Воопшто не заживеаја другите мерки за обезбедување присуство на обвинетиот, за да се одбегне пречестото определување на мерката притвор
Леснотијата со која се определува мерката притвор наведува на размислување дека на моменти се забораваат сериозноста, суровоста и неизвесноста што во себе ги содржи притворот, но и финансиските ресурси што се потребни за негово спроведување. Треба да се има на ум дека изрекувањето на мерката притвор е најтешката мерка, бидејќи со неа се ограничува правото на слободата на човекот, но во нашата земја обвинителите премногу често од судот ја побаруваат истата таа, а судот, неретко, без двоумење и факти ја прифаќа.
Оваа мерка служи за да се обезбеди присуство на обвинетиот пред надлежниот суд во кривичната постапка што се води против него, иако издржувањето на мерката притвор во затворските установи претставува финансиски товар за буџетот на Македонија.
Нашата држава со закон ја ратификува Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) на 17 април 1997 година, па оттогаш таа е во правна сила. Со тоа Македонија ја презеде обврската за почитување и обезбедување на човековите права и слободи на сите лица под нејзина јурисдикција.
Правото на слобода и сигурност е целосно гарантирано во членот 5 од ЕКЧП, но судот повторно речиси секогаш го прифаќа предлогот на обвинителството, без притоа од него да бара факти и докази, за што во повеќе наврати како држава сме казнувани од Европскиот суд за човекови права, вели за „Нова Македонија“ адвокатката Павлина Зефиќ.
– Мерката притвор во 90 отсто случаи не е оправдана, туку се користи како мерка за заплашување, притисок и казна на осомничените, а не за нивно обезбедување во рамките на постапката. Речиси секогаш предлозите на јавниот обвинител за изрекување мерка притвор се без ниту еден доказ дека осомничениот планира бегство, може да ја попречи истрагата, да влијае врз некој или да го доврши делото.
Судот, пак, речиси секогаш го прифаќа предлогот на обвинителството, без да бара од него факти и докази, како што му налага Законот за кривична постапка. Решенијата за изрекување на оваа најтешка мерка се речиси идентични, се менуваат само генералиите на осомничените, без соодветно образложение, за што во повеќе наврати како држава сме казнувани и од Европскиот суд за човекови права. Но и покрај нивните насоки за нашите судови, практиката е непроменета – истакнува Зефиќ.
Постојниот закон за кривична постапка пропишува алтернативни мерки за притворот, кои судиите може да ги земат предвид кога одлучуваат дали да се задржи обвинетото лице во притвор или не. Во нашата судска практика воопшто не заживеаја другите мерки за обезбедување присуство на обвинетиот, за да се одбегне пречестото определување на притворот, како и успешното водење на постапката. И покрај тоа што за нас облигаторната практика на судот во Стразбур налага дека висината на предвидената казна не смее да биде земена предвид при одредување на мерката, кај нас ситуацијата е сосема обратна. Висината на предвидената санкција редовно наоѓа место во образложенијата на македонските судови во однос на изрекувањето на мерката притвор.
– Не само што не сметам дека секогаш е оправдана, туку сметам дека во повеќето случаи е комплетно неоснована. Тоа се гледа и по самото образложение што судиите по претходна постапка го даваат во решението за изрекување на мерката притвор. Образложението е секогаш исто, копи-паст, а тврдењата внатре се класично претпоставки, паушално дадени и непоткрепени со никаков факт. Би нагласил дека македонското законодавство има утврдено цела палета мерки за обезбедување присуство и мерки на претпазливост, а мерката притвор е најтешката од нив. Според тоа, судот треба да ја утврди истата таа само кога другите мерки не би дале резултат. Тоа кај нас не е случај, па истата таа е дури и најчестата изречена мерка, што јас го толкувам како нејзина злоупотреба – вели адвокатот Драган Пешевски од Скопје.
Колку долго може да трае?
Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што укажуваат правна помош е да постапуваат со особена итност доколку обвинетиот се наоѓа во притвор. Притворот треба да се укине веднаш штом ќе престанат причините врз чија основа бил определен. Притворот првпат определен во редовна постапка може да трае најмногу 30 дена од денот на лишувањето од слобода. Во фаза на истрага може да се продолжи најмногу за уште 60 дена, а ако истрагата се води за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење од најмалку четири години по образложен предлог на јавното обвинителство, советот на непосредно повисокиот суд може да го продолжи притворот уште за најмногу 90 дена. По одобрување на обвинението, притворот може да трае најмногу една година за кривично дело за кое е предвиден затвор до петнаесет години и две години за кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Ако обвинетиот побегне од притвор, роковите почнуваат да течат одново.