По потпишувањето на договорот на кој во неделата ставија параф министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со почетоков на неделава практично повторно се наметнуваат трки со рокови за ратификација на договорот за името, кој е поврзан со евроатлантската интеграција на Македонија. Иако ваквите чекори навистина се предвидени со договорот од Нивици, во јавноста е наметнат впечатокот дека тие се всушност суштината и дека таквите наредни чекори се судбински и значат „живот или смрт“.
Иако таквите постапки и наметнувањето на таквиот ракурс на работите се далеку од битието на споменатиот договор, сепак и институциите продолжуваат да наметнуваат динамика со која потенцијално може со техничките прашања да бидат засенети суштинските, односно да се занемари она, како што нагласуваат правниците, што е „петитум“ (суштина, срцевина) на договорот.
А каква динамика се наметнува за споменатите технички прашања и што предвидува таа? Имено, целта на оваа „трка“, според најавите од Владата, е имплементацијата на договорот да заврши што е можно поскоро, пред бриселските самити на НАТО (на 11-12 јули) и на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ (на 25 и 26 јуни), на кои, според нивното толкување, „Македонија очекува да добие зелено светло за членство во Алијансата и почеток на преговорите со Унијата“.
Во таквиот контекст, на пример, Владата на вчерашната седница го усвои предлог-законот.
– На денешната редовна 74-та седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои предлог-законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Привремената спогодба од 1995 година и воспоставување стратегиско партнерство помеѓу страните, по предлог на Министерството за надворешни работи. Предлог-законот за ратификација ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија – информираа од Владата.
Во контекст на овие сценарија, истите извори информираат дека процедурата предвидува по пристигнувањето на предлог-законот во парламентот, пратениците да го гласаат договорот со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници (минимален кворум за работа на Собранието се најмалку 61 пратеник, а 31 од нив треба да гласаат „за“ договорот за да се ратификува). По гласањето, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го потпишува предлог-законот и тој оди на потпис кај шефот на државата, претседателот Ѓорге Иванов, кој, пак, во рок од седум дена треба да стави свој потпис. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш тој мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласаат „за“. Договорот по оваа процедура повторно, по вторпат, се враќа до претседателот. Со оглед на тоа што Иванов веќе најави дека нема да го поддржи договорот, и во овој случај е можно Иванов да ја повтори одлука за непотпишување на законот, како со Законот за употреба на јазиците, а според Уставот единствено со потпис од претседателот на државата може да се објави закон во „Службен весник“ и со тоа тој стапува во сила.
Во секој случај, почитувањето на внатрешното право, актуелните позитивноправни прописи на Р. Македонија и востановените со закон и Устав процедури треба да бидат рамка во која правото ќе биде неприкосновено над политиката и политичките еквилибристики. Ако е факт дека меѓународното право како такво беше многупати прекршено на штета на Р. Македонија во наметнатиот спор за името со Грција, тоа не значи и дека внатрешното национално право треба да се толкува, растегнува и приспособува за дневна политика. Тоа значи дека и во ваква форсирана динамика, доколку правните процедури се прекршуваат, тоа значи и дека дефинитивно ќе отсуствуваат принципите на правна држава, владеење на правото и, следствено на тоа, ќе има импликации на договорот.
Во врска со почитувањето на процедурите, вчера се јави и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, која прецизира дека сѐ додека не се заокружи целосно во процедура што е предвидена за вакви меѓународни договори, Европската Унија ќе продолжи да ја нарекува земјата според привременото име.
– Договорот е постигнат, но остануваат одреден број чекори што треба да се преземат за да биде комплетиран, за официјална комуникација ќе продолжиме да ја нарекуваме поранешна југословенска Република Македонија, како што е случај во нашите соопштенија досега – изјави Коцијанчич.
Во прилог на оваа констатација оди и неодамнешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави дека партијата, почитувајќи ги сите легални демократски средства, нема да поддржи промена на Уставот за промена на името.
