До средината на јуни може да се очекува Државната изборна комисија (ДИК) да добие привремен состав со мандат од шест месеци, додека до крајот на есента се очекуваат нови измени во Изборниот законик со што би можело да биде опфатен и изборниот модел.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека работните групи го договориле ова преодно решение за избор на членови на ДИК, што е засновано на стариот закон.
– Ние како координатори на сите политички групации во Парламентот се договоривме да поднесеме предлог законско решение што е темелено врз постоечкото или старото законско решение, имајќи предвид дека разговорите помеѓу работните групи за измени на изборното законодавство се во тек и ќе течат и понатаму, Но, од друга страна, факт е дека во државата не постои Државна изборна комисија (ДИК), рече Тунтев, посочувајќи дека нејзините надлежности не се поврзани само избори, туку и со други форми на изјаснување.
Според ова решение, ДИК ќе има седум членови од кои претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат предложени од страна на опозицијата, а потпретседателот и тројца членови ќе бидат на предлог на владејачкото мнозинство. Мандатот на овие членови ќе биде до шест месеци.
– Претпоставувам дека до крајот на есента ќе завршат преговорите и ќе имаме нови законски решенија за изборното законодавство, рече Тунтев додавајќи дека се уште нема поделба на местата за членови на ДИК.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ потенцира дека тие остануваат на нивните залагања за целосна реформа на изборното законодавство во смисла на една изборна единица, отворени листи итн.
– Меѓутоа една политичка партија тоа не може сама да го дефинира. Тоа ќе излезе како резултат на преговори, што не секогаш, се лесни и не само на преговори меѓу власта и опозицијата, туку и внатре меѓу коалициските партнери, изјави Тунтев.
Според него, реформата во изборното законодавство ќе значи многу за развојот на демократските процеси во оваа држава.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев изјави дека се враќа старото решение, според кое претседателот на ДИК ќе биде од редовите на опозицијата, а потпретседателот да биде од владејачкото мнозинство.
– Од септември – октомври ќе следи нов договор за составот на ДИК, рече Данев.
Според него, треба да започнат разговорите во однос на измените на Изборниот законик, од аспект на изборниот модел.
– Верувам дека партиите ќе донесат решенија во интерес на граѓаните односно демократијата во Република Македонија, рече Данев.
Во однос на прашањето за отворени листи одлука, според него, треба да донесе партијата.
– Ако мене лично ме прашувате јас немам ништо против да бидат отворени листи, и мислам дека на тој начин волјата на граѓаните ќе биде на повисок степен испочитувана отколку што е сега, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Данев.
Измените на Изборниот законик се очекува да биде на дневен ред на седницата на Собранието закажана за 21 мај.
Помалите политички партии во земјата бараат измени во изборниот модел односно гласање на т.н. отворени листи.