ММФ БАРА РАЗВИЕНИТЕ ЕКОНОМИИ ДА ОБЕЗБЕДАТ ПОГОЛЕМА ПОМОШ ЗА ЗЕМЈИТЕ ВО РАЗВОЈ

Неразвиените земји и земјите во развој се пред опасност дополнително да осиромашат доколку развиените економии не обезбедат помош за нив. Ова, меѓу другото, го посочи шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, која ги повика развиените економии да обезбедат поголема помош за земјите во развој, предупредувајќи на големите разлики во глобалниот раст, кои може да ја загрозат стабилноста и да предизвикаат социјални немири во годините што доаѓаат. Георгиева истакна дека 50 проценти од земјите во развој се изложени на ризик од натамошно заостанување, што предизвикува загриженост за нивната стабилност.
– За да се избегнат поголеми проблеми, богатите земји и меѓународните институции треба да вложат повеќе – истакна Георгиева.
Таа, исто така, ги повика високозадолжените земји да не чекаат со преструктурирање на долгот, изјавувајќи дека е подобро тоа да се стори порано отколку подоцна и да се подобрат условите за раст.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во однос на изјавата на директорката на ММФ, Георгиева, вели дека таа укажува на глобалните тенденции што веќе се чувствуваат во земјите и дека сосема е очекувано да укаже на можното осиромашување на земјите, кое, пак, би довело до социјални немири.

– Кога се зборува за мали држави како Македонија, која, пак, нема концентрација на голем капитал, пандемијата не само што ќе ја осиромаши економијата туку ги осиромашува и политиката и демократијата во земјава. Сметам дека тешко ќе успееме ние како држава да ја спречиме оваа глобална тенденција. Веќе се гледа дека пандемијата ги доосиромашува сиромашните во полза на богатите, и тоа не само кај нас, туку насекаде во светот. Пандемијата е непознат феномен со кој се соочуваат и големите и развиени држави, каде што здравствените ризици и понатаму се присутни, и тие се посветени на нивно решавање. Тешко дека сега развиените земји ќе мислат на помалку развиените, во моменти кога мора да го спасуваат сопственото население – вели Хајредини.
Тој дополнува дека друг голем проблем е што не се гледа крајот на здравствената криза, бидејќи сѐ уште не се гледа ефектот од вакцинацијата. Според него, ако не се појават опипливи информации дека вакцинацијата дава ефект, особено во земји каде што таа е во понапредна фаза како Израел, тогаш не може да се очекува напредок.
– Во Македонија немаме конкретни чекори што водат кон заздравување ниту на здравствената ниту на економската криза. Дополнително што нема мерки за помош на сиромашните слоеви што и пред кризата беа во голем број. Дополнително што со пандемијата се влошија и стапките на корумпираност, се намали демократијата. Главен фокус на власта е како да останат на власт, не како да се надмине кризата. Далеку сме од тоа дека некој мисли какви чекори да преземе за државата, туку напротив, главните проблеми се кријат под тепих, и доколку продолжи да осиромашува населението, да се зголемува корумпираноста, неминовно ќе дојде до некакви социјални немири – укажува Хајредини.

Од ММФ проценуваат дека земјите во развој што со децении се приближуваат до просечното ниво на глобален доход, овој пат ќе се најдат во многу потешка ситуација. Истакнуваат дека падот на животниот стандард во земјите во развој ќе го отежни одржувањето на стабилноста и безбедноста на светот.
– Кој е ризикот? Социјални немири. Можете да го наречете загуба на раст од една деценија. Може да биде загуба на една генерација (20-30 години) – кажа Георгиева и дополни оти развиените економии трошат околу 24 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) на мерките за поддршка за време на пандемијата, во споредба со шест проценти од БДП на пазарите во развој и два проценти во земјите со ниски приходи.
Таа истакна дека активностите за вакцинација се нееднакви и дека сиромашните земји се соочуваат со „огромни тешкотии“. Шефицата на ММФ кажа дека забрзувањето на вакцинацијата може да ја зајакне глобалната економија за 9.000 милијарди долари до 2025 година, при што 60 отсто од користа ќе ја имаат земјите во развој.

„Нова Македонија“ уште порано веќе посочи дека оваа здравствено-економска криза ќе изврши најголем удар кај посиромашните земји и граѓани.
– Пандемијата ќе предизвика осиромашување кај граѓаните. Колку подолго трае толку поголем ќе биде ефектот на осиромашување. Секоја сериозна здравствена криза носи висок ризик да предизвика економска криза, а во услови на капитализам економска криза доведува до негативни економски последици за некапиталистичките слоеви од населението – посочи професорот Здравко Савески.