Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека е успешен и ветувачки текот на преговорите со Грција и ги охрабрува властите храбро да пристапат кон затворање на долгогодишниот спор.
На состанок во петокот, Претседателството на ДУИ, освен за проблемот со името, дискутирало и за односите со соседите, интеграцијата во НАТО, системските реформи, извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, преговорите со Европската унија, проширувањето на парламентарното мнозинство, како и за јазичната еднаквост.
– Претседателството го констатираше успешниот и ветувачки тек на преговорите за надминување на последната пречка за целосна евроатлантска интеграција и ги охрабри властите храбро да пристапат кон затворање на долгогодишниот спор со Грција – соопшти денеска партијата.
Првите луѓе во власта од ДУИ поднеле детални извештаи пред Претседателството на партијата врз основа на кои се донесени програмски заклучоци за имплементација: за поквалитетно образование, здравство, култура, фер адекватна и квалитетна застапеност, зголемена децентрализација, локална политика, економски развој и социјална добросостојба, животна средина, инфраструктура,…
– Членовите на Претседателството го разгледаа и напредокот во спроведувањето на програмата за секој дел од власта посебно и дадоа конкретни упатства за продолжување на работата во духот на исполнување на изборните ветувања и адресирање на очекувањата на граѓаните – наведува ДУИ.
Претседателството донело заклучоци за континуитетот на спроведувањето на програмата од страна на извршната власт и ги разгледало извештаите на локалните власти и програмските приоритети за општините во насока да изгради стратешка, ориентирачка и кадровска политика за наредните две децении.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети за идниот месец најавил состанок на Централниот совет како највисоко тело меѓу два конгреса.