Фото: Маја Јаневска-Илиева / Фото: Архива

Неизвесност, радост, но и понекоја солза меѓу родителите и децата го обележија вчерашниот прв ден на отворањето на градинките, кои во услови на пандемија на коронавирусот ќе функционираат по строго утврдени правила и протоколи или таканаречено по војнички ред и дисциплина

ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ, ГРАДИНКИТЕ ГИ ОТВОРИЈА ВРАТИТЕ

Градинките од вчера ги отворија вратите за прием и престој на децата во претшколска возраст. Со точно обележани места пред влезот на градинката од два метри, вработените во „Бубамара“ во Ново Лисиче, вчера ги пречекуваа родителите што ги носеа своите деца во градинка. На секој од трите влеза во објектот имаше средства за дезинфекција.
Вработените носеа маски на лицата, а на секој од влезовите стоеја постери на кои пишуваше да се внимава на почитувањето на мерките. На сите деца им беше мерена телесната температура.
– Добро е што се отворија конечно градинките. Ние возрасните мора да работиме, а немаме друг избор за чување на децата. И моите деца едвај чекаа да појдат повторно во градинка – вели Анета Стојановска, жителка на Ново Лисиче.

На првиот ден во градинка се слушаше и како плачат некои деца што се веќе внатре. Според вработените, можно е да биде потешко во овој период додека се навикнат на престојот во градинка по толку долго време отсуствување. Родителите на децата или, пак, некои други надворешни лица, немаат право да влезат во објектот.
Оваа градинка вчера ја посети министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа побара сите учесници во овој процес да ги почитуваат правилата за да се обезбеди што поголема заштита од ковид-19.
– Да се почитуваат правилата, за што побезбеден престој на децата во градинка, почнувајќи од приемот на децата, па до крајот на нивниот престој во градинка. Процените на Министерството за труд и социјална политика, врз основа на анализа, се дека има место за 19.000 деца во градинките низ Македонија. Услов за упис беше родителот да е самохран или двајцата родители да се вработени, а да не можат да работат од дома. Интерес изразиле 14.555 родители, па така има уште 4.500 слободни места. Апелирам, при секој најмал сомнеж за појава на симптоми, да се пријави тоа и да се постапи во согласност со протоколот – рече министерката.

Во согласност со правилата за воспитно-згрижувачкиот кадар, секој вработен мора задолжително да носи лична заштитна опрема (маска) кога е на работното место. Треба да се практикува често миење на рацете и особено внимание да се посвети на потребата од засилени хигиенски мерки во случај на миење, хранење, држење во раце на децата. При јадење не треба да се дозволува децата да споделуваат храна едни со други.
Исто така, не треба да се користат играчки што не се перат и дезинфицираат, особено меки играчки (платнени) и истите тие да се отстранат од групите – занималните.

Во однос на дистрибуцијата на храна, задолжително треба да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, а лицата што доставуваат храна задолжително да носат заштитни маски и ракавици. Храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со претходно направена дезинфекција на масите и на рацете.