Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утрово во Брисел имаше средба со државниот министер за Европа на Германија, Михаил Рот, во рамките на првата посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владатапо нејзиното формирање.
На средбата која се одржа непосредно пред одржувањето на Советот за општи работи на ЕУ, со кого претседава министерот Рот, се разговараше за одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германсото претседателство.
Соговорниците се согласија дека оваа заедничка цел ќе претставува и заеднички успех на Македонија, ЕУ и Германија, како актуелен претседавач со Унијата.
– Пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома. Северна Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото – кажа Димитров.
Од германска страна беше истакнато дека првата меѓувладина конференција со Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ.
Средбата беше искористена и за подготовки на посетата на вицепремиерот Димитров на Берлин, која што е предвидена да се реализира следната недела, на покана на министерот Рот.
На маргините на Советот за општи работи вицепремиерот Димитров имаше куса средба и со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.
Посетата на Брисел продолжува со средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.