Од самиот почеток, по распадот на Југославија, Македонија е посебен случај. Во прашање не се само интересите на Грција туку тие се многу пошироки и токму затоа ни се случуваат секојдневните голготи веќе 25 години. Важи ли меѓународното право еднакво за сите, прашуваат аналитичарите
Се наближува фамозниот 17 април, кој деновиве помпезно се наметна во јавноста како датум кога Европската комисија треба да ѝ возврати на Македонија со чист извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ.
Иако Македонија според многу западни извештаи и тврдења е речиси единствена држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, проблемот со наметнатиот спор со Грција неформално повторно се издигнува на ниво на критериум за почеток на преговори со ЕУ, коментираат некои од аналитичарите.
Звучи апсурдно и парадоксално, но Македонија е надвор од ЕУ и од НАТО поради билатерално прашање, а многу други држави, меѓу кои и Грција, беа примени во истите овие сојузи и без решени прашања со соседите и со многу поголеми проблеми. И покрај исполнувањето на поголем дел од реформскиот процес на Владата именуван како 3-6-9, решавањето на спорот со Грција се наметнува како горчлив услов за почеток на преговорите и за конечен влез во Унијата.
Посетите на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, и на еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, на Скопје, кои беа во контекст на создавање атмосфера за решавање на спорот за името, велат политиколозите и дипломатите, на крајот се сведоа единствено како повисока уцена за смена на името, која можеби и единствено важи само за нас како земја-аспирант. Според нив, иако од наша страна има сосема јасни сигнали дека сме подготвени за некаков посериозен зафат во однос на спорот со Грција, тоа не го исклучува фактот дека ќе добиеме јасна формулација за препораката и датум за почнување на претпристапните преговори со Унијата.
Политикологот Милан Стефановски смета дека меѓународната заедница цели кон создавање политичка атмосфера за постигнување решение за името, но не и наш брз влез во ЕУ како што високите европски дипломати јавно декларираат.
– Од наша страна иако има јасни сигнали дека сме подготвени за некаков посериозен зафат во однос на името, изгледа и овој пат во препораката на ЕК не случајно ќе изостанува јасна формулација за препораката за почеток на преговори со ЕУ – вели Стефановски. Решавањето на спорот е критериум за почеток на преговорите, за што има јасни потврди од меѓународната заедница иако тоа никаде не го пишува, додава политикологот.
– Навистина доколку во минатото ги имплементиравме директивите во законите, и не само да ги имплементираме туку и да ги реализираме на терен, на некој начин проблемот за името ќе ни беше прогледан низ прсти. Сега трагично е што еден билатерален политички наметнат проблем се врзува за напредокот на Македонија во евроинтеграциите – додава Стефановски. Според него, решението за спорот ќе овозможи почеток на преговори, а не инстант членство во Унијата.
Од друга страна, поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека меѓународното право се применува само во ЕУ.
– Од самиот почеток, по распадот од Југославија, Македонија е посебен случај. Во прашање не се само интересите на Грција туку тие се многу пошироки и токму затоа ни се случуваат секојдневните голготи веќе 25 години. Атина не е таа што нѐ блокира во НАТО и ЕУ бидејќи ако беше таа во прашање пречката ќе беше многу лесно решена. Интересите се пошироки и затоа ние се наоѓаме на шаховската табла толку долго време. Треба да се очекува дека овој пат препораката ќе биде позитивна, по кој ли веќе пат меѓутоа сѐ ќе запре повторно на Европскиот совет, бидејќи решение за името наскоро тешко дека ќе има – вели Никовски.
Правен преседан е и што меѓународното право не се применува за сите еднакво, односно во случајот со Македонија тоа и воопшто не се почитува. Притоа во однос на наметнатиот спор со Грција, не само што се крши правото на самоопределување на Македонија туку се кршат и редица други меѓународни правни акти и повелби.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, пак, очекува извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ да даде чиста препорака за почеток на преговорите и да биде најдобар досега. Тој неодамна во Брисел ги имаше последните средби пред објавувањето на годишниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ. Османи се сретна со високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, европратеникот Ханс ван Бален како и со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. По средбата оцени дека позитивна енергија преовладува кај сите соговорници и дека има впечаток дека е препознаен напредокот, за кој е заслужно целото општество. Вицепремиерот очекува главните критики во годинашниот извештај да се однесуваат на именувања и отпуштања во јавната администрација како и прашања што се однесуваат на медиумите.
Инаку следната недела, по презентирањето на извештајот за напредокот на земјите, Македонија ќе ја посетат шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.