Претседателот на СДСМ-Куманово, Мартин Костовски, покрена иницијатива за поддршка на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, кој вчера најави оставка.
– Јас, Мартин Костовски, претседател на ОО СДСМ-Куманово, од денеска покренувам иницијатива кај сите социјалдемократи во државата за поддршка на претседателот Зоран Заев. Недвосмислена и безрезервна поддршка да остане на лидерската позиција во СДСМ. Искрено и чесно, одговорно и храбро, многу дадовме за овие 5 години за Македонија, за СДСМ – вели Костовски.
Заев синоќа изјави дека поднесува оставка од премиерската функција и претседателската функција во СДСМ.
– Ја превземам одговорноста на себе за ваквиот развој на настаните. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа за силна Македонија. Изразувам посебна огромна почит до мој, прогресивен мој народе. Посакувам новите градоначалници одговорно и чесно да им служат на граѓаните. Горд сум што ја внесовме земјата во НАТО, а кај мене има разочараност, затоа што мнозинството од народот го избраа оние кои сакаа да убиваат во парламентот – рече Заев по изборите.