Насекаде во државите во регионот се имплементираат истите мерки што се во ведуваат и кај нас

Очекувањата се уште денеска да се прогласи кризна состојба во траење од 30 дена на територијата на целата држава. Не се исклучува можноста за целосно затворање, за полициски час, но тоа е во надлежност на Комисијата за здравство. Надлежните институции ќе направат план со кој ќе се стават на располагање и капацитетите на приватните клиники и болници, со кои ќе менаџира државата. Ќе се вклучи и армијата, пред сѐ, како поддршка на здравствените институции

ЗАКЛУЧОК НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Претседателот Стево Пендаровски, вчера по состанокот на Советот за безбедност, на кој се расправаше за состојбата со ковид-19, кажа дека е донесен заклучок за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава. Надлежните институции ќе направат план со кој ќе се стават на располагање и капацитетите на приватните болници. На средбата со новинарите беше објаснето дека нема да се случи национализација на приватните болници, туку управување со нив.
– Во сите земји од регионот без исклучок ситуацијата е многу лоша, полоша од пролетниот пик. Откако ќе биде прогласена кризна состојба, тогаш армијата ќе има пошироки можности да дејствува пред сѐ како поддршка на здравствените институции. Воведувањето кризна состојба на целата територија нема врска со полициски час и рестрикции во движењето. Тоа е во надлежност на Комисијата за заразни болести, на Кризниот штаб. После ваков заклучок на Советот, јас очекувам Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на државата – рече Пендаровски.
Тој појасни дека државата ќе ги компензира здравствените услуги што ќе ги даваат приватните здравствени клиники и болници и дека државата ќе се стави во улога на менаџер. И министерот за здравство Венко Филипче кажа дека на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и клиники и кадарот што работи таму.
– Ќе направиме процена со сѐ што располагаме и заеднички со нашите капацитети ќе направиме план за работа. Периодот е критичен, како и оваа динамика на новозаразени лица. Ние имаме план, но во еден момент ќе треба државните болници и клиники да прекинат со редовната работа, ќе се третираат само итни интервенции – кажа Филипче.

Тој додаде дека насекаде во државите во регионот се имплементираат истите мерки што се воведуваат и кај нас.
– Здравствените работници се под огромен притисок и се преморени, но не се предаваат. Тие се вклучуваат во новите одделенија што ги планираме за следниот период да станат ковид-центри – додаде министерот.
Премиерот Зоран Заев рече дека веднаш ќе му нареди на управувачкиот комитет да почне кризната состојба, кој треба да предложи до Владата прогласување кризна состојба.
– Очекувам дека денес ќе прогласиме 30 дена кризна состојба. Не се исклучува можноста за целосно затворање, за полициски час, но тоа е во надлежност на Комисијата. Се наметнува потреба да се менаџираат сите капацитети со кои располага приватното здравство – рече Заев.