Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако преку здруженијата и разнитеорганизации одамна имаше поднесено списоци за вакцинирање против ковид-19, сепак некои од пријавените од овие приоритетни категории на професии сѐ уште не дошле на ред за вакцинација. Меѓу нив се и новинари, членови на стопанските комори и други

ИМУНИЗАЦИЈАТА ТЕЧЕ ЗАБРЗАНО, НО И СО ОДРЕДЕНИ АДМИНИСТРАТИВНИ ПРЕЧКИ

Дали административни пречки, пропусти или, пак, доцнење во процедурите се причините поради кои се одолжува вакцинацијата за дел од приоритетните групи на професии што самите власти ги најавија?
Иако преку разни здруженија и организации имаше повици и се правеа списоци за вакцинирање, сепак некои од пријавените од овие категории сѐ уште не дошле на ред за вакцинација. Меѓу нив се и новинари и членови на стопанските комори. Тие прашуваат зошто ако биле третирани како приоритетни досега не се вакцинирани и зошто се правеа списоци и ги повикуваа да се пријават преку здруженијата или фирмите каде што работат. Некои од нив веќе добиле термин преку вакцинација.мк, поради возраста.
Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вчера посочија дека последните информации од Министерството за здравство се дека изминатава недела е почната процедурата за спроведувањето на вакцинацијата кај новинарите.
– Веројатно се чекаше да пристигне поголемо количество вакцини. Овие денови пријавените новинари треба да добијат известувања за термин за вакцинација. Пријавени се над 1.500 медиумски работници – посочија од ЗНМ.
Инаку, на 12 април се вакцинира првата група на медиумски работници преку ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, во соработка со Министерството за здравство.
Тогаш беа вакцинирани околу 600 луѓе, од критична група над 40 години и луѓе што се со хронични болести.
Претходно, на 23 март, сто македонски новинари се вакцинираа во Србија, преку Македонската асоцијација на новинари, во соработка со партнерското Здружение на новинари на Република Србија.

Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена посочи дека новинарите биле едни од најприоритетните групи и едни од првите во земјава што се вакцинирале, според критериуми што важеле и за други ризични професии, како полицијата и армијата.
– Голем број новинари веќе се имунизирани. По тој систем за приоритет за дополнување на групите, во текот на следната недела ќе дојде ред и за тие што досега не се вакцинирани – посочи Филипче.
Според Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Вкупно се аплицирани 232.485 дози вакцини, а ревакцинирани се 36.366 граѓани. Завчера се вакцинирале вкупно 12.211 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 9.711 граѓани.
Бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата вакцинација.мк е 384.706 граѓани.
Оттаму посочуваат дека со пријава на вакцинација.мк е најлесниот и најбрз пат до термин за вакцинација.
Со последните бројки, 44 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 36 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

[email protected]