство. За законот за Јавно обвинителство, за кој СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе шест месеци без успех преговараат, Дескоска рече дека тој веќе не е неопходен, но е добро да се донесе, бидејќи е дел од стратегијата за вкупни реформи во правосудството, а и за да не ѝ дадеме оправдување на некоја земја-членка на ЕУ да се противи на отворањето преговори за членство поради технички причини.
– Од аспект на ургентноста што беше пред предавањето на предметите, сега веќе е поизвесно и тој дел на потреба од брзање отпадна, така што тој процес на предавање на предметите гарантира дека предметите на СЈО ќе продолжат – изјави Дескоска.