Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“ веќе со години во фокусот на своите новинарски истражувања и информирања ги има состојбите со загрозувањето на животната средина. Преку нив се посочуваат и лоцираат проблематичните точки, при што се нудат експертски мислења, анализи и решенија за надминување на ваквите состојби, кои, за жал, пак ни се повторуваат…

НОВА ГРЕЈНА СЕЗОНА – СТАРИ ПРОБЛЕМИ СО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

Кратко време по почетокот на грејната сезона и со намалувањето на температурите, во населените места и урбаните средини веќе се видливи последиците од загадувањето, а особено од загадениот воздух.
Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во светот, а од скопските општини досега најзагаден беше воздухот во Карпош, Центар и Лисиче, но и во другите населби. Апликациите за мерење на загаденоста на воздухот деновиве покажуваат рекордни нивоа на штетни материи во воздухот, со предупредување за опасност од престој на отворено. Ако е вака сега, кога дневните температури се релативно високи, како ли ќе биде во следните месеци и во зима:
Иако грејната сезона е штотуку започната, во главниот град и сега веќе тешко се дише. Граѓаните се жалат на лоша миризба и енормна загаденост, а и во другите градови ситуацијата не е ништо подобра. Тетово, Велес, Кавадарци и Кочани исто така се високо на листата на „Ер вижуал“, како градови каде што воздухот е опасен за чувствителните категории на граѓани.
Пулмолозите предупредуваат дека загадувањето на воздухот не само што само по себе претставува голема опасност туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови, особено во време кога живееме со пандемија. Големо ниво на ПМ10-честички во воздухот веќе неколку дена е забележано во главниот град, а неодамна тоа повеќекратно ги надмина толерантните граници во неколку скопски општини. На социјалните мрежи кружат фотографии на кои се гледа како се зголемува загадувањето на воздухот во текот на вечерта.
„Нова Македонија“ веќе со години редовно информира и алармира за овие загрижувачки состојби, ги посочува проблематичните точки и нуди експертски мислења и анализи за надминување на ваквите состојби.
Од Град Скопје неодамна посочија дека бројките покажуваат дека последните четири години нивото на ПМ 10-честички е во постојан пад, а на годишно ниво количеството на овие честички дошло до граничната вредност. Но наспроти ваквите тврдења, граѓаните секојдневно го гледаат и чувствуваат спротивното. Во градот сѐ потешко се дише и загаденоста на воздухот зема сѐ поголем број жртви.
Министерот за екологија Насер Нуредини вели дека „преку законски измени ќе се намалува загадувањето во земјава“. Тој во свое телевизиско обраќање изрази ригорозен репресивен став за зголемување на казните за загадувачите, а во оваа борба со проблемот, министерот ја префрла одговорноста кон локалната самоуправа.
– Општините и локалната власт да имаат план за менаџирање каде што, ако се надминат границите на загадување, тие ќе бидат обврзани да преземаат прецизни мерки, на пример да ги сменат сообраќајот, работното време, распоредот на индустријата, на начинот на греење. Ако локалната власт не ги преземе овие активности, Владата ќе има право да интервенира и да предложи да ги повлече одлуките – рече министерот Нуредини.

Недостигот од струја може да поттикне поголемо загадување

Во меѓувреме, илјадници граѓани низ Македонија и оваа зима можеби нема да можат да си дозволат ефикасно и во полн капацитет загревање во своите домови со електрична енергија, поради најавите за глобална криза со недостиг од електрична енергија. Во една таква состојба за очекување е греењето на домовите да се врши со огревно дрво, кое „го полни“ воздухот со отрови. Во тој контекст, се наметнува прашањето дали ќе се оствари во целост изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши, кој неодамна нагласи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата?!

