Во сублимиран заклучок на соговорниците со кои се консултиравме, аналитичари, професори и познавачи на актуелните состојби, се издвојува ставот дека практично е невозможно на претседателските избори да победи независен кандидат, бидејќи општеството е комплетно партизирано. Според нив, дури и да биде поддржан независен кандидат од некоја политичка опција во земјата, тој во процесот ќе стане зависен од партијата и ќе биде сомелен во дејствувањето. Според соговорниците, неговата визија, план и работа ќе бидат ограничени поради партиските интереси на партиската опција што ќе го поддржи
Постои ли шанса во Македонија независен кандидат да победи на трката за претседател? Ќе се прекине ли традицијата со претстојните претседателски избори, шефот на државата да се избира од редовите на политичките партии?
Во услови кога партиите се во потрага по кандидат за претседател, вниманието на јавноста го привлекуваат најавите за можни независни кандидати.
Хронолошки гледано наназад, речиси пред секои избори со вакви амбиции се јавуваат повеќемина кандидати. Меѓутоа, досега тие амбиции завршувaле или со најава, или со безуспешен обид за собирање на потребните десет илјади потписи за кандидатура или, пак, со неуспех во првиот круг на трката. Ваквата практика беше редовна на сите претходни претседателски избори, со исклучок на првите во 1994 година, кога учествувале два кандидата, а победи Киро Глигоров, кој беше кандидат на коалицијата предводена од СДСМ.
Во сублимиран заклучок на соговорниците со кои се консултиравме, професори и познавачи на актуелните состојби, се издвојува ставот дека практично е неможно на претседателските избори да победи независен кандидат бидејќи општеството е комплетно партизирано. Според нив, дури и независен кандидат да биде поддржан од некоја политичка опција во земјата тој во процесот ќе стане зависен од партијата и ќе биде сомелен во дејствувањето. Според соговорниците, неговата визија, план и работа ќе бидат ограничени поради партиските интереси на партиската опција што би го поддржала.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска, која самата беше независен кандидат за претседателските избори објаснува дека и како професор, но и како граѓанин, можe да посведочи дека постапката за (само)кандидирање за независен претседателски кандидат е речиси невозможна мисија.
– Пречките со кои се соочив пред пет години, кога како непартиска личност се обидов да се вмешам меѓу кандидатите кандидирани од политичките партии, беа не само многубројни и различни, туку и комични понекогаш – вели професорката.
Таа истакнува дека накратко, целиот изборен систем е поставен на начин што фаворизира големи партии, а практично елиминира граѓани-поединци, иако според Уставот сите имаме и активно и пасивно избирачко право.
– Прво, цензусот, т.е. бројот на потребни потписи е многу висок за мала земја како Македонија. Потоа, собирање за само две недели е исклучително кус рок, затоа што потенцијалниот кандидат не располага ниту со организациска структура, ни со финансии, ниту медиумски може да комуницира со граѓаните.
Канцелариите на ДИК каде што се депонираат потписите се посебна приказна: вистинска авантура е за граѓаните на општината Карпош во Скопје да ја најдат затурената барака и канцеларија (во Козле), која дури не е ни лесно пристапна. Од потенцијалниот кандидат се очекува да си обезбеди овластени предлагачи, самата/иот не можете да се пријавите, мора да барате предлагачи иако сте независен! – вели Ванковска.
Професорката натаму објаснува дека тука не завршува сѐ туку сите или повеќе канцеларии на ДИК, со овластувања заверени на нотар, а притоа дури и тетратките во кои се впишуваат граѓаните морате самите да ги направите графички, да ги нумерирате, укоричите и доставите низ целата земја.
– Се соочив со канцеларии, кои или беа затворени во работното време кога требаше да им бидат на располагање на граѓаните (долги паузи или си решиле дека не треба веќе да седат на работното место), или дури и со подметнување на списоците за другите кандидати. Партиите се во предност со своите партиски војници, кои дежураат пред канцелариите, а граѓаните многу често исплашени да не бидат видени како даваат потпис – раскажува професорката.
Ванковска објаснува дека медиумите ја ставиле под мраз и никој не известувал ни каков е формалниот тек на постапката, ни каде се нејзините канцеларии!
– Преку социјалните мрежи и со група волонтери правев што можев, но не беше доволно – вели Ванковска.
Професорката сумира дека притисокот врз (потенцијалниот) независен кандидат е огромен: додека на партиските кандидати не им се бара никаква програма, јавноста инсистира независниот однапред да ги отвори картите и да води преткампања, за потоа да трча (со иста кондиција?!) со другите.
– Што се однесува до тоа колку поединецот што би се пријавил за трката е сосема независен, тоа е шпекулативно прашање. За себе знам дека никој не стоеше зад мене (иако медиумите шпекулираа на раб на клевети), сѐ платив сама, многу млади волонтери помогнаа, но и блиски пријатели на кои сум им бескрајно благодарна. Хипотетички, независниот кандидат може да биде зависен кога ќе се соочи со нужноста да бара финансиски средства за кампања (ако го мине прагот од 10.000 потписи), односно да почне да влегува во одредени односи со бизнис или други кругови на моќ – вели Ванковска.
Професорката резимира дека ова е постапка што не би му ја препорачала никому додека имаме вакви правни и административни решенија, а администрацијата е партизирана, бидејќи овој систем е скроен и замислен да им служи на партиите, особено на големите, а не на граѓанинот како активен чинител во политиката.
Аналитичарот Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) има согледување дека повеќето аналитичари и коментатори заклучиле дека не е можно независен кандидат да победи на избори. Тој делумно се согласува со ова гледиште, но самиот отвора сосема друг, многу интересен агол на кандидирањето и процесот на борбата на кандидатот за претседател на државата.
– Ваквите анализи се делумно точни, особено во поглед на последиците – дека не е можна победа на независен кандидат, но и ограничени во поглед на причините. Клучниот проблем е поаѓањето од претпоставката дека учество на претседателски избори треба да се направи само со мотив на победа, а не со други мотиви. Претседателските избори се анализираат само од агол на избор на најдобар кандидат за претседател, кој е на врвот на својата политичка или друга кариера – смета Клековски.
Тој во својот осврт на случувањата истакнува интересно размислување, во кое вели дека претседателските избори не треба само да се анализираат од призмата на победата на нив туку тие треба да бидат гледани и како можност за афирмација на личности и политики, каузи, интереси, идеи на независни кандидати или на кандидати на трети помали партии.
Во секој случај, во пресрет на претседателските избори напролет, останува да видиме кој ќе се вклучи во претседателската трка и дали можеби независните кандидати ќе успеат да им парираат на кандидатите на политичките партии зад кои стои партиската машинерија. За граѓаните секако значајни се квалитетот, интегритетот, стручноста, конкурентноста, целокупниот општествен и морален кредибилитет на секој кандидат и врз основа на сите овие параметри ќе ја носат и својата одлука.