Претседателот Пендаровски истакна дека со неговата колешка Вјоса Османи-Садриу разговарале и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци што живеат во Косово, а биле разгледани и можностите за отворање нови гранични премини

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во посета на Косово

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, вчера (15 декември) беше во прва официјална посета на Косово, на која оствари средби со неговата домаќинка, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, но и со премиерот Албин Курти и со претседателот на косовскиот парламент, Глаук Коњуфца. Ова е прва официјална посета на македонски претседател на соседно Косово.
На прес-конференцијата, по состанокот во четири очи, двајцата претседатели, Пендаровски и Вјоса-Садриу, изразија согласност дека двете земји и народи како најблиски соседи се упатени едни на други за соработка во сите општествени сфери, како и на меѓусебна поддршка во меѓународните процеси.
Претседателката на Косово нагласи дека Албанците во Македонија се мост на соработка и разбирање меѓу Косово и Македонија. Наедно, косовската претседателка изрази благодарност за македонската поддршка во напорите на Косово за членство во меѓународните институции.
– Наша заедничка цел се евроинтеграциите, а за нашите аспирации – влез во НАТО, секако ја цениме поддршката на Македонија… Македонија не е само сосед, туку и партнер во многу процеси. Би сакала ЕУ да ги препознае и да ги поддржи напорите на Косово и на Македонија за интеграција во меѓународните субјекти. Нашата соработка може да се проширува и продлабочува на повеќе нивоа. Луѓето во двете земји сакаат соработка – кажа претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, изразувајќи разочараност што ЕУ не го исполнила ветувањето за визна либерализација за нејзината земја, иако ги исполнила условите.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски истакна дека и Македонија и Косово имаат заеднички стратегиски цели – евро и евроатлантски интеграции.
– Во однос на надворешната политика, споделуваме заеднички стратегиски цели. С. Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО. Членството во овие две организации значи натамошна стабилизација и просперитет за регионот. Исклучително важна компонента на овој пат е регионалната соработка. Подготвени сме да продолжиме активно да придонесуваме, со цел да имаме инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион, и во таа смисла го поддржуваме пристапувањето на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми – истакна Пендаровски.
Тој посочи дека со претседателката на Косово разговарале и за дијалогот Приштина – Белград.
– Сите сме свесни дека ова е еден многу тежок и компликуван процес, но верувам дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко, ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи иреверзибилна пацификација на регионот. Дозволете ми во оваа пригода да го реафирмирам нашиот став, а тоа e дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави. Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово, постигнат со посредство на Европската Унија – кажа во своето обраќање македонскиот претседател Стево Пендаровски, откривајќи дека со неговата колешка од Косово разговарале и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци што живеат во Косово, а биле разгледани и можностите за отворање нови гранични премини.


Нема опасност од безбедносна дестабилизација

Новинарите што ја следеа посетата на претседателот Пендаровски на Косово беа заинтересирани и за други прашања, надвор од официјалните разговори и поводот за посетата. Со оглед на актуелноста на самитот на ЕУ, каде што мали се надежите Македонија да добие почеток на преговори за членство во Унијата, едно од прашањата до Пендаровски беше дали со новото одложување на датумот, постои опасност за безбедносна дестабилизација на регионот. Неговиот одговор беше дека нема сознанија, ниту информации за каква било безбедносна загрозеност, споредувајќи ја ситуацијата со онаа по одбивањето на Македонија за влез во НАТО во 2008 година. Тој истакна дека во десетте години, до приемот на Македонија во НАТО, немало никаква безбедносна загрозеност.
Во однос на прашањето за иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот Пендаровски изрази став дека таа не е целосна без учество на сите шест земји од регионот, додека косовската претседателка повторно кажа дека за Косово оваа иницијатива е неприфатлива зашто во неа не е застапен принципот на еднаквост.
За актуелната тема деновиве, поврзана со судскиот процес за случајот „Диво Насеље“, Вјоса-Садриу одговори дека официјална Приштина ќе чека да завршат правните процеси во Македонија и дека за тие прашања треба да се разговара на институционално ниво, а политичките изјави не помагаат во вакви случаи.

Јасминка Павловска, наша известувачка од Приштина