Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе биде домаќин на претседателот на Европскиот Комитет на регионите, Карл-Хајнц Ламбертс, кој од денес е во работна посета на Република Македонија.
Во рамките на посетата, Османи и Ламбертс ќе одржат средба на која ќе се разговара за можностите за унапредување на соработката која се одвива преку Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија, како дел од напорите на земјата за усогласување со европските правила, стандарди и вредности на сите нивоа. Покрај актуелностите поврзани со европските интеграции, ќе бидат отворени и темите за развојот на локаните власти, децентрализацијата, соработка помеѓу централната власт и локалната самоуправа, како и размена на добри практики меѓу европските региони и градовите.
Во рамки на посетата, Ламбертс ќе се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски и претседателот на Парламентот, Талат Џафери, а ќе оствари одделни средби и со министрите за надворешни работи и локална самоуправа, Никола Димитров и Горан Милевски.
Во агендата на Ламбертс предвидена е и заедничката средба со Петре Шилегов, претседател на Заедницата на единиците на локални самоуправи на Македонија и градоначалник на Град Скопје и Благој Бочварски ко-претседавач на Делегацијата на Македонија во работата на Заедничкиот консултативен комитет.