Екологисти и институции, мерки и прогнози

Во изјава за „Нова Македонија“, од Министерството за животна средина велат дека стратегиските определби за борба со загадениот воздух на нашата држава се во сила и активно се применуваат.
Тие објаснуваат дека во земјава се лоцирани изворите на загадувањето на воздухот во урбаните и во индустриските средини каде што има примарни извори, емитирани директно од извори на загадување, но и секундарни, формирани со интеракција на две или повеќе загадувачки супстанции.
– Институциите во земјата константно го мерат нивото на загадувањето на воздухот преку мерните станици чии инструменти се надгледуваат редовно, на секои 10-15 дена, а добиените податоци од нив се ажурираат. Мора да се напомене дека во изминатиов период забележано е намалување на загадувањето на воздухот во државата во текот на целата година, иако со почетокот на грејната сезона за очекување е дека нивото може благо да се зголеми, а сето тоа засега е во нормални граници. Токму затоа оперативниот пристап кон оваа проблематика е секогаш приоритет, а целите за 2021 година на Министерството се веќе исполнети – велат од таму.
Од друга страна, Дејан Поповски, кој се занимава со екоактивизам, смета дека сите влади досега во нашата држава не успеаја да најдат решение за загадувањето на воздухот, особено наесен, кога ќе започне грејна сезона, бидејќи тогаш ова случување најсериозно влијае врз здравјето на возрасните, но и на децата.
Тој анализира дека оваа година ќе се соочиме со потешки состојби, бидејќи основните превентивни мерки што ги користеше државата досега со стимулирање на струјата како главен извор на греење ќе бидат тешко изводливи поради недостигот од струја од глобалната криза.
– Јас советувам дека граѓаните треба да помогнат во состојбите кога државата не дејствува многу за превенција на овој проблем. Ако е можно, препорачувам граѓаните да го минимизираат транспортот со возила и сѐ поактивно да носат маски кога ќе биде најзагадено, бидејќи тие ем ќе нѐ штитат од пандемијата ем ќе ни ги штитат белите дробови и од ПМ-честичките. Неопходно е дома да имаме прочистувач на воздухот, бидејќи кога се проветрува влегува загаден воздух, па се активира прочистувачот на воздух – објаснува Поповски.

Долгогодишниот енергетичар и поранешен министер за финансии Џевдет Хајредини во својот осврт на случувањата за „Нова Македонија“ вели дека државата се наоѓа во многу тешка состојба кога се говори за предизвиците што се пред нас поврзани со набавката на електрична енергија.
– Не може да не се исклучи сценариото дека е можно да нема доволно струја за домаќинствата како што ќе прогресираат зимата и економската глобална криза – вели тој.
Експертот, анализирајќи ги најавите на државата дека ќе увезува јаглен за да работат нашите центри за производство за електрична енергија, вели дека многу работи се нејасни.
– Никој не оспорува дека државата сака да набави јаглен, но истовремено и не кажува од каде и за колкава цена. Ресурсите со јаглен се исто така проблематични на глобално ниво, а наедно и транспортот до Македонија чини многу, а на начинот како што се планира – невозможен. Оттука, и овој план на властите е проблематичен – вели тој.
Токму поради овие причини, високата цена за транспорт на јаглен, како што истакнува Хајредини, Македонија кога беше во Југославија инвестираше во ископи во соседно Косово, а, за жал, тоа заврши кога се распадна заедничката држава.
– Ние имавме договор со косовските копови на јаглен и оттаму го набавуваме по релативно ниски цени, бидејќи инвестиравме како република во нивните капацитети. Но, за жал, се распадна заедничката држава, а со тоа и пропадна нашиот евтин увоз на јаглен – вели експертот.
Тој поентира дека несаканата состојба во која се наоѓа државата со енергентите се должи на непостоењето на плански политики на сите влади на Македонија во овие изминати години.


Што препорача ЕК за загадувањето во Македонија

Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на реформите во насока на процесот за зачленување на земјата во Унијата, во делот на документот што се однесува на животната средина, вели дека сработеното не е доволно.
– Идната година Македонија треба особено да ја подобри интерсекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво – се наведува во извештајот.
Во документот на Брисел за животната средина се забележува и дека квалитетот на воздухот во државата е незадоволителен и се потенцира дека е неопходна финансиска помош за инвестирање во редуцирањето на употребата на фосилните горива.


Каква е опасноста по здравјето

Воздухот во Македонија секоја грејна сезона станува алармантно загаден. На тоа укажуваат мерните станици, кои речиси секојдневно регистрираат загадување што е повеќекратно над дозволеното. Поради тоа што воздухот е загаден со опасни честички, жителите на повеќе македонски општини дишат на „жабри“. Иако Законот за квалитет на амбиенталниот воздух е приспособен со строгите вредности од законодавството на Европската Унија, загадувањето на воздухот во Македонија со години е над европскиот стандард.
Светските истражувања покажуваат дека во просек во Европа околу 15 проценти од смртните случаи од ковид-19 се должат на загадувањето на воздухот, кое го олеснува прогресот на заболувањето кај луѓето. Пулмолозите предупредуваат дека загадениот воздух го олеснува патот на вирусите до белите дробови, особено кај децата.
Македонските граѓани, заедно со соседите во регионот од Косово и Босна и Херцеговина, дишат потоксичен воздух од нивните европски сограѓани.
Светската банка информира дека во земјата изворите на загадувањето најчесто се лоцираат во индустријата, затоплувањето на домовите и производството на енергија, додека во Скопје најголем удел имаат сообраќајот и согорувањето за загревање на домовите на семејствата.
Оттаму информираат и дека црната статистика вели дека годишно над 1.300 смртни случаи се последица на загадувањето на воздухот, а постојано расте и бројот на оние на кои им е потребно соодветно лекување.

[email protected]