Наместо појдовната точка во политичкото функционирање и преговарање да биде во рамките на предизборните програми и ветувања на партиите, македонскиот начин на „демократско“ владеење сѐ почесто се сведува на меѓупартиски, интеркоалициски, собраниски условувања, уцени и пазарења, под девизата „целта ги оправдува средствата“
Ќе се намали или ќе се зголеми двотретинското парламентарно мнозинство, неопходно за усвојување на уставните измени и имплементирање на спогодбата од Мала Преспа? Конечниот одговор веројатно ќе се знае на денот на самото гласање, кон средината на јануари наредната година, но во меѓувреме се чини дека повеќето процеси и превирања на политичката сцена се прекршуваат помеѓу политичките „игри и пазарења“ и она што значи програма и дадени ветувања пред граѓаните. Самата изјава на осумтемина исклучени претставници од ВМРО-ДПМНЕ, кои, пак, се дел од координативното тело за помирување дека нивната поддршка за уставните измени е условена со прифаќање на нивните барања околу процесот на помилувањето го внесува на мала врата терминот на условување како метод во политиката. Но дали условувањата и уцените во политиката заради остварување некакви цели може да претежнат над партиските програми и дадени ветувања пред граѓаните.
И конечно, колку ваквиот принцип на дејствување со условување се коси со правните одредби, на што имаа забелешки и правните експерти.
Правните експерти таквиот закон, кој треба да го состави координативното собраниско тело, според „координатите“ во кои треба да се движи, го нарекуваат селективна амнестија, иако таква одредба воопшто не е својствена на амнестијата како правна мерка.
– Ние го дадовме нашиот влог на 19 октомври. Очекуваме процесите да добијат на динамика и да се почне со нивна имплементација. Ова се условени процеси, не се бланко-потписи, и затоа ги повикуваме сите учесници, а пред сѐ власта и премиерот Заев да почнат уште денеска со својот придонес кон забрзување на овој процес. Во оваа ситуација нема простор за импровизација – рече копретседателката Емилија Александрова по одржувањето на првиот работен состанок на координативното тело во Собранието.
Оваа изјава на пратеничката од независната пратеничка група, произлезена од осумтемина пратеници од опозицијата, кои го дадоа својот глас за почнување со уставните измени, некои медиуми го протолкуваа како загрозеност и неизвесност на двотретинското мнозинство, а други, пак, како потврда на понатамошната поддршка за процесите, но доколку бидат исполнети нивните услови. Сепак, и во двете „толкувања “ не може да се избегне фактот дека во целиот процес на обезбедување двотретинско мнозинство за поддршка на спогодбата од Мала Преспа се наметнуваат одредени услови, уцени и пазарења. Контекстот што го дополнува впечатокот за парламентарни пазарења е и „тајната средба“ на премиерот Заев со исклучените и поранешни влијателни членови на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Митко Јанчев, со намера тие да обезбедат зголемување на парламентарното мнозинство со нови пратеници од опозицијата.
Премиерот Заев вчера се појави и присуствуваше на втората седница на координативното тело за интеграција, реформи и помирување и изјави дека неговото присуство претставува изразување политичка волја за да се подготви предлог-закон, а за тоа каков концепт на амнестија ќе биде предложен ќе одлучуваат правните тимови под раководство на собраниското тело.
Тој по средбата со членовите на oва собраниско тело рече дека она што досега може да го каже е дека волја и желба за помирување има, но црвените линии не смеат да се поминат и нема да им падне на памет да влијаат врз правосудниот систем. Според него, треба да се разграничи што е насилство, организација и осмислување, а што е учество во толпа.
– Сите можеме да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто што треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално. Само кажувам дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Пораката на помирување и подавање рака мора да постои, но и пораката на неповторување вакви работи исто така мора да постои – изјави Заев.
Од друга страна, во јавноста и меѓу граѓаните, што може да се воочи и од реакциите на социјалните мрежи, постои впечатокот дека евроатлантските идеали за иднината се сведени на селективната амнестија. Притоа, правната држава и правосудните реформи се (о)ставени во втор план, додека се применуваат „балканските начини“ во функционирањето на државата. Се чини дека практиката во Македонија, политичките цели да се остваруваат преку условувања, уцени и политички пазарења, им се враќа како бумеранг на тие што условуваат, но најголемата штета ја доживува правниот систем на државата, кој ја губи довербата кај граѓаните. Наместо појдовната точка во политичкото функционирање и преговарање да биде во рамките на предизборните програми и ветувања на партиите, македонскиот начин на „демократско владеење“ сѐ почесто се сведува на меѓупартиски, интеркоалициски, собраниски условувања, уцени и пазарења, под девизата „целта ги оправдува средствата“.
– Не е првпат и не е од сега парламентот да се претвора во пазар. Но сега веќе е создадена нескриена перцепција во јавноста дека гласовите за уставните измени се обезбедени со директна уцена кон некои пратеници. Веќе е јасно дека во Собранието не се гласа за членство во ЕУ и во НАТО, туку за амнестија. Нема ништо правно во тој закон за амнестија што треба да го креира новоформираното координативно тело за помирување, туку претставува чиста политичка одлука. Парламентот, како законодавно тело е сведен на формалност, која треба да даде некаква правна рамка за закон што треба да се донесе по одредена одлука. Јавноста е разочарана од циркусот во кој се претвори парламентот. Целиот процес во Собранието за усвојување на уставните измени е деградиран, а со тоа се намалува вредноста на одлуката што би ја донело парламентарното мнозинство. Не навлегувам во тоа дали одлуката ќе биде добра или лоша, но по ваков процес, секако, нејзината вредност ќе остане дискутабилна – вели политикологот Владимир Божиновски.
Но ова е само еден агол на гледање на состојбите. Има и тврдења дека условувањата, преговорите, пазарењето се составен дел од политичките процеси.
Впрочем, и еврокомесарот Хан во една пригода изјави дека очекува отворените прашања да се решат на балкански начин. На што точно мислеше, остана нејасно.