Претседателските кандидати и денеска на средби со граѓани, трибини и митинзи ја продолжуваат изборната кампања со претставување на нивните програми и концепти.
 
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова, ќе одржи митинзи во Тетово и во Гостивар.
 
Карванот на коалицијата „Заедно напред“ на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе биде на средби со граѓани на Градско, Росоман, Демир Капија, Неготино и Кавадарци.Пендаровски ќе учествува на граѓански трибини во Дом на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско  во Пензионерскиот дом во Росоман, во спорстката сала во Демир Капија и во Домот на култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. Централниот настан е најавен во Кавадарци каде во Домот на култура „Иван Мазов Климе“, ќе се одржи трибина и ќе има обраќања на кандидатот Пендаровски и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
 
Претседателскиот кандидат Блерим Река, кој доби поддршка од БЕСА и Алијансата на Албанците, за денеска нема најавено настани.
 

Во досегашната кампања меѓу клучните теми на кандидатите изнесуваа свои ставови беа Договорот од Преспа, проблемот со миграцијата на младите, перспективите за членство на државата во НАТО и ЕУ, но и дневно политички теми.

Според најавата од изборните штабови, Силјановска Давкова ќе се претстави на централен митинг во Скопје претстојниот викенд на 13 април, а ден потоа, на 14 април, централен митинг ќе има и Пендаровски. Река ќе има завршна конвенција на 18. месецов.

Кампањата официјално почна на 1 април, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето на 21 април.