Како прво можно такво средство пред чинот на ратификација се спомнува Комисијата за надворешни работи, низ која треба да помине договорот пред да се најде на пленарна седница. Со таа комисија претседава поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски. Во таквата процедура сосема е можно доколку предлог-законот пристигне во оваа комисија, тој да се обиде преку своето дејствување процедурално да ја оспори ситуацијата. Сепак, различните комбинаторики предвидуваат и дека и оваа потенцијална пречка не е непремостлива за власта, бидејќи претседателот на парламентот може да овласти друг пратеник да претседава со седница на која било комисија. На пример, викендов во обраќање во медиумите Џафери најави, а во понеделникот владината прес служба и потврди, дека поради тоа што договорот е во врска со членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, под европско знаменце, наместо во Комисијата за надворешни работи, ќе биде испратен во Комисијата за европски прашања, чиј претседател е пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Според деловникот, расправата во собраниската комисија со европско знаменце може да трае најмногу три дена, со одредени ограничувања на дискусијата, по што договорот со евентуално поднесените амандмани би се нашол на пленарна собраниска седница.
На ова вчера реагираше и Милошевски, кој за медиумите изјави дека „се изигрува процедурата за ратификација на договорот“.
Според Милошоски, на овој начин Владата, во недостиг од аргументи за постигнатиот договор со Грција, ја злоупотребува, како што вели, својата позиција за да ја протурка ратификацијата во парламентот со што помалку расправа.
Следниот момент во гореспоменатиот контекст е во парламентот, а имено можноста опозицијата да ја одолжи дискусијата за законот за ратификација на договорот со Грција со обемни и широки дискусии на нејзините пратеници по ова прашање. Проблемот е лоциран во тој дел што за вакви случаи не е предвидено временско ограничување на дискусијата во македонското собрание, вклучувајќи ги можните реплики, контрареплики и процедурални забелешки, со што теоретски опозицијата, доколку сака, може да ја одолжува расправата барем до завршувањето на европскиот самит.
Натаму, уште еден момент како правен филтер на договорот од Нивици е и Уставниот суд, кој има право и да укинува меѓународни договори доколку утврди дека е направен правен преседан, како што на пример го стори тоа со укинувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција во 2002 година, кога го укина билатералниот договор за нафтоводот на „Окта“, потпишан во 1999 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше премиер Љубчо Георгиевски.
Состојбата е еднакво комплицирана по ова прашање и во Грција. Иако Владата на Ципрас неодамна го преживеа гласањето за доверба, постојат и низа реални пречки во процедурата и од нивната страна. Пред сѐ, грчкиот парламент може да е сериозна пречка, бидејќи актуелните случувања покажаа дека СИРИЗА има зад себе 153 пратеници, но не смее да се испушти од предвид дека грчкиот министер за одбрана Панос Каменос не го поддржа договорот. Имено, тој гласаше за поддршка на Владата, но нема и за договорот. А грчкиот парламент ратификува договори со три петтини од мнозинството, па, следствено на тоа, и по најавата дека 10 пратеници на СИРИЗА нема да гласаат за договорот, значи дека договорот и таму е на тенок мраз. Доколку, пак, и се изгласа, тогаш Република Грција треба да ѝ испрати нота на Република Македонија. Овој договор може да се сопне и на грчки референдум, па се поставува прашањето дали воопшто ќе преживее и таму.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никоски вели дека срамот што го доживеавме и капитулиравме во никој случај не е крај на нашите маки.
– Тоа го велам бидејќи прво и клучно е што ние прифативме да нѐ прекрстат на еден недостоен начин и второ, што исто така е важно, тоа не значи дека предавството што е направено и ќе успее. Има уште доста сцили и харибди на патот за да успее овој недостоен чин. Првото ќе биде во Собранието, со собирањето на двотретинско мнозинство за промена на Уставот, кое сега изгледа недостижно, бидејќи опозицијата цврсто стои на ставот дека нема промена на Уставот, а без неа нема да се постигне тоа. Следува референдумот, кој исто така е неизвесен, иако ќе се направи сѐ тој да успее, ама нашиот народ е мудар и не би требало да дозволи самопоништување. Останува и ратификацијата во грчкиот парламент, која исто така не е докрај извесна, што пак сѐ заедно покажува дека овој срамен чин можеби и нема да успее – вели Никовски.
За „Нова Македонија“, универзитетскиот професор Димитар Апасиев истакнува дека, освен правните пречки, финалниот проблем на спроведување на договорот е и од фактички карактер и неговата невозможна мисија тој да се ефектуира до крајот на годинава.
Според професорот, тука како факт може да се наведе и мандатот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој трае до мај 2019 година (што значи дотогаш нема да биде потпишан законот за ратификација на Преспанскиот договор), а наедно и мандатот на грчкиот премиер Ципрас, до септември 2019 година.